::Став наместо Страв::

15.09.2018

::02:: Една дистописка слика за Македонија::

Кон текстот: Македонија vs. Приднестровие на ФБ-профилот на Лидија Димковска

Убав е текстот и доживувањето на Лидија, но: Зошто споредбата не е возможна дури ни на ниво на чисто фиктивен текст?

Бидејќи Македонија не е некоја “шкљ” држава за која никој не слушнал, како што е тоа случај со горенаведената држава, која треба да се провери на Википедија, дали навистина постои или е сепак измислена за потребите на еден фиктивен текст, – напротив, Македонија не е зафрлена таму негде како дел од Молдавија, туку има прилично важна геостратешка положба, која уште од дамнешни времиња ја прави да биде интересен, но и спорен простор. Не треба да одиме далеку во историјата, нема потреба од тоа, доволно се 100-тина година, до времето од нашите баби и дедовци односно прабаби и прадедовци (– антиката е преценета и е апсурдно да се расправаме за неа!), односно да останеме на нашето “лично и семејно историско време”, за кое треба трезвено да резонираме – на европско ниво.

За разлика од Приднестровие, Македонија во последните 100 години била простор за кој веќе се воделе војни, двете балкански војни, а и во Првата и Втората светска војна знаеме дека секогаш имало интереси да се преземе власта од некоја соседна земја. Освен тоа нејзината положба среде Балканот и сите тие историски спорови, не дозволиле да здивнеме и да се посветиме на нормализирање на животот како европска држава и европски народ, напротив, во самосталноста на Македонија проблемите продолжија да ги создаваат нејзините владетели однатре и тоа е така до денеска. Системот се распаѓа, ама “камшици и трошки за малите треба да има!” за да можеме со “леб и игри” да продолжиме понатаму.

Македонија не може да биде слика на зачувана “архитектура”, ама изолирана и празна, доброволно напуштена земја, каде што нема живо пиле, – таа слика е едноставно невозможна за Македонија, бидејќи на нејзината територија активно се поминува транзитно, дури и бегалската рута минува одовде – а особено Скопје – и покрај сите градежни грдосии што го снајдоа, секогаш ќе остане жив и раздвижен град. Раселувањето од територијата на земјата постоело отсекогаш, што доброволно, што принудено, што присилно – и тоа нема да се смени, но земјата нема да се испразни и да се изолира – оваа слика за Македонија е невозможна ни како фикција! И покрај 100.000 бугарски пасоши и покрај масовното заминување во странство, земјата нема да биде празна, бидејќи освен одличната положба, исто така ни интересот за неа не е намален. Напротив, тука е најголемата амбасада на САД со својата ЦИА, дипломатските односи со Западот се живописни како и создавањето на сомнителни бизниси (рудници, гасоводи и сл.)… А веќе доаѓаат во посета и светските челници, што укажува на држава со некое многу поголемо значење од она на Приднестровие.

Празна нема да биде секако, но сликата која е за жал возможна и која е многу пострашна од онаа во текстот на Лидија Димковска е имено постапокалиптична слика на Македонија, налик на Сирија или во најмала рака на Србија и Косово од 1999 – разбомбардирана земја со луѓе-бегалци, бегалски кампови –загинати, ранети и останатите под најтешки услови принудени да бегаат или да се раселуваат. Кој ќе бомбардира веќе не игра некоја улога. Оваа слика е возможна, ама мене в глава ми доаѓа слика од прекрасниот филм District 9...

Сепак, доколку Европската унија држи до себе, сигурно нема да го дозволи овој “лош филм” за Македонија… Европската Унија држи до себе, но тоа држење во последните години се сведува на националистичко и нехумано, затоа оваа слика станува уште повозможна и уште пострашна.

Македонија требаше уште одамна да влезе во ЕУ, зошто тоа уште не се случило, се сведува секогаш на изговорот за “корупција и непочитувањето на демократијата” – а, сепак, истите тие корумпирани и недемократски политичари ја кројат судбината и иднината на земјата, па во меѓувреме и на светот. Нема излез од маѓепсаниот круг.

Сега референдумското прашање повторно го подели народот во Македонија на “ние и вие”, а ЕУ и Русија и светот ќе си гледаат сеир и ќе сипаат нафта, гас, јаглен – или оружје, било што и да е профитабилно – и секако ќе учествуваат во кроењето на нејзината иднина, што е сосема во ред, доколку Европа беше човечна… но таа веќе не е тоа. А Балканот е секогаш поврзан со некаква негативна иднина… Солидна подлога за дистопија: Балканскиот конфликт е секогаш возможен, Балканот е секогаш тука за негативното, за материјализирање на болната потсвест на Европа, Балканот е дежурниот кривец за почетокот на сите несреќи во Европа, па така и на оваа најновата од XXI век – кога луѓето кои бегаат од војната предизвикана од трговците со оружје се принудени да се дават во Средоземното море или да скапуваат зад бодликавите жици на камповите каде чекаат нешто, а никој не знае што, каде нивниот род веќе не е човечки, туку или животински или вонземјански (па компарација со District 9).

Нека остане ова само филмска дистописка слика која нема да стане реалност… Според заканите, поддршката и “загриженоста” на светските моќници, реалноста може да биде и полоша – но не заборавјте, нема за тоа да бидат криви тие што биле “против” или што “бојкотирале” – напротив – сите ќе бидеме криви, бидејќи сме дозволиле политиката да нè изманипулира и да нè подели во два табора – подеднакво полни со примитивизам и омраза, глупавост и апсурдност – наместо да се седне и разумно да се разгледа проблемот, се урла наоколу – сите во еден глас “ЗА”, “ПРОТИВ”, “БОЈКОТИРАМ”! Наместо сите да се здружат и обединат – како што впрочем во невидливата позадина се здружени и партиите СДСМ и ДПМНЕ – народот се дели – перфектна ситуација за дестабилизација на земјата, за која секогаш “другите” ќе бидат криви. А “другите” вака или онака се тие со кои ќе треба заеднички да се живее…

Свесноста вели: Референдумот како и нашата мала слатка држава се само малечок дел од големите зделки на Европа и светот… Бевме поштедени по распадот на Југославија, бевме поштедени во 2001 во конфликтот со УЧК – арно ама еве сега ни дојде редот малку да “да се жртвуваме” или барем “да се тресеме” за некое си подобро Утре – кое (без разлика дали на референдуот ќе победи “За, Против, бојкотирам или апстинирам”), вака или онака, ќе биде приближно исто со она на цела Европа, а зошто? Бидејќи и таму демократијата и човековите права се веќе одамна ставени под голем знак прашалник, народот веќе секојдневно ги гледа големите лаги на своите владетели – па затоа Европа си бара пренасочување на вниманието од сопствените слабости и небулози – а подобар сеир од балканскиот, досега немало – а сеир без метеж – не оди!

Со ова се заклчува уште еднаш невозможноста на одржана празна држава од типот на Приднестровие и се потенцира сликата на голема фама околу една мала балканска држава.

Елизабета Линднер