::Став наместо Страв::
::01:: Книжевната индустрија денес го доминира и одредува пазарот или: како квантитетот го затрупува квалитетот?
од Елизабета Линднер
© SlovoKult::Literatur/a:: сите права задржани
25.05.2018
Пазарот и економијата одредуваат каков треба да биде интересот на луѓето, што е она што тие посакуваат за себе и својот живот: колку се добри два литра флаширана вода на ден, спортска синтетичка функционална облека или таа и таа серија, таа и таа книга, сето тоа се шири преку медиумите, за да го олесни изборот на збунетите жители на Европа. Тие се мошне восприемливи за пораки и со тек на време го исклучуваат мозокот и го прават она што им се препорачува по омилените им (едни те исти) медиуми (органска храна од огромни ланци на органски супер маркети – парадокс!, веганство со синтетички производи со вкус на месо – парадокс! се други две масовни појави во Германија и Европа благодарение на медиумите).
Критички осврти кон нештата доаѓаат многу подоцна, а и тогаш масовно, кога ќе се закани опасност од премногу пластика, премногу микропластика во водите и океаните, премногу лажни вести, лажни политики, лажни учебници, лажни уметности, лажни книги… Но и покрај тоа, овие критики остануваат само моментален хир, предизвикуваат краткотраен “шок”, исто како и новостите од “црна хроника”, а потоа сè си продолжува понатаму.
На тој начин нештата перманентно губат на квалитет, а тој е важен за целокупниот живот на планетата Земја. Затоа што во времиња на кич, површност и лажни вести, смс и твитер, инстаграм, катастрофална телевизија и естрадни настани, човекот е доволно манипулиран и инструментализиран и не е ништо повеќе од алка во синџирот на системот, каде што треба и да остане. Единствено што може да му помогне да се оттргне, е да стекне навика на читање добри текстови и мислење со своја глава. Меѓутоа во тој хаос од шунд, тривијалност и естрада, кои владеат на пазарите и по медиумите и кои се земаат здраво за готово, тоа е речиси невозможно.
Книжевноста како и сé станато е фарса, бидејќи целосно му подлегна на пазарот и се врти околу сопствената леснотија, допадливост и површност, а читателите, дури и оние упатените, ја губат желбата и потребата за читање фасцинантни, софистицирани, смели, поинакви и критични дела, бидејќи не ги ни наоѓаат. Тие се некаде на дното од купиштата книжевно-индустриски производи, а никој не располага со толку време, за да ги бара истите.
Добриот текст што е толку многу оддалечен од читателите треба да стане нормалност, зашто само тој ја поттикнува мислата, а преку неа и интелигенцијата, без добри книги не само што индивидуално се отапува, туку истовремено и масовно се потхранува системот; мислењето со своја глава уште одмана е станато луксуз и способност на само мал процент од популацијата, кој знае да си го негува духот, умот и јазикот.
Богатството на јазикот го проширува капацитетот на умот, а длабочината на изразот е изостреноста на мислата, со конзумирањето добри текстови умот станува префинет и прецизен, а со него и говорот. Без добар текст се губи фината поврзаност со јазикот, се намалува фондот на зборови, а со тоа и обемот и степенот на свеста, која има капацитет за многу повеќе. Еден познат цитат од Витгенштајн вели “Границите на јазикот се границите на светот.” Со стеснувањето на речникот и можноста да се разберат релативно логични јазични склопови, се стеснува и светогледот. Истото важи и за способноста самите да се изразиме во логични (едноставни или комплексни) јазични комбинации, што отвора нови перспективи и мотивира за повеќе. Убавиот говор – кој во никој случај не смее да делува вештачки или наметнато, што важи и за добриот текст, ги мотивира и инспирира и луѓето околу нас, зашто преку продлабоченоста на јазикот и мислата можеме да се искажеме игриво, духовито, тажно, критично, вулгарно, а сето тоа да има своја смисла и да остави впечаток.
Луѓето кои читаат, поинаку се соочуваат со нештата и со светот, бидејќи ги јакнат своите способности за комуникација, која денес не е само вербална – на интернет таа се проширува и на чет, статус, форум, портал… Преплавеноста од слики и текстови бара голема интуитивна способност за селектирање на информации, со цел да се подобри квалитетот на комуникација со себе и со околината.
Добрите текстови ја потпомагаат таа интуиција и подготвеноста за соочување со многу други поважни нешта и случувања во самите нас и надвор од нас, а воедно се развива способноста на софистициран начин да се справиме со самите себе, па потоа и со светот околу нас. Јазикот е комуникација со себе, со другите, со светот, со ништото, со унивезумот … а за таа да биде ефективна и прогресивна, треба да поседува и поголем избор на зборови и комбинации.
Она што се случува во светот моментално е секнување на јазичните богатства, редуцирање на јазикот, па дури и стеснување на значењата на зборовите – со користење на некој збор за одредена пропаганда, автоматски му се одзема слободата да се најде во друг поубав контекст. Таа медиумска манипулација на јазикот и текстот мора да се надмине со придавање повеќе значење на читателот, а не само на информацијата, медиумот, пазарот и на писателот. Она што владее во книжевната сцена е економска пропаганда за величање на авторите во ѕвезди, а најмногу на оние тривијалните. Немаме веќе книжевност без ѕвезди и ѕвездички, а како што ни е познато, најдобрите автори никогаш не биле ѕвезди додека твореле, бидејќи авторот е пред сè интровертно суштество што си ја цени и сака самотијата, слободата и независноста. Има нешто во тој комерцијален флуид што дури и добрите автори ги принудува на потчинетост и оддаденост: foto-shooting, термини за турнеја, средба со овој и оној, насмевки, прилагодени интервјуа… Сето тоа наликува на деловна турнеја со политички цели, па зарем до таму дојде уметноста? Каде се читателите во оваа индустријализација на книжевноста? Да, тие се крајните конзументи, потрошувачи, обожувачи на ѕвездите, кои купуваат од нив потпишани книги – а некогаш и немаат време да проценат каква е книгата навистина, та ја купуваат зашто, ете, сите ја фалат, сите се сликаат со авторот, авторот е во сите медиуми, значи мора да е добра, а згора на тоа и потпишана. Потпишување книги има и на малите независни настани и читања во Берлин и Германија воопшто, но тие се посетени од многу мал број читатели, што е навистина тажно.
Бидејќи критика речиси и не постои, а и таа што ја има е настроена кон непоткрепени пофалби и величења, читателите не ни имаат друг избор освен да се обгледаат кон она што постои: фотографии на социјалните мрежи и медиуми, усмени препораки и пријателско рецензирање на книги, – ама не премногу, само на оние што се здобиле со статусот “ѕвезда” или се на пат тоа да го сторат.
Зашто едноставно: робата треба да се продава, пазарот чека. Секако дека има и квалитетни ѕвезди, но најголемиот проблем е што има премногу ѕвезди и ѕвездички кои се величаат од книжевните “стручњаци” и меѓу себе, а со тоа ги засенуваат оние многу подобри неѕвезди, кои творат и не се подготвени да излезат и да се индустријализираат. Ова особено важи за големиот пазар како германскиот, каде се оди дотаму, што постојат школи за писатели, кои автоматски влегуваат во индустријата како “дипломирани писатели”, иако можеби само 10% од нив се навистина добри писатели. Германија е голема, но толку многу писатели како што има сега, веројатно немала никогаш, книжевниот пазар е непрегледен и крајно површен. Но и во Македонија, и покрај тоа што е мала, сепак е проблем да се дојде до квалитетни наслови, бидејќи тие и овде се затрупани под неконтролираното прозиводство на книги за сечии желби и потреби, книги од ѕвезди-чки, книги со совети за секое банално прашање, книги за пуштање мозок на пасење,- во најголем дел површни и безвредни книги од секаков вид, а во нив се вбројуваат и (добри и лоши) преводи, преку кои, што би се рекло, исто така треба да се “направат” пари (дали преку институционална поддршка или продажба).
Дури и (лошо и добро) преведените книги – ако по некоја случајност се од современи автори, што е реткост, што се нудат, се најчесто од ѕвезди-чки, наменети за продажба на големо, неѕвездите остануваат некаде најдолу, бидејќи не можат да се пробијат низ тривијалноста на самобендисаните владетели на пазарот. Многумина се препорачани од лобистите на книжевната индустрија: критичари во познати весници, европски државни институции што имаат свои државни автори, кои ги поддржуваат на овој или оној начин. А никаде не се поддржуваат авторите, кои не ги исполнуваат условите да бидат допадливи, бидејќи најчесто ја кажуваат вистината што никој не сака да чуе или пишуваат во стил неприемчив за читателите навикнати на леснотија и површен занес.
Немилосрден е односот на книжевните индустријалци со книжевноста и со читателите, а особено со авторите, кои треба да се прилагодат, кои својата креативна енергија мора да ја жртвуваат, за да бидат дел од слика со мобилен за социјалните мрежи или слика под рефлектори и камери за медиумите. Многумина мораат или сакаат да се лактаат за фотки и за светло под рефлектор, како и да е, одлично би било доколку со својата ѕвездена прашина успеат да пренесат и некоја суштинска порака, а не само да го нахранат своето ѕвездено его. Естетска и суштинска порака и приказна секако треба да имаат во своите текстови, другото е споредно: на читателот му треба добра храна од поттикнувачки зборови, а не романтика од себеманифестации. Некои автори го поседуваат тоа суштинското и ним секоја чест! Но тие се малку, а тие малку ја одржуваат рамнотежата на квалитет со огромниот куп од безвредна книжевност од другата страна на вагата и помагаат да се подигне свеста на малкумина среде затапената маса.
Овие автори успеваат да ги поттикнат читателите, да го прошират нивниот фонд на зборови и слики со кои располага човечката свест и во неа отвораат нови димензии и ја зајакнуваат самосвеста и критичната мисла, бидејќи нивните текстови поседуваат природна (не наметната и ненаметлива или извештачена) книжевна интелигентност и естетика во кажаното и покажуваат особеност во стилот: со нив му се пркоси на она вообичаеното уништување на јазикот и на слободната мисла, а овие текстови произлегуваат само од прогресивни дела од талентирани автори и авторки. Со читањето добра нетривијална литература, човек автоматски му се спротивставува на перењето мозок што го демне од сите страни и има за цел да го остави инертен и неспособен да мисли. Читањето одбрани книжевни дела во денешно време е повеќе од било кога акт на отпор, бидејќи пазарот е преплавен од секакви книги што рамноправно се борат за читатели и конзументи, многу голем дел од нив се впрочем и непотребни, а ги затрупуваат оние што вредат да бидат прочитани и промовирани. Читателите се збунети, не знаат да одберат и земаат тоа што им се нуди, бидејќи масовните појави одамна ја освоија и оваа фела, а стручниот книжевен свет се велича самиот себе. Немањето поддршка за неѕвезди и немањето здрава книжевна критика го отежнува овој избор, но сепак малкумината пребирливи и посветени читатели доаѓаат до својата духовна храна.
А на мозокот несомнено му е потребен добар текст како храна, за да може да ја преџвака реалноста и повторно да ја воспостави изгубената врска меѓу јазикот и имагинацијата, да го прошири фондот и комбинацијата на зборови, да ја подигне свеста и да ја префини комуникацијата на човекот сам со себе, со себе и другите, со себе и светот.
Оваа деинструијализација на книжевноста ќе може да се оствари само преку одржување и поддршка на малите независни и некомерцијални книжевни кругови што се загрозени во своето постоење, бидејќи немаат средства и начини да опстанат и да се борат за читатели на пазарот, на кој владеат квантитативна книжевност, штанцање книги, продуцирање ѕвезди и ѕвездички, копнеж по пари, бескрупулозно лактање, прикриени еготрипови, вообразеност и самобендисаност и свесно или несвесно перење мозок. Малите независни и некомерцијални книжевни кругови имаат мали шанси да преживеат, – па така нема да има кој да ја пренесува критиката на овој перверзен однос кон книжевните вредности. Ентузијастичките книжевни и уметнички кругови како и многу други вредни нешта секогаш биваат уништени од непријателот, кој ја прифаќа и поттикнува пазарната власт без да забележи: неговото височество медиокритетот. Со него може да се поддржи фашизам, капитализам, колонијализам и комотно да се завладее со светот, а не па со еден обичен книжевен пазар.
За да се подобри оваа немила состојба во книжевната сцена, веќе погоре се укажа на важноста од тоа, да му се обрне повеќе внимание на читателот! Јас сметам дека квалитетот на едно дело е многу поважно од вкусот, меѓутоа бидејќи секој читател е особен, исто и неговите барања се индивидуални. Според мене секој читател може да работи на повишувањето на свеста, но сепак, во овој хаос никој не се посветува на задоволување на индивидуалниот вкус на читателите, но, од што зависи допадливоста на едно дело и како да се дојде до вистинските наслови?
:: Како да му се даде поголемо значење на читателот?
Токму пред објавувањето на овој текст на СловоКулт, во Германија излезе и критичниот текст на Леандер Штајнкопф, кој има многу интересен пристап кон оваа проблематика и затоа сакам да вклучам еден дел од неговиот став. Тој препорачува, критичарите конечно да кажат и збор-два за тоа, кому може да му се допадне книгата – еден искусен книжевен критичар би знаел тоа да го срочи, како што знае да ја срочи и својата, најчесто, одушевена критика од тривијалните четива.
Германија е многу конзервативна во однос на книжевноста, застарените норми и вкусови доминираат (- ова е видување на авторката!), затоа постојат и несреќни и незадоволни читатели. Штајнкопф го објаснува ова и алудира да се престане со неконтролираната реклама на задните корици – небаре книгите се питко пиво, – но пивото ако ништо друго, барем ќе ја згасне жедта, а со погрешна книга се остава разочаран читател, кој нема наскоро да се осмели да купи книга “на тепка”. Затоа е интересен ставот на авторот, кој вели:
“Да се расправаме за тоа дали некоја книга е добра или лоша, би имало смисла во општество каде и бездруго се сите читатели, но не и во општество каде книгата веќе не се подрзабира сама по себе, каде читателот и четивото мора повторно да се приближат еден до друг. Прераскажувањето на дејството не е одлучувачко во барањето соодветен текст, туку разоткривањето на основата, на јадрото на книгата, кое гради една егзистенцијална врска со читателот – или сепак не го прави тоа. Околу оваа една суштина која ја има книгата како медиум треба да се врти сè што е во врска со неа. Музиката нè допира со расположенија, филмот и сериите со приказни и естетика. Само книгата нè зграпчува за егзистенцијата.”
Ова е прекрасна мисла и се надоврзува на она што првиот дел од текстот сакаше да го искаже: важноста на квалитетната книга не е само зависна од вкусот на читателот, туку од многу други фактори што можат да се регулираат, доколку културата се базираше врз способни, совесни и искрени посредници.
Би завршиле со уште една убава мисла од истиот текст: “Јачината на секоја засебна книга се наоѓа во нејзиниот соодветен читател. Предизвикот е во наоѓањето. Веројатно е многу тешко време за книги, но погоден момент за вистинската книга.”
Затоа не се откажувајте, бидете гладни за добри книги соодветни на вашите очекувања, некаде затрупани под купиштата, тие го чекаат својот совршен читател!
—————————————————————–
Текстот од кој се цитираше ове им го препорачувам на сите што разбираат германски:: Книжевен пазар:: Свежа книга, нема боље!
Редакцијата ве повикува:: би сакале да ни пишете неколку искрени зборови за вашите радости или разочарувања во однос на некоја книга, а ние ќе објавиме некои од нив. Доколку сакате, можете да останете анонимни! Пратете ни текстови со назнака: љубам книги – ljubam knigi на info(ат)slovokult.eu