::Став наместо Страв::

::09::  Томислав Османли ::

ПОТОПОТ НА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА ВЕТУВА – ЌЕ НЍ БИДЕ ПОДОБРО

АКО ПОЧНЕМЕ ДА ДИШЕМЕ НА ШКРГИ

Почитувана професор Кристина Николовска,

драги колеги од КиЦ, почитувани реализатори на нашава медиска, масовна

и виртуелна промоција!

 

Драги Пријатели,

 

Не само промоциите – ништо веќе не е како што беше порано!

Ништо веќе не подлежи на законите и на принципите каквишто ги знаевме до сега; светот личи како да е свртен на глава, како да е извртен од опачината, цивилизацијата како да е влезена во гротескниот свет од зад огледалото на Алиса… Тоа чувствување за изневерата на севкупната вредност и хуманата дистрозија на сегашноста, всушност е и подлогата за книгата „Парадоксикон“ чија промоција вие денес, и со своете скапоцени учества и присутва ја овозможувате и ја  креирате.

„Парадосиконот“ на нашите современи животи не се сведува на оваа пандемија, понапред таа е дел од гротеската во која историјата нѐ населува еве веќе две децении од новиот век. Од својот роман „Дваесет и првиот“ и можеби нешто порадно од прозната книга „Каприча“ (2009) сѐ до ова збирка не можам да се ослободам од впечатокот дека светот – ние во него, посебно! – сме жртви на едно преметнување на историјата, на една иронична игра на безвредностите кои надоаѓаат како неконтролирана буица од сите страни, а се промовираат како ново-либерални вредности… Така потопот бучно ветува дека ќе нѝ биде подобро, ако цивилизацијата почне да дише – на шкрги!

И додека светот тоне во дехуманизација, во воени силништва на моќните кои во меѓувреме се намножија на светската сцена, во уништувањето татковини и произведувањето бегалци, кризи, социјални контрасти на пребогати поединци и земји и на светски омасовена сиромаштија… Среде тоа ново ропство на политичката прагма, во јавниот дискурс речиси никој веќе – освен непоправливите идеалисти, некомпираните философи и мечтателите на подобри светови –  не говори за етичките вредности; за човечноста, за моралот, за идеалите, за политичката култура и етика… Општеството го владее  суровата прагма, а светот кој поетите го замислуваа како градина, како чист и питом парк, како ѓулбавча, како ѓулистан… барем две дедецнии е простор на моќта без скрупули, на профитерството по секоја цена, на корипционерите, клиентелистите, на еготизмот, на партократизмот, на манипулацијата со вистината…која денес се релативизира и се именува пост-вистина. Денес сѐ станува пост-… ништо не е веќе стабилно, не е сигурно, не е безбедно, не е сега, не е тука и не е целосно… Живееме во испарцелизирна свет и во распарчена, партизирана реалност.

Ете за тие длабоки отуѓувања од вредностите и од вистинското емпатично човекување како највисока вредност, сакав да говори оваа збирка од 12 раскази, како и дванаесетиот час што го живееме. Оваа книга негува фокусирана наративност. Со неа сакав да застанам во уметничка одбрана, било низ поетични, елегични, болни, сочувствени, било низ гротескни и остри сатирични начини; и да го бранам повредениот човек на денешницата, инструментализираниот човек, многу пати злоупотребената единка, женското битие особено, но и  цели социјално, бирократски или политички повредувани и ранувани колективитети: луѓето без документи и без правна видливост, мигрантите од блискиот и средниот исток кои потекнубваат од вековни цивилизации, а денес ја живеат својата бегалска голгота во 21от век, исто како што наши бегалци ја живееја во оној, минатиот… – сите тие, и ние, сведувани на маргинализирани, понижени и заборавени битија…

Тоа унесреќување бара свои патишта на изразување, и нив секако ги има многу, а во мојата книга, си замислувам дека, ете, се јавува како литература на остри ирониски ангажмани. Таа игра на олигархиската моќ со вредностите, веќе не може да се изрази како „сатирикон“ како што е насловот на едно класично дело на римската антика, она на Петрониј, или пак како во сјајниот филм на Федерико Фелини. Пароксизмот израснат како цветна, а трнлива билка на новата општественост, има потреба од ново именување што, порано, авторски го формулирав како „Каприча“, а сега како – „Парадоксикон“.

Длабоко верувам дека несреќата на општествениот човек едновремено е и темелната несреќа на човечкото општество. И за тоа сакав на овие книжевни начини и да проговорам.

 

Посебно и топло ѝ благодрам на професорка Кристина Николовска за нејзината иницијатива за одржувањето на оваа промоција, како и на уредничката на Културно-информативниот центар Емилија Михајлова, на раководството и особено на вработените и на непосрдните учесници во овој настан. Особено му благодрам на г. Гелебешев којшто и сега на дело нѐ увери дека, заедно со литературата, и музиката е благородното прибежиште на неоттуѓениот дух.

Ви благодарам што со своето непосредно присутво, но и со многубројното проследување зад електронските монитори, го чествувате овој настан, еден од оние што го манифестираат нашиот културен отпор кон стихиите и кон  небитниците од секаков еве и од овој епидемиски вид…

 

Мојата најнова книга, со тоа, е привилегирана, а јас – високо почестен.

 

На сите срдечно ви благодрам за тоа !

(Реч на стриминг-промоцијата на прозната збирка „Парадоксикон“, најновата книга на авторот одржана на  7. Јули, на отворен простор, во дворот на Културно-информативниот центар во Скопје)