::СловоКулт:: ОСВРТИ::
02:: кон романот:: Еретички писма од Стефан Марковски:: ТРИ, Скопје, 2018
од Александра Димитрова
Во 2018 година преку книгоиздателството „Три“ од Скопје излезе од печат книгата на Стефан Марковски со наслов „Еретички писма“ или „Наоѓајќи ги небата што сјааат црвено“.
Иако од насловот се очекува дека станува збор за романот со епистоларна форма, сепак овој прозен ракопис не ги исполнува условите да биде наречен роман, бидејќи фабулата е неразвиена и бројот на ликови е лимитиран, па мораме да констатираме дека „Еретички писма“ е всушност новела. Новелата не е напишана во епистоларната форма како што би можело да се очекува од насловот, писмата се само интертекстуално инкорпорирани во новелата.
Од Прологот на новелата е видлива тенденцијата на Стефан Марковски (која ја има понатаму во целиот прозен ракопис „Еретички писма“) да користи долги и херменевтички обременети реченици, кои ги кршат синтаксичките правила на македонскиот јазик. Тенденцијата започната во прологот се провлекува и во првите неколку епизоди од новелата. Евидентно е дека авторот многу повеќе се трудел да се расфрла со латински изрази позајмени од философските читанки, но и да измислува свои зборови и сопствена синтакса на македонскиот јазик, наместо да се посвети на сериозно прозно градење на ликовите и приказната. Почетокот на новелата е слаб бидејќи отсуствува каква било просторна и временска детерминанта. Ликовите немаат ниту лични имиња, тие се наречени Уметникот, Таа, Поетот и сл.
Дури во четвртата или петтата епизода се дознаваат имињата на ликовите и просторот, а до тој дел од новелата може да продолжи да чита само многу упорен читател. Секој друг веројатно ќе се откаже по петнаесеттата станица, од проста причина што нема да може да направи поврзување на расфрланите епизоди, недоловените ликови и нејасните конверзации, потопени во многу лирика и метафорични описи.
Дескрипциите на емотивната состојба на ликовите се исклучително нејасни, херменевтични, а сепак кратки. Авторот скоро вештачки се обидува да направи поврзување на еден настан со друг или на една емотивна состојба со претходната.
Многу невешто внесен фантастичниот дискурс во новелата. Фантастичните ликови се појавуваат без никакво објаснување од страна на омнисцентниот наратор. Во еден миг фантастичниот женски лик во кој е вљубен и по кој копнее Уметникот е скулптурата, потоа ја именува како Смртта, па како Катја итн. Меѓу фантастичен или реалистичен лик лебди Поетот, кој некогаш прави реалистичен дијалот со Максимилијан, а некогаш е само производ на неговите соништа.
Приказната кога ќе се формира се плете околу главниот лик- шизофреникот Максимилијан кој во обидот да искреира совршена женска скулптура, започнува да убива млади жени од својата најблиска околина, бидејќи склучил договор со Смртта.
Сепак за да се формира приказната пред читателот, омнипрезентниот наратор многу невешто ги разоткрива мотивираните и немотивираните акции на својот носечки лик. Наместо да се сконцентрира кон градење цврста приказна и заплети како што налага жанрот, Марковски лута во обидите да даде големи одговори на големите животни прашања како што се смислата на животот, љубовта, односот со родителите, посветеноста на уметноста и слично. Лутањето е видливо и на ниво на реплики меѓу ликовите, па некогаш тие се високо-интелектуални и филозофски разговори, а некогаш нивото на комуникација се спушта до уличен жаргон со патетична смисла за хумор. Карактеризацијата на носечкиот лик е бледа, тој во еден миг е голем уметник кој живее во раскошна вила, јава расен коњ, а во друг момент свири во рок група, конзумира дрога и алкохол, силува жена во тоалетот и завршува во полициска станица.
Најневеројатната трансформација на носечкиот лик Максим е дека тој без некој прогрес и без големи објаснувања од оминипрезентниот наратор се открива како убиец и биполарен лик. Разговорите кои Максим ги води со Шарл=Поет=Еретик во ниту еден миг не навестуваат дека станува збор за шизофреничен лик, туку се добива претстава дека води дијалози со повисок авторитет или постар и поискусен колега од уметничкиот свет.
Кон средината на романот Максим има неброено многу халуцинаци и кошмари заради кои посетува психолог и пишува дневник, но и во тие епизоди омнипрезентниот наратор не навестува дека Максимилијан е сериски убиец.
Затоа Марковски морал да ги внесе писмата како интертекстуален елемент, се со цел да му покаже сосема пластично да читателот дека Максимилијан е серискиот убиец, а тие писма да ги прочита Маријана во радио емисија, па вештите и мудри полицајци да сфатат дека Максимилијан е убиец и да го фатат на лице место во обидот да ја убие Маријана. Крајот на романот е исклучително невешто изведен, Максим е лесно разоткриен преку еден метафоричен излив на емоции во радио емисија.
На тој начин Марковски наместо преку својот роман да одговори на „големите“ животни прашања преку големи и впечатливи ликови, напишал новела со многу лирска патетика која виси како лоша копија меѓу романите на Ју Несбе и Пауло Куељо.