::Став наместо Страв::

::03:: На Игор Исаковски:: Четиригодишен помен::

19.09.1970-15.12.2014

од Елизабета Линднер

Ете и четврта година без него одминува, а тој иако заслужува многу повеќе, дури ни по смртта не го добива. Така е тоа со критичарите на нештата што никој не сака да ги увиди, а тие, пак, вистинските критичари никако не можат да ги зауздаат своите зборови и чувства, та ги врескаат во светот кој сЕ повеќе оглувува и ослепува и си се допаѓа и си се слави таков со векови. Единствена штета е што и покрај сЕ, светот не е нем – неговите индустриски погони трештат на сите полиња, роварат низ сите сегменти на животот, па и во книжевноста и културата. Вредно му успеваат вообичаените нешта: Човечињата се големци, големците се несакани и непризнаени, бидејќи вистината што ја кажуваат не е доволно добра за овој свет, таа не им оддава признанија, туку ги прави да бидат омаловажени и заборавени, не само од непријателите туку пред сЕ и од колегите, па и пријателите. Тоа можеби ќе се смени за 20 или 50 години, кога вештачките големци ќе бидат редуцирани на она што се – луѓенца – а овие запоставените ќе се воздигнат над своето време, бидејќи како по обичај, тие се пред своето време, иднината почесно ги дочекува, иако сегашноста прави сЕ, за да ги сотре од сликата на светот…

Колку е впрочем жална оваа вистинита слика за светот, човек да посака да биде на друго место, да се мавне од сегашноста што не може да ја промени, и да не ја гледа оваа грдосија од свет, создаден од лицемери и хејтери што се продаваат за совесни и праведни заштитници на човековите права, на културата и квалитетот, а впрочем единственото нешто што им е важно е да ја одржуваат индустријата онаква каква што е, да си ја задржат конфорноста, – само повремено и сосем благопријатно обидувајќи се да ја прикажат или критикуваат грдосијата на светот, а и тоа само за да се стават себеси во подобро светло и да се искачат на некој повисок пиедестал во прегледната хиерархија на културата и книжевноста.

Жално е што не разбираат или се прават дека не разбираат, дека на овој начин ги потхрануваат лошите политики, кои го засегаат целокупниот живот. Наместо тие да бидат искрени со себе и околината и вистински да се залагаат (а не залажуваат) за промени кои ќе бидат видливи (па макар тоа и да ја гозагрозува мекоста на фотелјата или пиедесталот под нивниот задник), тие и понатаму со својот опуртинизам и конформизам му тураат бензин на огнот што го голта светот.

Во чест на Игор Исаковски потсетуваме на интервјуто со Илинка Делчева::

(извадок) “Мислам дека нема интерес за мене, можеби поинтересни се некои други фаци. Сум одбил гостување во емисии за кои сум сметал дека не ми е таму место, избирам кому ќе му бидам гостин. Во Македонија не ме контактираат. Кога одам во странство, да. Овде ми се чини повеќе ме знаат како издавач на Блесок, уредник. Обично ги интересира што има ново во Блесок. Сакам интервјуа кога личноста со која разговарам е подготвена. Моите книги се достапни и на секој кој би сакал да прави интервју би му ги дал да ги прочита. Не мора сите, хахаха! Ме нервираат прашања од типот: со што се занимава Вашата поезија, која е темата на Вашата нова книга. Ако требало тоа да го објаснувам по интервјуа, зошто би ја напишал книгата, да му се невиди!”

Целото интервју на линкот на off.net::

Игор Исаковски:: Има се’ помалку зборови извадени од џигер