За првпат овој есеј беше објавен во Блесок бр.59, март-април 2008 година, на македонски и англиски:: во одличен превод на Елизабета Баковска:: “Rapacious or Greedy for Money?”
На германски беше објавен на стариот СловоКулт – „Goldgierig oder gierig nach Geld?“ Oder: Über die Problematik der Lyrikübersetzung aus dem Makedonischen ins Deutsche
„СРЕБРОЉУБИВА ИЛИ АЛЧНА ЗА ПАРИ?“
ИЛИ: ЗА ПРОБЛЕМАТИКАТА ПРИ ПРЕВЕДУВАЊЕ ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНСКИ НА ГЕРМАНСКИ
Елизабета Линднер
Задачата на преведувачот не е воопшто лесна, и секако дека не е за потценување. Нему му е доверено не само содржинското, стилистичкото и уметничкото пренесување на едно дело на друг јазик, туку исто така и презентирањето на една култура во друга јазична средина.Секако дека преведувачот има за цел да ја пренесе сликовитоста, моќта на кажаното, симболиката, а особено во поезијата секако и ритамот и звучноста. Оној што ќе го постигне сето тоа, а згора на тоа ќе створи читлив текст, тој е добар во својата професија.
За жал, навистина нема многу преводи од македонски на германски јазик, за да може редовно да им се обрне внимание, да се истакне нивниот квалитет, да се направи анализа на преводливоста, или – едноставно – да се пренесат германските рецензии за делото. Една од причините за тоа е секако и недостатокот на преведувачи од македонски на германски. Во последно време се забележува зголемен интерес за македонскиот јазик и литература, што од една страна е многу важно за презентација на нашата литература во германското говорно подрачје, но од друга страна може да се одрази и негативно. Тоа од причина што потребата за преведувачи од македонски јазик им служи како предизвик на некои лаици и неталентирани љубители на убавиот збор да се нафатат да ја практикуваат оваа дејност. Сèповеќе и повеќе слависти се обидуваат преку забрзани курсеви по македонски јазик или пак преку познавањето на бугарскиот јазик да навлезат во „сржта“ на македонскиот и да се закитат со својот прв литературен превод. Резултатите од овие обиди би биле поразителни за авторите, кои не би можеле ни да претпостават на каков начин и во каква форма нивното дело всушност комуницира со германската читателска публика преку преводот.
Освен изборот на делата, за добра презентација на книжевноста на една земја и култура од пресудно значење е секако и квалитетниот превод. Бидејќи, како што веќе спомнав, нема многу преводи на кои би можеле да им посветиме внимание, ќе се задржам на преводите на поезија од македонски поети на порталот за поезија lyrikline.org.
Листата на поети не е долга, меѓутоа изборот на поетите и нивната лирика е одличен.Се надевам дека изборот во иднина ќе биде проширен, бидејќи Македонија има традиционално квалитетни поети и поетеси, кои заслужуваат да бидат приклучени и презентирани на овој или други поетски портали во германското говорно подрачје.
Сите песни се преведени/препеани на германски јазик. Особено се истакнуваат преводите на поезијата на Богомил Ѓузел од Керстин Ханзел, каде поетскиот тон и содржината се пренесени на едно високо книжевно ниво, целосно кореспондирајќи со оригиналот. Тие доловуваат беспрекорен и течен поетски израз, каков што би требало да биде содржан во секоја преведена поезија. Истото ниво го поседува и преводот на песната„Ѕвона“ на Матеја Матевски од Ина Јун Брода, кој е за жал единствен превод на оваа преведувачка. Преводи кои веродостојно го пренесуваат поетскиот збор се преводите на поезијата на Влада Урошевиќ од Холгер Зигел и Ранка Грчева.
Во преводите на поезијата на Матеја Матевски од страна на Матиас Брониш на моменти се забележува несигурноста во изборот на соодветни зборови, меѓутоа преводот не губи во течението и изразот, иако содржината од оригиналот е понекогаш помалку веродостојно пренесена (како пример Пелин – Апсинт, иако овие два збора во двете култури имаат сосема различна конотација). Истата проблематика се јавува и во преводот на поезијата на Катица Ќулавкова од Михаел Фистер, каде содржинскиот, а кај Фистер делумно и стилскиот тек на поетскиот тон на моменти се оддалечува од оригиналот. И покрај тоа, се работи за добри преводи. Во преводот на поезијата на Ефтим Клетников од Норберт Рандов и Маја Гулевска, со одредени стилистички зафати врз некои германски изрази би можеле да се подобрат текот и близината на поетскиот исказ, кој на моменти делува дистанцирано и студено во споредба со оригиналот.
За разлика од сите овие, преводот на поезијата на Катица Ќулавкова од Улрике Дрезнер делува аматерски, лаички, и, за жал, не го задржува поетскиот израз на оригиналот. Преводот е нешто сосема поинакво од оригиналот и на моменти тој наликува на чисто слободен превод, кој ни оддалеку го нема нивото на оригиналната поезија. За да се изнесе проблематиката на преводот, која важи општо за превод на современа поезија, ќе се задржам на преводот на неколку песни и стихови, преку чија анализа ќе наведам примери и ќе дадам можни решенија како тој би требало да изгледа.
Хронос на Катица Ќулавкова – врвно поетско достигнување – Хронос на германски – дали е воопшто поезија?
При анализата на преводот ќе се задржам на песните Хронос 1, 2 и 3, од кои најдетално ќе се посветам на Хронос 1. Проблематиката што ќе ја спомнам при оваа анализа се однесува на преводите на сите песни на Катица Ќулавкова направени од страна на Улрике Дрезнер.
1. Зборови од секојдневието
Во многу од преводите се забележува склоноста на преведувачката да употребува зборови кои воопшто не се поетични и на кои не им е местото во поезијата. Тоа се зборови од говорниот јазик кои на никаков начин не кореспондираат со оригиналниот збор, туку напротив, на стиховите им влеваат површност, баналност а понекогаш делуваат и навистина грубо.
Неколку примери се: За зборот „цел“ (потполн, целосен) таа на едно место во Хронос[3] го употребува зборот “total”, збор кој е речиси еднаков на супер, cool и сл. и покрај тоа што постојат соодветни зборови како “ganz, völlig, im Ganzen, gänzlich…” и кои во зависност од контекстот можат да се употребат поетски.
Понатаму, за стиховите: Или си ти во мене или јас во Тебе!
Преводот гласи: Entweder du steckst in mir oder ich stecke in dir!
што не само стилистички туку и содржински и граматички (глаголот на второ место) е непромислено, и заради сето тоа непоетично. Изборот на глаголот “stecken” е неоснован. Глаголот значи пика, пикне, вметне, стави и сл. и има широка употреба во фрази од секојдневниот говорен јазик (ich stecke fest, ich stecke immer noch im Büro, in der U-Bahn, im Stau fest, ich stecke mir einen Apfel in die Tasche…), така што целиот израз е груб и непоетичен. Решението е всушност многу едноставно, бидејќи сосема коректно може да се употреби идентичниот израз како во оригиналот со глаголот сум односно sein:
Entweder bist du in mir
Oder ich in Dir.
За истакнување на изразот би можело да се употреби: lauern, wohnen, leben (демне,живее) и сл. но, во никој случај „stecken“.
Друг пример е именката Anstrengung, која најчесто се употребува за означување физички, телесен напор, исто како и глаголот sich anstrengen, а особено секојдневната употреба на прилогот anstrengend: Die Arbeit ist anstrengend (работата е напорна). Или пак неговата придавска употреба: anstrengender Mensch (напорен/досаден човек), кои секако наоѓаат примена во прозните текстови. Поетски зборови за напор (напорен) би биле: Mühe, Mühsal (mühsam).
Оригиналниот стих: се обидувам, не без напор, да те сфатам!
Превод: versuche, nicht ohne Anstrengung, zu fassen dich!
Секако дека овој стих, во кој последниот дел (zu fassen dich) е исто така граматички некоректен, што не е заради поетскиот стил (види подолу), и треба да гласи:
versuche, nicht ohne Mühe, dich zu begreifen!
2. Непознати зборови
Многу често во преводот наоѓаме зборови и контексти кои преведувачката воопшто не ги разбрала и се одлучила за некакво решение, како што ќе видиме во примерот со следниот стих од песната Хронос [1]:
Овде сум на една топка-вртелешка
Вртелешка од овој стих е очигледно непознат збор за преведувачката, бидејќи таа вака го интерпретира овој стих:
Auf einem Ball stehend kreise! (ich gefalle mir selbst,) Односно на македонски: Стоејќи на топка кружам! (си се допаѓам сама на себе,)
Taa го поистоветува зборот вртелешка со вртење, кружење, меѓутоа употребата на глаголот во прво лице еднина без лична заменка делува чудно и нејасно на германски. Не може да се зборува за елипса, бидејќи во овој случај преку тоа не се подобрува стилот. Подобро решение би било да се изостави глаголската придавка stehend и да се стави само глаголска придавка односно партицип 1 од глаголот kreisen – kreisend
Auf einem Ball kreisend
што стилистички е подобро, меѓутоа повторно не би било најдобро решение бидејќи содржински губи од значењето на оригиналот.
За да се ублажи или превиди погрешноста на целокупниот стих, или можеби заради лична несигурност, преведувачката додава извичник, а зад извичникот стилистички и граматички го поврзува глаголот (кружам) со субјектот (јас) од следната реченица, која во оригинал и воопшто не гласи така и се наоѓа еден стих подолу.
Доколку навистина има потреба од елементи за подобрување на стилот, изразот или значењето на преводот, секако е сосема легитимно да се додаде знак за интерпункција, нов збор, да се спушти или искачи стихот или дел од него за еден или два реда и сл., меѓутоа во случајов се работи за обид да се најде решение за она што не било разбрано, при што е сосема уништен стихот на поетесата.
3. Погрешен избор на зборови
Делот од стихот во преводот кој е поместен и прикачен на горниот стих и покрај знакот за интерпункција има заеднички граматички субјект (јас). Доколку не е така, тогаш станува збор за некоректна граматика. Преку следнава анализа ќе се обидеме да видиме што е причината за ваквото решение:
Оригиналот гласи: (Овде сум на една топка-вртелешка)горделива, среброљубива, властољубива
Оригиналниот стих содржи прекрасен избор на придавки, кои и покрај своето негативно значење се исполнети со поетска звучност, а кои во преводот стануваат груб опис на субјектот кој зборува:
(Auf einem Ball stehend kreise!) ich gefalle mir selbst
gierig nach Geld, hungrig auf Macht
односно:
(Стоејќи на топка кружам!) (јас) си се допаѓам сама на себе,
алчна за пари, гладна за моќ
Мислам дека нема потреба да го коментирам изборот на зборови во овој стих, бидејќи тие говорат сами за себе. Меѓутоа факт е дека германскиот јазик нуди огромен избор на придавки, особено комбинирани од два збора (како што е случајот во оригиналот), затоа не е јасен овој непромислен избор на зборови. Прашањето е, колку се овие стихови во оваа форма всушност на Катица Ќулавкова?
За преводот воопшто да се однесува на стиховите на оригиналот, решение би било:
Hier bin ich auf einem Karussell-Ball
selbstgefällig, goldgierig, machtgierig
каде дури и звуковноста и гласовноста ја поддржуваат содржината на кажаното, како и во оригиналот. Не е изгубена ниту смислата ниту формата ниту поетичноста како што е во преводот кој се наоѓа на порталот. Секако дека има и други можности во изборот на зборови и тој секако зависи од преведувачот, меѓутоа изборот што го направила преведувачката Дрезнер е непогоден и груб и едноставно погрешен.
4. Игнорирање на гласовноста
Поезијата ја има својата силна особина на гласовност и звучност, која се изразува на многу различни начини. Не е едноставно да се најдат соодветни зборови во јазикот на преводот,кои ќе кореспондираат со значењето, гласовноста и звучноста на оригиналот, меѓутоа сепак е возможно да се најде решение.
Неколку примери за непочитување на гласовноста при преводот:
Оригинал: и те сликам, те олицетворувам, те отелотворувам
Во овој стих имаме повторување на дејствие изразено преку „те“ + глагол во 1.л.ед.
Последните два глагола содржат и ист почетен вокал (алитерација) и ист завршок.
Превод: und male dich, Spiegel dich wieder, dein Körper bin ich
Освен непочитувањето на гласовноста повторно наоѓаме правописни и граматички
грешки и погрешен избор на зборови (Spiegel dich wiеder, треба: spiegele dich wider) и погрешна и груба интерпретација (наместо: те отелотворувам, вели: јас сум твоето тело).
Доколку не може да се задржи смислата или гласовноста со глагол, како во оригиналот,може да се направи обид да се употреби еден глагол 1.л.ед. комбиниран со друг глагол:
Ich versuche dich abzubilden, zu widerspiegeln, zu verkörpern
При што се оддалечуваме од смислата (се обидувам да те насликам, да те олицетворам,да те отелотворам) меѓутоа комбинацијата на глагол во 1.л.ед. со именки, ни нуди можност да го означиме истото дејствие, да го задржиме истото значење и гласовноста.
Пример: ich gestalte dein Abbild, dein Spiegelbild, deine Verkörperung
Или: ich gestalte dein Abbild, deine Widerspiegelung, deine Verkörperung
(во двата примера: ја обликувам твојата слика, твоето олицетворение, твоето
отелотворение)
Гласовно изедначување за завршокот на те олицетворувам, те отелотворувам е
содржана во првиот пример преку dein Abbild и dein Spiegelbild а во вториот пример во deine Widerspiegelung и deine Verkörperung. Вториот пример и формално и смисловно одговара на оригиналот, но во преводот на овој стих не може да се задржи алитерацијата.
Меѓутоа, во истата песна постојат уште неколку примери каде што е возможно да се задржи алитерацијата, а тоа сепак не е сторено.
На пример, во стиховите од оригиналот:
те памтам, памтењето го предавам од едни на други
поправки правам, предавствоПревод:
mich erinnere ich an dich, vom einen
zum anderen geb ich Erinnerung, die alte,
weiter, berichtige, verrate,
Во оригиналот имаме беспрекорно течна и поетска низа на зборови кои ја имаат
почетната буква „п“. Во преводот не само што нема гласовност, туку како и секаде до сега има погрешна и непоетична интерпретација на стихот.
Секако дека е невозможно во преводот низата од зборови да почнува токму со истата буква како во оригиналот, меѓутоа има можности да се земат зборови со друга почетна буква,преку кои барем приближно ќе се задржи оваа поетска особина и секако значењето.
На пример:
gedenke deiner, das Gedächtnis gebe ich weiter
es wandert von den einen zu den anderen
ich verschönere, verbessere, Verrat
Во овој случај имаме во едниот стих почетна буква „g“, а во третиот стих наместо „п“
имаме „v“, но и во двата стиха смислата и значењето на оригиналот се задржани.Дополнителните зборови во првиот стих се неопходни на германски. Стихот меѓу нив е подолг отколку оригиналниот, меѓутоа тоа не е ништо невообичаено или погрешно при превод на поезија, туку исто така понекогаш неопходно, а во случајов дури има и поетска гласовност и звучност (weiter од претходниот стих се усогласува со wandert), а исто и значењето и смислата се верни на оригиналот. Се разбира, може да се изостават додадените зборови “es wandert” и да се остави: von den einen zu den anderen, меѓутоа сметам дека подолгата верзија на германски звучи подобро.
Секако дека би требала да се задржи паралелата предавам – предавство од првиот и третиот стих во оригиналот. Една можност би била наместо Verrat да се употреби vergeblich, vergebens што го содржи и затоа гласовно асоцира на глаголот gebe (weiter) од првиот стих,меѓутоа овој збор има поинакво значење – залудно. Како и да е, преведувачот мора да се одлучи за едно решение, дали ќе го задржи стилот или значењето. Одлуката е секако една и се прави според методата: кое од нив звучи подобро и одговара на оригиналот. Решение соvergebens е можеби и подобро, бидејќи зборот е смисловно близок, а исто така ова решение би кореспондирало со македонскиот оригинал бидејќи предавам и предавство во песната исто така имаат различно значење:
gedenke deiner, das Gedächtnis gebe ich weiter es wandert von den einen zu den anderen
ich verschönere, verbessere, vergebens
5. Заклучок
Анализата на преводот и преводливоста, односно прегледот на дел од проблематиката при преведувањето, покажаа дека се работи за сериозно лоши преводи и дека за жал преведувачката Улрике Дрезнер во никој случај не ја владее оваа дејност. Таа не само што не го разбира македонскиот оригинал, туку и германските изрази се преполни со граматички и стилистички грешки и недостатоци. Затоа би сакала да истакнам дека сето ова е поразително и несреќно за прекрасната поезија на Катица Ќулавкова. За жал, овие преводи во никој случај нема да го разбудат интересот на германскиот читател за поезијата на оваа поетеса, бидејќи реално гледано, тоа воопшто и не е нејзината поезија.
Како додаток на ова излагање, еве го во целост германскиот превод на песната Хронос[1], онака како што тој би бил прифатлив и соодветен на оригиналот од Катица Ќулавкова:
ХРОНОС [1] -беседа-
1. Ѓаволски склоп
Јадеш, лапаш, грицкаш, голташ
секогаш гладен, засекогаш
страдно зјапаш. Твојот апсолут е несфатлив.
Овде сум на една топка-вртелешка
горделива, среброљубива, властољубива
се обидувам, не без напор, да те сфатам!
Приказни смислувам, митови, стории
за да те кажам: те именувам, ти се обраќам
и те сликам, те олицетворувам, те отелотворувам
и, да признаам, сè што сум напишал досега
до тебе обраќање е:
веслање по вода, воздух, етер, земја учење на твојот јазик
следење на твојот пат.
Пат, а пак
те делам, те двојам, те цепкам кратам, сечам, шкопам, кастрам
се подлажувам – те држам в раце!те сместувам во книги
те памтам, памтењето го предавам од едни на други
поправки правам, предавство знаци, севозможни форми
за да ми кажеш по нешто, па сепак те немам!
CHRONOS [1]
-Ansprache-
1. Teuflischer Zusammenhang
Du isst, schlingst, nagst, schluckst
immer hungrig, für immer bettelnd glotzend.
Dein Absolutes ist unbegreiflich.
Hier bin ich auf einem Karussell-Ball
selbstgefällig, goldgierig, machtgierig,
versuche, nicht ohne Mühe, dich zu begreifen!
Geschichten, Mythen, Historien denke ich mir aus
um dich zu benennen: ich gebe dir Namen, wende mich an dich,
gestalte dein Abbild, dein Spiegelbild, deine Verkörperung
und gestehe, alles bisher von mir Geschriebene
wendet sich an dich:
auf Wasser, Luft, Äther, Erde rudern deine Sprache lernen
deinem Weg folgen.
Der Weg, sogar wenn
ich dich teile, dich spalte, dich zerreiße
kürze, kappe, schneide, aufschlitze
rede ich mir ein – dich in den Händen zu halten! ich bringe dich in Bücher ein
gedenke deiner, dieses Gedächtnis gebe ich weiter es wandert von den einen zu den anderen
ich verschönere, verbessere, vergebens
Zeichen, allerlei Formen
damit du mir irgendwas sagst, trotzdem
habe ich dich nicht!