Елизабета Линднер Костадиновска
Планетарна аптека
привидно се опсипуваме со материи за среќа
чии дејствија ни се непознати
држам чекор со анализите на својот пат
а не гледам истурено масло на раскрсницата
каде трамваите се разминуваат во склоп
со струјното поле над мислите од пешаците
збунети или замислени, може и зашеметени
од секојдневната доза лудило или слепило за сите
од кое се принудени да бараат спас
Во епрувета подадени капки занес
замeшани од згодна аптекарка со свилеста кожа
и измерени со пробивен поглед од темносини очи
со доверба да ги налеам врз рутината што ја немам
ама знам да си ја замислам
знам да ја почувствувам и кога треба и не треба
како и ред други одлики на човековиот живот
и неговата излишна потреба да стреми кон
недвосмисленост и не(до)мисленост.

Замислува среќа, а не знае каква е,
сака љубов, а сепак нема доволно ни за себе,
човечен се смета, а има его за десетмина
сее љубов и насмевки, само кога се забавува
па стреми да се забавува дури и вештачки
и заборава дека заборава што значи повеќе
повеќе среќа, повеќе љубов, повеќе човечност, повеќе
солзи и насмевки, повеќе живот.
Заборава дека знае и дека мора да може,
ама секогаш има десетина други поважни нешта.
Привидно се опсипуваме со материи за среќа
чии дејствија ни се непознати
шарени таблети за секоја дијагноза
и за секој ден по една
кои не доведуваат до револуција
ниту пак до недвосмисленост
туку до револуционерна недоумица
со незамисливо дејствие и нус-појави
непознати ни за згодната аптекарка
со свилеста кожа и продорен поглед
ни за било кое друго прекрасно суштество
што шета исправено по овоземните патеки
на изнемоштената планетарна аптека
во потрага по масла и супстанции
погодни за сечиј ум и разум, капки
со пипета или во епрувета, масти против
секаков вид рани, модрици и црвенила
за внатрешна, надворешна и оралана употреба
капсули, прав, тинктури и емулзии,
течности со или без алкохол
во боја или проѕирни кои лесно
се раствораат во мокрача и крв
и венозно се транспортираат до
сите делови од човековото битие,
за човек барем малку да остане присебен.