Промислувајќи те

(сè до Отаде)

 

Илјада пати ми проаѓа низ глава

не остава ништо друго

да пројде, да продиши

а сепак

постојано продираат

и се случуваат нешта

 

среде сончев ден

среде просторноста на полето

насреде тоа – разделба

меѓу облаци и дим од скара

меѓу приказни за толпите

кои луѓето ги влечкаат со себе

проаѓајќи по патеките одовде;

некаде помеѓу

едно мало ископано место

за едно мирно Потем

отворена Земјена точка

неотпорна ниту на кучиња

ниту на врнежи

за една мала слобода отаде.

 

Илјада пати ми проаѓа низ глава

ништо не е пројдено

зашто постојано продираат

и се случуваат нешта

 

Концертот во Б. – Кантинe

една вечер ко средиште на

севкупното случување

во мене, тебе, нас, него

контакт со поглед небаре

молскавична светлина

минува низ светлосни години

на насетеното и саканато

глас кој нагласува согласност

пробив кон темното и длабоко Сега

ко најава на она Отаде:

“and I feel good

and I feel fine“.*

Илјадапати ми проаѓа низ глава

постојано продира – Ти

и се случуваат нешта

 

На Остбан, ноќе

мирна обиколка, велеизградба

привремено во мирување,

во објективна стварност,

индустриска зона без продор

кон големото случување отаде,

заграденост, заобиколка

пробив до берлинската темна страна,

за скроз да се спознае, за скроз да се спобудали.

 

И понатаму ми проаѓа илјада пати низ глава

и постојано и повторно низ Тебе

и нешта се случуваат

и заземаат човечки облици

и минуваат преку мостови

и стануваат статисти

во големиот театар на Шпреја

и минуваат и се пробиваат

и проаѓаат низ сцената

или чекаат во редици

а јас се пробивам низ нив

и повторно ми проаѓа

илјада пати низ глава

и повторно продираат

и се случуваат нешта

кои те пронижуваат

и го пробиваат она

Отаде.

 

Превод од германски авторката

Аудио од песната::аудио на Soundcloud

* од Michael Gira – I see them all lined up

Песната беше објавена на германски на порталот за поезија @ Fixpoetry:: Elizabeta Kostadinovska::Dich durchdenken