::Став наместо Страв::
11.10.2019 :: Честит празник!::
::06::Смрт на фашизмот – слобода на народот!::
од:: Елизабета Линднер
Не само што фашизмот не е мртов, туку и слободата на народот не е дојдена, дури може да се каже дека и никогаш не дошла. Војната не е официјално светска, па тоа нè залажува да мислиме дека живееме во мир и дека имаме слобода. Која слобода? Што е слобода? Она што привидно го чувствуваме како слобода е само едно неодредено чувство на површината од светот и животот. Слободата е сведена на конзумирање сè и сешто, кажување сè и сешто по социјалните мрежи и по интернет, што доведува до хаос и уште поголема површност и загубеност, која повторно му оди во прилог на фашизмот, кој, пак, е составен дел и чувар на капитализмот, кој во блиска соработка со диктаторските режими, полека, сигурно и систематски ја уништува планетата Земја и човештвото. Тоа е тој маѓепсан круг од кој не излегува светот, а ние сме само едно ситно делче од него, резервирано за разно-разни потреби на моќниците.
Оваа состојба трае со векови, ги менувала имињата на општествените уредувања, но во принцип секогаш била истата: робовладетелско општество со привид на современост и слобода. Освен интернет и некој благ технолошки напредок, не сме далеку од минатите 100 години, во кои се одиграа двете светски војни, за кои ако не ние лично, тогаш нашите блиски членови од семејството – татковци, мајки, баби и дедовци – биле сведоци.
Војната, фашизмот и капитализмот систематски го уништуваат или барем уназадуваат развојот на духот и подигањето на свеста кај народот*, бидејќи само таков – примитивен и оглупавен – тој му служи на горенаведениот систем на светот.
Во контекст на ненапредокот на светот многу важен удел има недоволната застапеност на жените во важните политички одлуки, на повисоки позиции во политичките кругови и во сите државни институции и приватни претпријатија. За жал, дури и во 21 век присуството на жената во општествената и културната реалност е минимална и прилично запоставена. Патријархот со својот мачоиден однос кон сè што е поинакво и физички послабо, ровари по светот.
Како што гледаме и во сегашноста, фашизмот со своите пропратни зла – капитализмот и патријархатот – својата главна поддршка ја има од исфрустрирани и затупавени психопати, претежно мажи подготвени за насилство и нивните слугинки. Овој вековен застој е против напредокот на светот, кој би бил возможен само преку застапеноста на женската мисла и сила, женското присуство на важни позиции во општественото уредување. Но, напротив, фашизмот (заедно со капитализмот и патријархатот) ја омаловажува и ја загрозува женскоста – а без полово изедначување на сите полиња, нема да се добие рамнотежа во светот, нема да се постигне правда, слобода и еднаквост – секогаш ќе останеме да тапкаме во место, односно да се вртиме во маѓепсаниот круг на овие системски и општествени уредувања, кои (под други имиња) управуваат со светот од распнувањето на Исус до ден денес. Црквата е само институција која им служи на овие системски зла.
Нејсе, за да дојде до промени и до вистинска СЛОБОДА потребно е подигање на човековата свест, а оваа мисија се чини невозможна. Народот е уште глуп, а државите силни – денес интернетот наместо за повеќе напредок, се користи за поефикасно оглупување. Додека не се разбудат оние посредници – претежно бирократи во душа и на позиција – кои ја кројат медиумската и културната реалност, нема да дојде до промена. Медиокритетството и конформизмот на секое поле се фатени под рака со злото, ама продолжуваат да се вадат на финти: да се прават паметни и да се перат себеси во слаткоречивост и мудрување, со цел да доведат до некаква лична слава, а не да се направи нешто есенцијално за промените што се неопходни. Кога ќе се вложи повеќе во квалитетни и критички медиуми и новинари, прогресивни (а не здодевни и тривијални) книжевни и уметнички дела и културни настани, што ќе имаат особена, креативна и силна порака – дури тогаш ќе можеме да се потпреме на надежта за подобро утре. Но, додека сите слободата ја живеат во блеење во дисплејно празнило и шаренило, во шопинг, врескање и клеветење на социјалните мрежи, читање црна хроника и евтини приказни за пасење мозок, селфиња, телесни задоволства и нормирани ставови обоени во турбофолкеризам, сексизам и мачоизам – никогаш нема да видиме подобро утре. Но доколку дојде до промена и квалитетот во литературата и културата побуди интерес, поединецот ќе може да доживее лична преродба – воздигнување на свеста, обликување на личноста во свесна и совесна индивидуа што МИСЛИ и се грижи за својата лична слобода и слободата и иднината на светот. А светот е по природа разнолик, а со самото тоа слободата не може да нуди исти норми и услови за секој – тоа е карактеристика на робовладетелското општество, кое ги менува имињата и од кое ни по дваесет векови не можеме да се ослободиме.
П.С. Уметниците и културните работници треба повеќе да се посветат на индивидуалниот, а не на чопоративниот и мејнстримизираниот израз… Заедно сме посилни, ама само ако се бориме за вистински квалитет, а не за лично просперирање и краткотрајна слава во мејнстрим културата. Во таа смисла, современата уметност треба да ги слави оние дела кои наликуваат на оние што нацистите ги вбројуваа во “изопачена уметност” (entartete Kunst), а не да се занемарува на маргините на културата.
Денес нема потреба од палење книги и уметнички дела, мејнстрим културата и преплавеноста со неквалитетни тривијални дела ги турка овие настрана и му прави голема услуга на фашизмот, бидејќи подигањето на свеста е неговиот најголем непријател, а таа е попречена од неговите несвесни, неосвестени и несовесни чиновници, кои себеси се гледаат сосема поинаку од она што се.
*на темава има многубројни извонредни написи и книги, кои нема да ги цитирам или наведувам, бидејќи не пишувам есеј, туку заземам само свој став.