ВО ЧЕСТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

од Томислав Османли

Вчера, Горан Стефановски ја премина рампата и замина на онаа страна, во длабочината на сцената, кајшто сенките се густи, а лесни, и каде, за разлика од тука каде се’ подлежи на брз заборав и покрај толкавите количества на страст, на љубов, на завист и на омраза, тие таму живеат во вечно славје и осенчаност. Замина во македонскиот дел од царствата на Елсинор, му се придружи на Хамлетовиот татко; му се придружи македонскиот Шекспир на кој неверојатно личеше според физичкиот лик, нему и на своите Стрезо, Кољо и Алтана, Михајло и Султана, на своите драмски татковци и духовни деца (и обратно), на својот сопствен татко, на мајка си која таму ја игра својата ролја во некоја македонска тревожна свадба… Замина како наш најголем  драмски автор кој, на оваа страна со леснотија се дружеше со пријателите меѓу обичните луѓе, меѓу своите студенти, меѓу творците и интелектуалците, во Скопје, во Дебар маало, во дискретните кафеански дружби, беспрекорно уживаше во делникот, создавајќи драмски дела за вечноста во која, оставајќи не ’ вчудоневидени, тој вчера зачекори.

Останува незаборавен по сјајните драмски текстови што му ги остави во наследство на овој и на другите европски театри, по неговите драматуршки учења и примени на малите и на големите стапици во своите драми и сценарија, по генерациите исклучителни студенти и автори кои ги произведе, по неговите телевизиски драми, по неговите анализи на Бекет, по игривиот дух на Јане Задрогаз, по преродбата на македонскиот фолклор и по неговоот доближување со реч, со дух и со приказна на новите генерации (самошто почнати да се одвојуваат од него), и едновремено, по неговиот рокерски сензибилитет, по текстовите за „Леб и сол“, по топлиот младешки сон во кој се Битлси и Клубот на осамнеите срца на наредникот Пепер во неговиот „Лонг плеј“, по асоцијативна моќ, богата, чиста, ослободена од цензура, интелигентна и интелектуална, духовита, којашто богато разгргорена се појавува и во незаборавниот софистициран „прустов прашалник“ (телевизиски, на малите екрани во осумдесеттите)  на којашто почива и неговата „драматургија на ѓеврекот“ за која зборуваше по повод неговиот „Чернодрински се враќа дома“ („земаш една дупка и околу неа ставаш тесто“) применета во „Бушавата азбука“…, а за мене особено по сјајните мисли и заклучоци во разговорите, по желбата нашите електронски преписки, „сега на лето“ да ги продолжиме во некоја кадфеана на брегот на Охрид пиејќи ракија и јадејќи плашици, по мејлот чијашто идентификација беше debarmaalo@…

И ете од вчера – сèуште не ми се верува – замина, отаде рампата. Мајсторот. Оној што ги прими здивовите на театарската сцена од најмали нозе, се врати на овој тревожен начин, дома, меѓу ликовите на загубените блиски кои сакаше да ги оживее во театарскиот сон, но и на оние на кои самиот им вдахна дел од тие здивови на претците, што со таква леснотија ги оживуваше и им вдахнуваше оловна тежина и човечка топлина… Има таму некое Дебар Маало во кое, среде вечното лето, седејќи покрај охридското езеро распослано од Тафталиџе до Идадија, говори, грицка плашки, се насмевнува, пие ракија и испраќа пораки дека сме такви какви што сме, летачи во место, богати во фолклорот, скудни во произведувањето државници и визионери, заложници на духот на слободата, на проклетството на историјата, раскошни во пцовките и во љубовта, во страста и во омразата, во храброста на делникот и во дуплите дна на историјата, летачи во место, жртви на црните дупки, луѓе со тетовирани души, но и со висока верност, поделени меѓу Истокот и Западот, актери во нашиот вечен „Истерн“, повремено актуелизиран како крвава приказна, како драма и како трагична фарса со кои сме вековно богати меѓу народите и културите на стариов свет и полуостров…

Сега жестоко посиромашни за уште еден великан кој со своето присуство го облагородуваше делникот, за Горан Стефановски за кого од сега натаму ќе говрат неговите дела и нашите топли сеќавања.