Димитрие Дурацовски
ВОДА, ЛАВИРИНТИ
1.
Многупати си се запрашал каков е тој чуден магнетизам што го има водатат и што е тоа што секојдневно те наведува да доаѓаш на ова место.
Со часови седиш на каменот кој има облик на коцка, немо загледан во далечината. Понекогаш кога дува југ, водата се бранува и пени, удира жестоко по бедните остатоци од некогашното пристаниште. Урнатини и само урнатини. Којзнае колку години не впловил брод. Понекогаш седејќи на каменот, загледан во водата(1), ти се причинува дека го слушаш звукот на бродската сирена. Тоа не е ништо друго освен ветерот кој, мешајќи се со плисокот на брановите, создава чувство како штотуку да пристигнал брод. А сепак…
Постојат мигови на неискажлива убавина. Мигови кога наеднаш престанува ветерот и површината на езерото станува неверојатно мазна. Тоа е време на залез кога водата добива некаква чудна, оловносина боја, длабока. Тоа е оној миг за кој ти со часови остануваш во иста положба, неподвижен, чекајќи го. Многу бавно, пробивајќи ја површината на водата – метал, се појавува врвот на првата, највисока кула. Една по една, се појавуваат и другите кули, ги има многу. Се издигнуваат во својата величественост ѕидовите, огромни, масивни. Восхитен, го гледаш во сета негова големина и убавина Замокот (2)кој се издига над површината на водата. Месечината фрла блага светлина на таа чудесна глетка која те исполнува со убавина и восхит. Љубопитен си да дознаеш што крие внатрешноста на таа огромна градба. Кој ја свири прекрасната музика чии звуци допираат до тебе. Ја слуша ли таа музика уште некој друг?
Наеднаш како и многупати пред тоа, Замокот полека почнува да тоне. Звуците на музиката се губат, потонуваат во езерото. Полека, пред твоите очи, Замокот потонува. Површината на водата само малку се разбранува примајќи ја огромната градба и се смирува како никогаш ништо да не се случило. Бескрајно тажен се спушташ полека низ брегот и чекаш. Разбранетата вода ја започнува својата игра. Во песокот, покрај расфрлените парчиња трска и други растенија што почнале да гнијат, пронаоѓаш делови на една илузија и внимателно ги собираш. Овојпат тоа е старински чешел на кој му недостасуваат неколку запци, убаво мало стилско огледало, оштетено и без сјај и макара црвен свилен конец. Твоето внимание го привлекува една школка, која меѓу другите се издвојува со својата големина. Ја отвораш внимателно и забележуваш некаков гравиран цртеж на нејзината внатрешност. Црттежот претставува лавиринт, поинаков од оние лавиринти што си ги гледал во старите книги. Во аголот на цртежот две букви: Л.Ш.
2.
12.09. 1979 год.
Јелен До
Почитуван пријателу,
Цртежот што ми го испративте, а кој сте го „симнале“ од гравираната школка е цртеж на Лавиринт. Морам да признаам дека овој цртеж внесе многу немир во мене. Имено, цртежот на Леонид Шејка со наслов Лабиринт кој е репродуциран во каталогот на неговата постхумна изложба во 1972 година е идентичен со цртежот што Вие ми го испративте. Во цртежот на Шејка кој датира од 1969 година постојат неколку симболи кои говорат за интересите и трајните преокупации на Шејка, кој рушејќи го лавиринтот, доживува иницијација во еден повисок свет: Град, Макара, Мозок (или Црева), Рака, Крст и Минотаур. Предизвикот што оваа тема го нуди е голем. Овие поими ми се наметнаа гледајќи го цтежот, бараат потемелна обработка и пристап. Мојот текст, моите размислувања, како и сé друго, ќе биде, се разбира, субјективен, така мора да биде кога е тој во прашање. Во тие мои размислувања, кои засега се само еден концепт, има кабала, Индија, христијанство, митологија итн. Мислам дека не треба да се биде премногу исклучив ако се сака да се следи Шејка, односно неговата идеја за точката на интегритетот. Штом текстот ќе го завршам, ќе Ви испратам еден примерок. Доколку Вие имате некои нови согледувања во врска со ова, ќе ми биде драго да ми се јавите. Очекувајќи го со љубопитност Вашето писмо, пријателски Ве поздравувам.
Бранко Кукиќ
П.С. Сепак, да не се остане само на овие неколку зборови, Ви испраќам во продолжение на ова писмо неколку претпоставки за поимите со кои Шејка оперира во својот цртеж наречен Лабиринт и кои можат, верувам, и вака да се „прочитаат“.
Град-темелите на Градот што ги следиме на Шејкиниот Лабиринт се темели на некој свет град. Можеби на градот Рим, чија праоснова, пратемел бил еден лавиринт. Или на градот Ерихон, кој од непознавање на Патот е срамнет до темел, останувајќи вечен, нерешен лавиринт. Но, пред сé, се одлучувам за Рим, за златниот град на едно златно време. Градот го соградиле оние што го знаеле Патот… Во него можеле да влезат оние што го имале знаењето, кои биле во состојба хаосот да го рпетворат во Космос. Во Кабала, кога состојбата Јесод (Yesod) – темел, ќе се поклопи со состојбата Дата (Daat) – знаење, тогаш во хармонија се преплетуваат два света.
Макара-Во горниот десен агол на цртежот се гледа макара конец која се одвиткува и одвиткувајќи се, твори еден човечки лик. Ова одвиткување и творење лик има симболичко значење. Шејка сакал да го повтори значењето на конецот сеќавајќи се на Аријаднината нишка-водителка, со чија помош Тезеј го разорил критскиот лавиринт. Конецот е нишка на творење на овој цртеж. Оваа макара спаѓа во редот на демијуршките симболи што Шејка ги вовел во својот лавиринт.
Мозок (илиЦрева) – Традицијата ни зборува дека во човекот постојат три центри: мозок, срце и црева. На Шејкиниот цртеж ова е очевидно: еден од тие центри. Индиската традиција ги изедначува формата на мозокот и осмократната состојба на умот (Manas) со лавиринт. Одгатката на овој свет и моќта да се допре до повисокото е знаењето, знаењето на Патот. Тоа знаење се собира во овие центри.
Рака – Раката на цртежот упатува на центарот на лавиринтот: тој што ќе го открие – ќе го разруши, тој што нема да го открие – вечно ќе го бара, губејќи го така центарот на својата духовна рамнотежа. Оваа рака говори првенствено за првата можност – човечката рака е симбол на возвишеното човеково дело – рака на мајстор, рака на херој, Дедаловата рака, раката на Тезеј или раката на Леонид Шејка. Ова е раката што му го укажува на човекот местото каде што ќе се случи боженската духовна надградба, каде што Хаосот ќе се преобрази во Космос.
Крст- Крстот ги претставува четирите дела на нашето битие во совршен склад. Во неговиот центар е центарот на Светот. Тој ги претставува четирите страни на светот, четирите годишни времиња, христијанското единство на Таткото, Синот и Светиот Дух итн.
„Крстот им е патоказ на оние што патуваат“ (Честертон).
Во традицијата често сретнуваме крст на кој е врежан лавиринт. На цртежот Лабиринт, функцијата на вцртан крст Шејка ја сфатил како можност „изгубените во хаосот и во витал фрлени и растурени предмети да се средат“.
Минотаур-На цртежот Минотаурот се наоѓа во средиштето на лавиринтот. Грчкиот мит за Минотаурот ни зборува како за суштество кое е половина човек половина бик. Во митот тој е зол чувар на центарот, оној што се приближува кон центарот, оној што се заканува да го разруши лавиринтот – ќе биде парчосан.
Во дното на цртежот пишува: Имате повеќе можности – да се остане или да се излезе. Ако Шејка не го сфатил лавиринтот како Излез, зошто цртежот има толку човечки атрибути: Град (свет простор, одбранет од силите на злото), Макара (демијуршка Аријаднина нишка), Мозок и/или Црева (центар на човековиот интегритет), Рака (таа укажува на патоказот), Крст (средиште, точка на собирање на светот и битието)?
Б.К.
3.
Гледаш како групата(3) полека се движи и свечено влегува низ отворената порта. Незабележано им се приклучуваш и, последен во редот, влегуваш. Масивната варта зад тебе нечујно се затвора. До тебе допираат тонови од некаква мелодија што мекој ја свири. Се присетуваш дека е тоа истата онаа музика што некогаш си јаслушал, седејќи на ридот. Огромната просторија во која се наоѓаш те притиска со својата празнина, луѓето од групата ненадејно исчезнале. Остануваш сам. Збунет си од огромниот број ходници кои се вкрстуваат, некои од нив течат паралелно, некои завршуваат со ѕид, некои продолжуваат во бескрај. Се присетуваш на лавиринтот(4) нацртан на школката што ја пронајде на брегот на езерото. Чувствуваш како ходниците со својот бескрај магично те привлекуваат. Полека пушташ свилениот црвен конец да се одвиткува. Тоа е единствениот начин да го најдеш излезот.
Од ходниците наеднаш се влегува во чудни одаи, некои од нив имаат повеќе агли. Те восхитуваат чудните глетки што ги гледаш. Една убава девојка, која многу те потсетува на девојката од еден твој цртеж, занесено свири клавир. До нејзините нозе легнал прекрасен руски хрт. Привлечен од убавината на глетката, би останал засекогаш тука. Но тоа не е крај. Ходниците продолжуваат, треба да те одведат некаде. Во друга одаја што се прелева во златната боја на драперијата, која ја сокрива едната половина на просторијата, гледаш како еден славен сликар прави портрет на жена која стои до прозорецот и чита писмо. Читањето писмо ја прави бескрајно тажна, а сликарот, немилосрден во својот реализам, ја слика онака како што ја гледа.
Сите тие глетки ти изгледаат премногу наместено. И двајцата мажи облечени во некакви раскошни одежди од некое минато време, стојат мирно, како да позираат. Меѓу нив, на едноставно парче мебел, покриен со турски килим, поставени се астрономски, хронометрички и музички инструменти. На горната површина на масата, покрај небесниот глобус, гледаш цилиндричен сончев часовник. До него лежи квадрант и полиедричен сончев часовник со магнетен компас изработен од слонова коска. Последниот инструмент десно е торкветум, служел за одредување на положбата на небесните тела. На подот пред нивните нозе, жолтеникаво-бел човечки череп(5). Во дното на ходникот забележуваш макета на некаков минијатурен лавиринт(6). Низ бескрајните минијатурни ходници забележуваш како еден човек го бара средиштето на лавиринтот и зад себе пушта свилен црвен конец. Музиката што се слуша полека се губи, тоа е знак дека премногу си се оддалечил. Љубопитен, продолжуваш прашувајќи се до каде може да се стигне. Повеќе нема одаи(7), само ходник кој се сече со друг ходник. ненадејно, ходникот завршува, влегуваш во една огромна просторија. Толку е голема, што не можеш добро да ги видиш ѕидовите. Полека, твојот вид се навикнува на полумракот кој владее. Во средината(8) забележувашнешто што те потсетува на старите денови. Камен (9)во облик на коцка, црн. Забележуваш во полумракот фигура на човек што седи. Неговиот благ израз на лицето те потсетува на некого. Со раката ја потпира главата, загледан во каменот во средината на големата одаја. Низ западниот прозорец(10), ако се погледне надвор, може да се види залез. И едно мало влакнесто животно на прозорецот, со дамки на телото. Со своите ситни очи интензивно го гледа човекот што седи. Човекот, загледан во точката на средината на одајата те забележува и ти полека отстапуваш не сакајќи со своето присуство да ја нарушиш таа величествена глетка на театарска претстава во која актерите укочено седат, образувајќи чуден триаголник: човек – животно – камен. Сфаќаш за миг дека тоа е сцена што вечно трае, без почеток и без крај. Ти знаеш дека во овој лавиринт нема крвожеден Минотаур, туку едно мало, многу мало кобно животно со дамки на телото(11). Едно е и единствено, но го има насекаде. Го гледаш конецот што се губи во далечината на бескрајните ходници. треба да се појде до него, едноставно да се следи до излезот. Но ти си загледан во малото животно и попусто се обидуваш да го оттргнеш погледот од него. Седнуваш на еден стол, мислиш само за миг, да се одмориш од долгото одење по ходниците. Наеднаш загледан пред себе, забележуваш дека човекот што седи не е единствениот. Наредени покрај масивните ѕидови, седат стотици и стотици луѓе(12)кои дотогаш не си ги забележал. седат во иста положба, не се ни помрднуваат, загледани во каменот на средината на одајата. Некои од нив ти се познати. Сфаќаш дека конецот нема да ти послужи за ништо, најмалку за да излезеш оттука. На некој волшебен начин тој пак ќе се собере во макара, за некој ден, некоја вечер да биде повторно исфрлен на брегот заедно со некои други стари непотребни предмети, како што се на пример…
И некој него треба да го најде, заедно со школката на чија внатрешна површина е нацртан Лавиринт. А дотогаш ти ќе седиш тука, заедно со оние околу тебе, загледани во една точка, очекувајќи го тој што треба да го прочита цртежот наречен Лавиринт и да го земе залудниот конец(13).
Остануваш мирен и не го чувствуваш татнежот и тресокот по кој огромниот Замок полека потонува во водата која се поклопува над него како никогаш ништо да не се случило. До следното појавување, кога полната месечина ќе го осветли езерото, а нечиј немирен дух ќе го бара Патот што води сознанието, пат кој не е ништо друго, туку бескраен ред ходници, една огромна одаја населена со сенки, едно мало животно и коцка црн камен.
_____________________
(1)
„А водата, црната вода ја полни долината, ходниците и душите наши наивни“ (Марија Чудина).
(2)
„Можеби на врвот на еден од овие високи ѕидови (што не може да се констатира) има тераса на Замок со поглед на благост“ (Леонид Шејка).
(3)
Каква е таа група што секоја ноќ излегува од некаква куќа и кого тие освен мене го походуваат? (Д.Дурацовски, „Тајна историја“, 1986 г.).
(4)
Тоа е оној ист лавиринт што по неколку години ќе го видиш репродуциран во „Дело“, 1-2, 1981, со наслов Лабиринт на Леонид Шејка. И тука, на истото место, текстот на писмото со објаснување и со наслов: Бранко Кукиќ, Леонид Шејка во градината со патеки што се делат.
(5)
„Во долниот дел стои некаков непознат предмет, некаков облик што лебди допирајќи го подот, издолжено дијагонално… нешто што на прв поглед не може да се препознае, како силно забрзана блескава молња. Бидејќи овде не постојат безимени предмети, тоа значи дека предметот кој е тука присутен доаѓа од некоја друга стварност и може да се види од некоја друга перспектива, од некој друг агол“(Л.Ш.). Станува збор за Холбајновите Амбасадори, за истите оние амбасадори од еден сон, што како патетична Шопенова етида се јавува одвреме навреме, потсетувајќи те на нешто далечно и засекогаш загубено.
(6)
Борхесовата идеја за сонот – смрт која се огледува во лавиринтот, во строгата симетрија што се повторува, а оној што стои наднесен над него учествува во „настанот што циклично се повторува“ (Ж.Кипке).
(7)
а) Одаја со огледала, Борхес: Творецот ги создаде ноќите кои сништата наши ги родија /И создаде облици на огледала за човекот да /Знае дека и тој самиот сенка е и суета, довека /Затоа нас сништата и огледалата нè плашат.
б) Соба со мапа на вулканска зона (Шејка), твојата прва средба со него во 1970, студена ноемвриска вечер, потстанарска соба која наеднаш се преобразува во онаа иста соба од каталогот со зелени корици, црно-бела репродукција на Соба со мапа на вулканска зона. И од тој миг ништо повеќе не е исто. Ништо.
в) Одаја во која спие убава млада жена. Едгараланпоовска атмосфера на очај и распаѓање и поетска визија на Жан Епштајн кој во својот филм за пропаста на Ашерови и нивниот величествен Замок успеал да „наслика“ звук. Бескрајни ходници населени со сенки, бледи бескрвни аристократи, сето тоа е осудено на пропаст.
г) Одаја – библиотека, прашина што на најмал звук, на шепот, паѓа на сите страни и книги наредени по којзнае каков ред и систем, чии страници се распаѓаат на најмал допир. Остануваат засекогаш затворени и недостапни.
(8)
„Средиште кое е над човековиот дофат, но кое го вообличува ликот човечки тогаш кога кон него се упатува“ Шејка.
(9)
Lapis Philosophorum – „составен е од оган и од вода; камен е но и не е камен; потекнува од Бог но и не потекнува од него; расте од крв и од месо, а, всушност, се состои од животни, билки и минерали; непознат е, а сепак на сите им е познат; се смета за нешто безвредно, а сепак во него има толку многу возвишени вредности…“ Х.Биедерман.
(10)
И тој западен прозорец, насликан на една слика која го носеше истиот тој наслов „Западен прозорец“ и која е засекогаш загубена. И тие ѕидови, дебели ѕидови. „Зад овие ѕидови е друг пекол“ (Бекет).
(11)
Цибетка. Viveridae Zibetha. Египетски ихнеумон. фараонски глушец.
(12)
Во таа соба, во таа слика на соба, прозорецот е отворен, а низ него паѓа, како низ призма, светлина на предметите на масата покриена со тешка драперија. Леут, чаша, писмо, отворено ковчеже. Во перспектива, на централниот дел тркалезно огледало во златна квадратна рамка. И во него одраз на човечки фигури изложени на вечност.
Податоци за сликата: Леонид Шејка, Соба на личности изложени на вечност, 1959 г., масло на платно, 21 x 21, без сигнатура. Сопственост на Марија Чудина.
(13)
Ти го давам крајот на златниот конец /Само намотај го во клопче / Ќе те одведе до Небесната Порта / Подигната на Ерусалимскиот ѕид(В.Блејк).
Ако се согласиме со премисата дека сè е веќе видено и доживеано, нека биде забележано и ова.
Извлекувајќи ја едно утро мрежата која ја нарекуваат „влак“, рибарите се стаписале од ужасната глетка. Во мрежата, меѓу многуте бели риби и алги, испреплетен и обвиткан се појавил, блед и зелен, труп на човек во состојба на распаѓање. Во џебовите му нашле неколку безвредни предмети, чешел со поткршени запци и некакво мало, оштетено огледало. Во раката држел макара свилен конец. Еден од рибарите се обидел да го собере конецот од длабочините, но попусто, се чинело дека конецот нема крај. Сфаќајќи ја залудноста на она што го прави, рибарот најпосле се досетил и со нож го скинал конецот, кој полека потонал во водата. Во истиот миг ненадејно удрил силен бран и ја нарушил рамнотежата во чунот, така што трупот, кој бил извлечен во задниот дел, се превртел и паднал во водата. Додека рибарите се созеле и пуштиле „става“ за да го фатат, тој веќе потонал во длабочините. „Неверојатно“, ќе рече подоцна еден од рибарите. „Тоа изгледаше како да скокна по конецот што го прекинавме.“
Искршениот чешел и старото мало огледало, како безвредни, рибарите ги фрлиле на брегот излегувајќи од чунот. Бранот ги подзел предметите и ги измешал со гнилите трски и алги, со ситниот песок и многубројните школки со најразлични големини и форми.
::Расказот е првпат објавен 1996 година во збирката::
::Црни пророци:: реиздадена 2018 за Темплум::