::Став наместо Страв::

:: 10:: За современоста и стравот од вештачка интелигенција
(Во недостаток на природна интелигенција, тоа е секако оправдан страв)

(с) Елизабета Линднер :: сите права задржани – но вештачката интелигенција и бездруго не прашува

сите слики од pixabay

05.03.23

Современоста не може да се оствари во своето време, не може да се огледа во духот на времето, – бидејќи човечкиот дух е сé уште натиснат во калап од традиционални и фолклорни „вредности“, од една страна, и модерна матрица на дигитална и вештачка интелигенција – од друга страна: спојка која е катастрофална и за човекот, и за иднината, и за творештвото и за општеството, и за развојот на духот, бидејќи природно надарениот (големиот) дух кој твори во согласност со себе и времето, а тоа е чекор-два понапред, е секогаш потиснат од „главните“ збиднувања на просечните, што сакаат да бидат поголеми и подоминантни од тоа што се и заслужуваат да бидат.

Зошто? Затоа што просечниот интелектуалец најмногу се плаши од духот што е поголем од него, бидејќи овој е критчки и има нагон да се бори за вистината, што е во спротивност на конформистичкиот дух – тој се залага за личен напредок, па и по цена на лицемерност и пропаст. Да, затоа со години и векови ја презира и потиснува природната интелигенција поголема од неговата. Сега стравот од вештачка интелигенција е едноставно продолжение на овој страв, со тоа што вештачката интелигенција нема да може да ја игнорира и заборави, да ја остави да си замине во сиромаштија и самотија. Имаме многу примери на вака заминати великани што денес се слават, не мора да ги набројуваме. Сегашноста и современоста во принцип не се поинакви од порано, ама се секако поопасни за целото човештво и неговата иднина.

Глумење современост со поставување ретроспективни изложби, резиданија на дела, градењето споменици за „големците и великаните“ од минатото, кои во времето додека живееле и твореле биле отфрлени  – обично во машки род, а повремено и женски, е типична лицемерност, која се промовира самата себеси – но во едно друго време – па така останува незабележана. Што значи тоа? Тоа значи дека истиот тип на медиокритети, кои тогаш, додека биле живи овие талентирани и прогресивни луѓе ги игнорирале, а сега си ја полнат устата со слаткоречивости и пофалби, а често и џебовите со профити, врз духот на исчезнатиот или исчезнатата. Да не зборуваме за срцепарателната патетиката: ах, како можело само да се случи вакво нешто! Ставањето на делата на овие уметници во јавност е секако за поздравување, но, времето е троа утнато и влијанието на овие дела во едно друго време нема никогаш да го имаат тој ефект што требало да го имаат. Доколку уметникот/уметницата тоа свесно го одбере, тогаш тоа е секако во ред, но доколку се случи по „природен пат“, значи по игнорирањето во времето кога настанале тие дела, конечно да бидат забележени во едно подоцнежно време – тогаш тие дела го немаат своето првенствено значење – освен сензација! Збогатување на културната ризница, да, и секако медиумска и секаква сеприсутност, па дебатирање, па слики, па дебатирање, па млатење празна слама, па паметување, па селфиња, па стотици слики по интернет.

Секако дека има и солидни современи изложби и збиднувања, и јас одам на тие, но, за жал и нивниот број се изретчи. Сега имаме сé повеќе институционализирани изложби и ептен ретко независни галериски или други простори. Независната сцена има малку простор, па таа нема друг избор освен да се институционализира. И таа тоа и го прави, а сепак сонува за независност и си е здодевна сама на себе. Ама сепак вака е посигурно, институционализирани. Тие што не се институционализираат се надвор.

Туркањето на особено надарените духови надвор од „системот на вредности“ етаблирани во институцијата, односно во институционализираната и индустријализираната култура и промовирањето просечни духови спремни и волни за слава, не е нова појава, многу е стара и речиси традиционална, – а кога тие надарени духови се во женски тела – исклученоста е речиси општествено вродена маана.

Денеска во 21 век е можеби малку поинаку, бидејќи квотите и гласноста на феминистКите ни оставаат впечаток, дека нешто се сменило, но доколку се загледаме малку подлабоко, сепак ќе видиме дека не само што не е така, туку и дека нема ни изгледи тоа да се смени. Напротив, денеска имаме многу женски изложби, женски антологии, женски теми и женски написи – имаме лгбткју и транс уметници, но сепак, тоа не го зајакнува книжевниот или уметничкиот квалитет, туку отвара можност за уште повеќе квантитет и просечност што се продава како „женска уметност“ и „женско писмо“, „Квир литература“ итн., иако духот и талентот впрочем, колку и да се полово одредени, тие творат без поделба на машки и женски одлики, туку едноставно квалитетни дела и проекти – кои, за жал  често остануваат запоставени.

(Феминистички и шовинистички стилови и приказни се друга проблематика, која може да се разгледува, тоа секако отвора простор да се истераат разно-разни есеи и дебати, но тие нема ништо да сменат во реалноста, за која овде станува збор).

Секако дека се доделуваат големи награди на квалитетни автори и уметници и новинари, понекогаш и на авторки и новинарки, тоа не е спорно, и секако сосема коректно, соодветно и неопходно. Наградите се сепак уште воглавно наменети за мажи, раководителите на институции исто така мажи, а независните жени? Надвор.

 

Борбата што се води на „пазарот“, од кој за жал зависи и степенот на развојот на духот – на човекот, на времето, на реалноста, на фикцијата – е борба меѓу квалитетот и квантитетот на: куп работи, да КУП, тоа значи премногу.

1.

ПРВО и основно квалитетот и квантитетот на информацијата сама по себе во секојдневието. Можеме тука да ги вброиме сите видови на секојдневни информации (измешани со пораки, фотки, рилс, мемес) во вести, во школство, на работа, во култура – насекаде: тв, радио, и нивното височество социјални мрежи, ќерките на нашиот нов Бог – интернет, кој го овозможи брзото ширење на копилињата лажни вести. Тоа е нашето секојдневно информативно божество опишано во неколку средно-долги реченици.

2.

ВТОРО и основно: квантитетот и квалитетот на содржините што се нудат на „пазарот“, бидејќи денес сé е пазар. Пазарот работи за нашите глави и за нашата иднина.

3.

ТРЕТО и основно: квантитетот и квалитетот на мислења што се сервираат на пазарот. Овде би можеле „пазар“ да замениме со „матрикс“. И граматички да коригираме со соодветен предлог ВО:  квантитетот и квалитетот на мислења што се сервираат во матриксот. Бидејќи на крајот на краиштата сé е мислење. Прашање е чие? *Не сакаме да спомнуваме инфлуенцери, ама сепак нека стои)

3.А.

ТРЕТО А и секундарно: квалитетот и квантитетот на критиката во матриксот. За ова нема многу што да се каже, недостасува конструктивност.

3.Б.

ТРЕТО Б и основно: квалитетот и квантитетот на јазичниот израз во текстовите на тие информации. Овде ќе се соочите со неверојатни промени на толку логични искази, во толку неприродни и речиси гугл-стилски преведени реченици, – а човечкиот фактор се потпрел на овие јазични замки и ги применил во својот информативен текст.

И овој принцип на грешење се повторува и повторува, така луѓето губат контакт со правилниот израз и го прифаќаат овој погрешниот. Минатите времиња на македонски јазик на Википедија се ЛОМ. Но, не е само интернет, и во реалноста без интернет има несоодветности.

На пример: Музеј на современаТА уметност – е една таква грешка, која за жал веќе остана во името. Музеј на современа уметност – би бил соодветниот назив на оваа институција, доколку членот се применува правилно. Грешката е таа … Поголема грешка би била: Музејот на современата уметност, да, тоа секако.

А што правиме со остатокот од медиуми, социјални мрежи, блогови, мислења, селфиња, реалност, фикција?

Ништо, тие преземаат вредни зборови од високата интелигенција и ги употребуваат за свои цели, а со тоа им ја одземаат вистинската моќ и значење, бидејќи се сведувааат на други површни контексти и служат за „фаќање внимание“, „тригер“ и сл. – а ние едноставно ги оставаме на милост и немилост: На пазарот или по ново на матриксот или по најново на вештачката интелигенција.

Тука започнува нашата современост – стравот од неа, од вештачката интелигенција … До некаде е оправдан. Бидејќи таа потекнува од оние горенаведени грешки што ги се(р)е човекот низ божеството – интернет (вклучувајќи фејк њуз и мудрување)  – но учи и од паметните секако, па си прави комбинации, си креира една соодветна реалност заедно со човекот, а човекот – ах, не учи од грешките, човекот не учи од своите грешки, и сега вештачката интелигенција едноставно ги презема неговите грешки и го надминува. Сега вештачката интелигенција е многу пописмена од некои човечки фактори, па дури и од некои од оние со „повисока интелигенција“. Е тоа секако е опасно. Бидејќи порано беше човек против човек, а сега е човек и машина против човек. А кој е впрочем тој човек што ја сврте машината против човекот?

Тоа е современиот човек, просечниот интелектуалец, кој би требало да ги застапува интересите на оние кои немаат моќ и глас во јавноста, за да ги заштитат своите права, да тоа е оној човек, кој во времиња на глобализација уште мора да се бави со нација, но и со дебатињарања за ова и она, бидејќи тој ги разглаба културните збиднувања на тој начин, со себепромоција, наместо навистина да се посветат на решавања на проблеми.  На националната свест ѝ се закануваат со нејзино исчезнување (особено на Балканот, каде секогаш се чува кризно подрачје за закачки од овој тип) – па ако има војна и криза и нема леб, мислете на националното прашање, а гладен човек полесно мрази, ако за тоа како награда добие парче леб. Луѓе за сендвичи одеа на протести, а и денес би оделе, сигурно, за било која партија од трите! Бидејќи нивниот леб зависи од нив… и од просечните интелектуалци, кои како што спомнавме, се зафатени со промовирање други работи.

Значи современоста на човекот се состои од традиционални вредности и модерни хаоси, каде секој има шанса да биде славен, да, барем неколку секунди уште од бебе на reel, или барем неколку минути во своите видеа… Мислења на твитер и сегде, борба во дигиталниот простор – за малку слава. Тие што сакаат повеќе, ќе мора да се истакнат и во реалноста. Е тука се значи интелектуалците поделени на професори, научници, уметници, книжевници итн. Веројатно принципот на лактање – овде како синоним за конформизам – е секаде ист, та затоа ќе се задржиме онаму, каде имаме лични искуства, за да можеме да останеме во доменот на реалноста на современоста.

Некои успеваат заслужено да се пробијат, в ред, секоја чест, но на просечните интелектуалци и уметници најчесто им е потребно лактање, бидејќи тоа е единствен начин да се пробијат погоре на површината и да бидат видливи. Е сега бројката на вакви лактачи е секако прилично голема, па можеме да замислиме дека многу други понадарени и поинтересни ликови не успеваат да бидат видливи, бидејќи не им е до лактање, туку до творење. И тие си седат и си творат… Кога ќе сфатат дека не се во можност да го пробијат своето творештво до дел од јавноста, бидејќи таа е блокирана (и блогирана) и запоседната од лактачите, тие едноставно продолжуваат да мислат и да творат за себе.

Кога јавноста ќе ги открие, тоа веќе нема да биде во современоста која ја креирале, туку ќе биде некое минато идно време (минатите времиња се и онака лом на Википедија и на гугл), што нема да биде во согласност со современоста и со
реалноста воопшто, иако тие како што ќе се покаже, се секогаш безвремени, бидејќи дури и во тоа нивно минато идно време, уште се прогресивни – и доволно добри за сензација – дали самите тие се стари или уште почесто мртви, тоа нема врска, не игра никаква улога, прославата и медиумската покриеност се на завидно ниво. А новите современи творци се повторно заборавени, но истовремено и прогресивни во своите творечки меури кои повремено и пукаат, бидејќи снемува леб и тие мора да се одлучат, дали да се институционализираат или да изигруваат независни и самостални и понатаму… Ако одат во првите, ќе станат повеќе видливи и ќе добијат аплаузи, секако, но нивните најдобри дела ќе останат неизложени/необјавени. Ако одат во вторите ќе треба да се свртат многу повеќе кон традиционализирана современост, за да привлечат публика, а тоа ќе значи не мора да се институционализираат, ама ќе мора да бидат ептен допадливи, па така тие веќе и не творат поинаку освен допадливо. Тие што ќе останат доследни на себе се оние вистински прогресивните и заборавените, тие сепак повремено гладуваат и се снаоѓаат, па  творат и понатаму онака како што им налага уметноста, а не околностите за презентација. Тие не губат контакт со изворот на своето творештво… Другите се потчинуваат на матриксот и ја хранат идната вештачка интелигенција и стануваат дел од нејзиниот матрикс, бидејќи се институционализирале или прилагодиле на побарувачката на пазарот. Или сонуваат да внесат нешто НОВО на тој пазар, па сега вештачката интелигенција ќе им го земе: Не, нема ништо да им земе – ТИЕ ќе ѝ го дадат! Вештачката интелигенција без човечки фактор нема никакво значење, единствено ТОЈ ѝ го придава.

И заборавените повремено го хранат матриксот, бидејќи во денешно време новиот бог ги апсорбира сите можни информации и ги пренесува до човекот. И за да не биде сам, сиротиот човек, отуѓен и во сите можни полови, желен за пари или слава, или барем леб, тој е милостив и му дава придружник, сопатник, соборец против човечкиот дух: вештачка интелигенција, створена со заеднички сили. Во позадина седат боговите на капитализмот и си ги тријат дланките, додека овие просечниве забораваат што и како требаше, па можеби вештачката интелигенција ќе ги потсети, ама тие игнорираат и забораваат, како што го забораваат оној или онаа или оние што си творат сами некаде, забораваат и дека борбата против духот е борба против човекот, и да не ги заборавеа оние што творат осамени некаде, можеби ќе можеа да бидат потсетени, па можеби и некој навистина ќе се сетеше дека современоста не е идно минато време и дека традицијата, грешките во мислењата и јазикот, национализирањето, лактањето, институционализирањето, лажните вести, содржината на реалноста и фикцијата се дел од вештачката интелигенција со која ќе се борат против самите себе.


Додека боговите ќе си профитираат по цена на пропаста, чие внимателно одолговлекување ќе ги зголемува можностите за контрола на покорените и за понатамошна добивка. Во борбата човек+машина против човек исходот е win-win за боговите, кои во најлош случај ќе ги ликвидираат оние заборавените што се грижеле за современоста и вистината. А еден убав ден, нивните дела ќе ја пробијат вештачката интелигенција, бидејќи друга може и да снема – и ќе бидат „одново откриени“ и славени и повторно ќе донесат профит за некои идни лицемери и ништо особено за современоста и духот на времето.

Само затоа што наместо да ја прифатат повисоката интелигенција и да бидат во пријателски однос кон неа, за да работат на своето духовно богатство, тие – просечните интелектуалци остануваат во својата комфорна и конформистичка зона, во трка со лактање и лигавење по малку слава, па така современоста и сегашнсота што треба да донесат напредок, секогаш ги одминува, а светот останува ист.

Можеби и овој цитат не е од Тесла и е фејк во таа смисла, но во друга смисла е сепак голема вистина, која е одлично илустрирана со фотографија од Никола Тесла.