Елизабета Линднер Костадиновска

:: П Р О З А ::

:: Мизантропија денес! ::

расказ од крај на 90-те, почеток на 2000-те… никој не знае точно. Марка е уште платежно средство во Германија, а популарна валута во Македонија. Текстот е спасен од губење заради рикнати хард дискови заедно со други текстови. 

Ловис Коринт (Lovis Corinth) :: Ecce Homo :: 1925

Реката истекува на истиот начин како и порано, но овојпат носи со себе илјадници пораки од цивилизациите на кои им носи среќа. Го набљудувам нејзиниот тек, обидувајќи се да разберам дали би ја одбила пепелта од нашите трупови, доколку нашата традиција налагала кремирање и враќање кон природата. Премногу тажно делува, а секое грне човечка пепел би значело зголемување на тагата, која конечно ќе ја пресуши… Тргнав кон блиската колиба да се заштитам од напливот мисли кои ме обземаа. Се надевав дека ѕидовите, така трошни и осамени, ќе сочувствуваат со мене и ќе ми дозволат да сонувам. Набрзо сфатив дека дури ни налудничавите соништа, кои со години наназад се поигруваа со моите чувства и ми ја разнишуваа свеста, не сакаа да ме удостојат со своето присуство. Се чувствував валкано од сето она што го носи секојдневието во градот, иако очајно се трудев да не бидам дел од тоа. Извештаченоста која таму владееше ме растргнуваше, човекот е навистина суштество со разум, а разумот ќе го донесе до сèуништување и самоуништување. Оваа мисла предизвика сериозни повреди на мојот дух, душа и разум, на сето она човечко во мене. Ова заборавено место, каде човекот е само минувач, требаше да ги ублажи моите рани. Смогот, динамиката и нервозата на градот се стремеа да ме сотрат. Смрдеата на пари беше надвисната над крововите, а невиното небо мораше да го трпи сето тоа. Човекот упорно се оттуѓуваше од самиот себе, од префинетоста и чистотата на чувствата и од вистинските вредности, кои не се пресметуваат во германски марки, американски долари или европски евра. Мојот одбранбен систем се уште не за’рѓал, па ми помага да не станам нешто што не сум и не смеам да бидам. Секој ден носи нови причини, последици и докази, зошто не сакам да бидам дел од општата берза. Животот и човекот веќе одамна се пресметуваат во странски валути. Секој е онолку колку што поседува. Јас не сум. Јас не знам. Јас се обидувам да сум, меѓутоа не сум.
Тоа го сфатив на оној прекрасен дождлив ден, кога додека ја толкував фигурата, која дождовните капки почнуваа да ја сликаат по асфалтот, една подадена рака од луксузниот автомобил го истресе пепелникот врз истата слика. Тоа беше вредна рака, вредеше стотици карати злато, кое пресметано во марки веројатно е многу. На истиот ден двајца господа, на чии лица се читаше успехот од добрата бизнис зделка, уживаа во обилниот ручек во ресторанот, триејќи ги рацете после секој залак. Тој величествен момент го прекина една стара жена во парталава облека, која бараше закрила под стреата на ресторанот. Нивните лица се згрчија во згаденост, а некој се погрижи да го задржи нивното расположение, па ја протера жената и им донесе шише шампањско, во знак на извинување. Жената вредеше три марки, пресметано во остатоци од храна, кои таа ги доби, како откуп за нејзиното вечно отсуство од тоа место.
Тој ден облаците повторно добиваа облик на животни, срца или переци, но децата не ги откриваа, бидејќи играа нинтендо во своите домови. На тој ист ден долго го набљудував човекот со виолината, обидувајќи се да дознаам, дали тој чувствува болка од грубите погледи, кои му ги упатуваа господата под шарените чадори, или пак инспирацијата од празниот желудник е посилна. Тој беше непризнаен херој, а неговата несебична маленкост ме потсети на грутката која ми стои во грло, секогаш кога ќе морам во некоја јавна институција. Мојата маленкост таму се соочува со службеничката, која мора да го остави третото кафе, за да ја истури својата негативност во одговорот на моето прашање. Додека го приближува намуртеното лице до шалтерското стакло, превртувајќи ја реченицата низ устата, за конечно да ја исфрли низ заби таа неразбирлива низа од гласови, посакувам таа да може да ја види рефлексијата на својот лик од таа страна на стаклото. Тоа измачено стакло не дозволува да дознаам дали нејзината појава мириса на врело кафе, вредносни хартии, свеж лак или ненамерна омраза.
Не знам дали ќе беше подобро ако ги преспивав таквите денови. Чувствував дека тие денови ме демнат зад неподвижното сивило низ кое се пробивам. Утеха ми носи ноќта зашто таа носи помалку зло. Единствено таа е чиста, бидејќи тогаш човекот се обидува да сонува. Тој го спушта врз креветот своето тешко тело, врз кое цел ден се таложеле парчиња грижи, струготини од нервоза, прашина од пцовки, остатоци од проблеми, калливи мисли, камени зборови… И ѝ се препушта на ноќта, за таа да ја симне дневната тегоба од него, да ја исплакне неговата душа и да го подготви за новиот ден и за предвидената доза нечистотии.
За среќа небото над градот често се расплакува, па ги мие сите дамки што човекот ги остава зад себе.
Човечката тегоба се спушти врз мене, потонав во длабочините на нестварното постоење, со главата навалена на камениот ѕид, во лотус положба на ладниот под. Оваа состојба не трае повеќе од петнаесетина минути, но секогаш имам чувство дека поминале часови. Како заспивање во воз, и будење со страв да не се пропушти саканата станица. Откако ќе сфатиш дека има уште време, се чувствуваш совршено одморено и спокоjно.
Сепак сонував. За човекот со виолината. Лежеше во каллив вир, во кој полека се раствараше неговата крв, како на часовите по хемија кога учениците мешаат разнобојни течности во шишенцата со дебело стомаче; ова беше хемиска реакција при која се распаѓа еден живот. Виолината лежеше отстрана, беше скршена, но некој положил букет шарени цветови врз неа. Една светната кондура го удираше телото на виолинистот, за да утврди дали е мртов, а притоа грубо изговараше некои зборови, кои не ги разбрав. Не ни сакав да ги разбирам. Не сакам ништо да разбирам.
Беше време да се збогувам со мирот и спокојот, кои зрачеа од ова невино место. Мојот сон и моите мисли сигурно ја нарушија неговата чистота. Па, и јас го носам човечкото во себе. Мораше нешто да изменам, па макар и против своја волја. Го пореметив душевниот мир на природата. Заврна силно. Звучеше како караница меѓу реката и дрвјата, колибата и грмушките, тревата и инсектите, една бучна караница на природата. Отидов на дождот, иако и јас требаше да бидам дел од тоа. Не успеав да ги смирам раскараните страни, ама по триесетина минути одење, стигнав до автопатот. Го подигнав палецот и се прашував дали да трпам човечко суштество или да продолжам да пешачам по дождот. Сепак второто е поздраво. Но еден автомобил застана и пред да ја довршам мислата. Марфиев закон. Доколку очајно ми требаше превоз, сигурно ќе талкав додека не паднам изнемоштено на асфалтот.
Со задоволство решив да одговарам на нечии нападни прашања.
“Па, каде вака сама?” и во продолжение: “Девојка како тебе треба да има секогаш некој, кој ќе ѝ се најде”, глупава насмевка, демек изнуден комплимент, без кој ќе бев многу посреќна. Успеав да одговорам, без да добијам желба да убијам:
“Бевме на романтично логорување, ама јас треба уште нешто да докупам во град”…
“Ахххааааа” беше коментарот, се надевав дека после ова ќе остане без текст, барем десетина минути, додека не стигнеме до централниот дел од градот.
“А, зашто не одите заедно?”
“Па, тој спиеше и не сакав да го будам”, извлеков усилена насмевка. Молк. Добро е вака. Се приближувавме до влезот во градот.
Следните неколку дена сфатив дека модерниот човек ме претвара во мизантроп. Јас всушност ги сакам луѓето, ама онакви, какви што биле некогаш. Веројатно тоа било многу одамна. Пред да ги доживуваат пејсажите во дрвени и пластифицирани кутии, пред да се грижат дали нивната кола, мобилен или вратоврска е поскапа од онаа на колегата, пред да ги живеат животите на ликовите од нивните омилени серии и пред да ги натера стравот од сидата да практикуваат сајбер-секс.
Секое излегување од дома се чувствувам инфицирано од примитивно-материјалистичкиот дух на времето, кој ги фрла луѓето во динамична трка по нешто, што им се прикажува во визиите пред да заспијат, нешто, што несвесно ги уништува. Но, јас не сум “избраната” за да изигрувам колективен психоаналитичар, затоа ќе се потрудам само да се заштитам себеси, и да останам една од малкуте “здрави”.
Самотијата е еден од начините привремено да се зачува сопствениот мир. Тоа го знаеме од сите оние големи креативни умови, кои твореле сè до средината на минатиот век, и тие единствено нè одушевуваат, бидејќи нови херои нема, нема повеќе херои, дури ни воени. Денес хероизмот е индивидуална работа, не ги засега другите, само нас самите. Секој е херој сам за себе. Секој кој ќе успее да го спознае и преживее смрадот што се шири од повраќаниците на политиката, од мувлата на свеста на ближниот свој и од трулежот на љубовта. Секој оној кој ќе ѝ одолее на модерноста и ќе ја канализира мизантропијата е херој.

П.С. Хероизмот отвори една своја нова димензија и значење: хероинизам! Тоа се извештачени херои. Многумина кои не се идентификуваа како херои посегнаа по хероин. Тој им ги скрати маките на патот кон херојството и ги поштеди од мизантропијата денес.

Но среќа се појавија хероините и го спасија зборот и човештвото, ама мизантропијата нема да може да биде сосема искоренета. Човекот има мозок подготвен за перење – во секое време.