:: Јовица Ивановски ::

 

СЕ ИЗГУБИВМЕ

 

Се изгубивме,

во преводот на македонски,

во сè што одбиваме да сфатиме

и тврдиме дека е непреводливо,

во минувалиштата на минливоста,

во просторот стуткан во тесен поглед,

во лажното минато и во слепата иднина,

во времето кое не е од ова време.

Во имитацијата на демократијата,

во системот кој нè ебе систематски.

Во времето на еболата од која овде

никој не боледува – можеби затоа што

од раѓање сме пелцувани со отров.

Во копнежот до болка за здрава Македонија,

која како брза помош ќе вози слалом

носејќи ѝ лек на сиромаштијата.

Во афионските полиња и во фармите

на ноеви, во полските клозети и во

Триумфалната капија.

Сонувајќи победа во битката со сеништа.

Гледајќи во земја, кон дното на дното

(спуштените глави не можат да видат

насмеани лица – само улично ѓубре и

чевли кои учат да газат по трупови).

Се изгубивме во новиот свет на нашите

предци пред кои предничиме со покорност.

Во гласот на народот кој зборува од стомак,

во смислата за хумор на оние што

немаат смисла за хумор.

Во изместените вредности и во

исчашената правдина.

Во традицијата на гените и во

идентитетот на секретот.

Во ќорсокакот на стварноста,

во илузијата наречена преживување.

Се изгубивме во лавиринтот на

политиката на видовитите кои и со

врзани очи го одат патот до бездната.

Се изгубивме во нашиот град,

на улиците болни од деменција,

на прекрстениот плоштад пред кој

се крстат странци,

пред нашите родни куќи од кои

ни мавтаат некои други одрази.

Се изгубивме во очигледното.

Ние сме незаштитени сведоци

на една невидена лакрдија,

а тие бесрамно се обидуваат

да ни ги сменат очите.

 

Алис Бејли::Гробишта:: Alice Bailly::Cemetery::1913