Исказ::Израз
:: 10 :: Alexander Graeff :: Александер Греф ::
Perpetuum mobile :: Deutsch ::
Превод од германски :: Елизабета Линднер
(c) сите права задржани :: СловоКулт
:: Славица Јанешлиева :: Slavica Janeshlieva
Кроење по симболика
Порано постојано се жалев за мојата врска на далечина. Пишував срцепарателни писма полни копнеж и шпекулации од типот што-ќе-беше-ако – и еднаш дури и еден расказ што го насловив Празен. Често се чувствував токму така во тоа време по нашата средба, празен. Нашите професии не дозволуваа да можеме да се посетуваме секој викенд. И повеќе од тоа: проклетата професија беше причината, заради која се беше иселил.
Денес, кога е забрането да се патува, избледува сеќавањето на самоизбраното наваму-натаму на нашата средба, на патувањата од А до Б заради љубов*. Денес, кога е забрането да се напушти сопствениот стан и кога човек бива сопрен од полициски патроли што го прашуваат за причината на краткото одење до локалното шпети[1], единственото останато во ова маало што не банкротирало; или до супер маркет, за можеби да начека неколку пакувања безглутенски тестенини – пченичните се секогаш веднаш распродадени -; денес избледува сеќавањето на заемните доаѓања на гости, кои од нас беа набиени со секакви можни очекувања. Требаше секој пат тоа да бидат најубавите и најинтимните викенди.
Денес кога толку многу нешта се забранети, веќе не се поставува прашањето, кога ќе можеме да се видиме следен пат за викенд. Кризата, карантинот, пандемијата ја принудија на откажување мојата и многу други врски на далечина, исто како и повеќето дуќани или продавници, кои во позадина немаат милионски концерн или државна помош (или двете). Врски, се чини, има само во облик на традиционални потесни семејства, татко, мајка, дете, кои во тој случај заедно живеат само на едно место, на една адреса.
Патријархатот е во процвет, или се покажува онаков, каков што постоеше и пред кризата, грижливо прикриен само од ангажираното залагање на оние што не сакаат да пасуваат, а се снисходливо толерирани од моќниците. Оние кои сега јуначки чекорат во пресрет на кризата се правите мажи, махери, управувачи со машини; војска од виролози, министри за здравство, портпароли и кризни менаџери го одржуваат апаратот во погон. Жените и остатокот се и понатаму невидливи во аналогниот простор, во нега на лица, болници, снабдување со прехранбени производи или ете во карантин – како нас, сонувачите, пички[2], што си пишуваат писма.
Во кризата ми остануваат само сеќавањата на него, кого сега дури и повеќе го сакам, откако сме толку долго разделени, за што дури сега вистински станувам свесен. Врската избледува, љубовта се зголемува. Апсурдно. Повторно му пишувам писма. Овој пат се трезвени, не се срцепарателни, но исполнети со надеж од која уште не сум се откажал. Мојата надеж е правопропорционална со траењето на полицискиот час. Секоја официјална изјава ја следам со возбуда, ја гледам секоја прес конференција и секое утро ги проучувам пандемиските табели.
Дури и селфијата што ми ги праќа ми влеваат надеж. Особено оние на кои изгледа среќно. Брадата ептен му пораснала. И јас му испраќам селфија. За последната фотка сметаше само дека изгледам опуштено, и покрај невозможната фризура. Косата ми расте брзо, пребрзо, и ја изобличува сликата од мене што сакам тој да ја задржи во сеќавање. Со тоа и дукс со качулка, ракавици и заштитна маска – и ете ти пост-апокалиптички corona-punk.
Исто така и се поправив. Премалку движење, премногу junk food. Во меѓувреме секојдневно си приготвувам три карантински оброка. Иако до некои производи веќе често не може да се дојде, бидејќи не успевам спастрен во целосна заштитна опрема уште во 8 наутро да стојам пред супер маркетот, сепак уште не фалат многу основни прехранбени производи. Ориз, компири, конзерви, леб, чај, вино, пиво се достапни како и претходно. Исто така забележувам дека сосема поинаку пазарам отколку мнозинството. Маргаринот, на пример, е секогаш рано распродаден, маргарин на база на соја е наспрема него подолготраен. Месо – има речиси само уште пилешко – е набрзина земено за залихи, риба наспрема тоа останува долго на понуда. За појадок си земам кришка леб со кашкавал и краставица и секојдневно едно јајце. За да штедам кафе, пијам само наутро една шолја, преку ден распределено, пред сè, чај.
Сега има и ручек. Често безглутенски тестенини со сос од домати или туна. Ручек немам јадено од свои дваесет години, кога се иселив откај моите. Навечер еден плех помфрит со кечап или потпечен зеленчук или црвен кари со млеко од кокос. Имам впечаток дека смрзнат помфрит и кечап ќе има дури и после атомска војна меѓу конкурентските здравствени служби во Европа.
Ова сега е кризна мисла; не сакам да урочам – ама помфрит и кечап никогаш нема да снема. Често имам кризни мисли. Се прашувам: Може и полошо? Дали ќе се заостри полицискиот час? Кога штрајковите околу здравствениот систем ќе станат понасилни? Кога ќе почнат пљачките? Доста со тоа.
Низ денот распределено пијам – превентивно – најмалку два литри чај. Наизменично жалфија, анасон и ерл греј. Навечер ми клумка стомакот од толку многу течност. Вирусот може – велат здравствените служби – да се победи само со чај. Нема уште вакцина и лекови против болеста. Значи: многу да се пие, да не се пуши, да се остане дома и да се одмара. Се одмарам од скиселеното општество. И пушам повеќе од кога било.
Работата ми е бескорисна. Она, со кое тогаш ја отежнував својата врска сега стана излишно, пердув лесно. Нему му е слично. Двајцата немаме професии релевантни за системот, по првите недели во кои бевме зафатени со тоа, – слично како пред супермаркетите – да се наредиме во виртуелната редица за барање пакет за помош, да се завршат куп глупости за документи, да се води евиденција за откажани ангажмани, да се намалат трошоците, сега настапи мир. Мир во однос на грижата за пари. Неизвесноста останува.
Оттогаш имам време за други занимации: На пример цел ден да гледам филмови и репортажи за егзорцизмот на Анализе Михел; или страшно многу fantasy и scsience fiction серии; или да продуцирам видеа што ме прикажуваат како читам особено драматична кризна поезија; или да гледам видеа од колешки и колеги кои исто така читаат свои текстови – во костум поларна мечка, по гаќи, заедно со тукушто испилени пиленца, додека пијат пиво и заради преоптовареноста на мрежата се чинат како фосилни, морничави појави.
И потоа си го скиселив стомакот. Сепак премногу кафе, во секој случај многу вино и многу помфрит со кечап. Една недела држев диета. Само моркови и ориз. И вода. Потоа две вечери една по друга пиев Cosmopolitans. Мораше така. Конечно повторно можеше да се купи сок од брусница. Моето последно писмо беше без надеж. Досега нема дојдено одговор.
Сонувам како луд. За ова писмо. За неговата реакција на мојата надеж во опаѓање. Насон, ми напиша за својата младост. И тој моментално сонува многу. Двајцата сонуваме за својата младост, за маката на растењето и за сето тоа што моравме да го оставиме зад себе за да станеме возрасни. Сонувам дека сонува. Тоа звучи сулудо, бидејќи имаш осет дека е негација на негација и го прави сонуваното позитивно.
Во еден сон бев, значи тој, во најстариот храм на светот. Некаде во Турција. Еден свештеник ги попрска верниците – со мене заедно бевме осум – со својата крв, секој доби 12.000 години стар череп, што го обработувавме со остри камени сечила. Со упатства од свештеникот требаше да изрезбаме знаци од писмо на черепот, за на тој начин да ѝ се доближиме на трагата на тајната на човечкиот мозок.
Во друг сон, го гледам татко ми, впрочем неговиот татко, како се обидува горниот дел од витрината сосе порцеланските фигурини внатре, внимателно да го оддели од долниот дел и да го стави настрана. Подигнувањето успева, спуштањето не баш. Сè што е внатре се лизга и удира во стаклените вратички, тие се отвораат и сите дрангулии треснуваат долу и се распарчуваат на илјада делови. Таткото пцуе и колне, и дава до знаење, дека никогаш не научил да биде внимателен, да биде промислен, да биде нежен. И колку и да се обидува, на крај ја уништува нежноста, филигранските порцелански фигурини.
Нашата врска е како една од овие порцелански фигурини, при подигање и спуштање се кршиме, бидејќи никогаш вистински не сме ја научиле нежноста.
Во криза нежноста не е потребна. Само управувачите со машини остануваат во движење и со нив дигиталните машини, табелите, видео конференциите, преносот преку стрим. Тие не губат енергија, но мојата врска да – тука веќе ни писмата не помагаат. Ниту пак соништата.
Соништата се само виртуелни средби со самиот себе, си мислам. Позитивни стануваат само математички, кога тој сонува на она друго место, ноќе во својот кревет. Тие го кажуваат истото што и лицето на мојот монитор: повеќе за мене отколку за него.
Или така некако.
* Von A nach B der Liebe wegen е стих земен од песната Perpetuum Mobile на Einstürzenden Neubauten, од истоимениот албум (2004).
[1] Шпети – Späti – берлински назив на многубројните мали киосци и дуќани што работат до доцна, продаваат алкохолни и безалкохолни пијалоци, цигари, тутун, грицки како и некои производи за исхрана.
[2] Pussys, заб. прев.
Текстот и ликовното дело беа дел од биеналето за современи уметности СловоКулт :: литерАРТура 2020 :: извадоци на три јазика и други ликовни дела се објавени во фестивалската антологија во соработка со Арт Еквилибриум ::
кликнете на неа за повеќе информации ::
Преводот на целиот текст е поддржан преку работна стипендија од Сенатот на Берлин (оддел за култура и Европа)
Видео од читањето со звуковни пејзажи – пренос во живо од Берлин 22.12.20 :