:: Јосип Коцев ::

Јас, Квентин Скриблер

Скопје, 2015

Josip_Buch_foto

Предговор од Игор Исаковски:

Ретки се првите (дебитантски) книжевни објави кои уште во текот на своето настанување создаваат свој читателски круг. Токму таков е случајот со овој поетски ракопис: Јосип Коцев полека и трпеливо го гради својот израз; на ист начин го создаде ракописот и за својата деби- тантска книга, филтрирајќи ги и стиховите и својот свето- глед во тек на повеќе од седум години колку што има откако почна да објавува најпрвин на блог, а потоа и низ другите мрежни медиуми. Неговата одлука да излезе од сенката на својот псевдоним, одлуката да се претстави пред светот „со полно име и презиме“, изречно наведена и во самиот наслов на поетската книга, е чин достоен за почит – оставајќи го зад себе псевдонимот кој веќе му носи и слава и читаност, Јосип Коцев се задржува на иманент- ното во себе, на поезијата. А, во суштина, токму таа, поези- јата, е онаа што плени со својата ослободеност од стеги и правила, мајсторски дозирана со архетипски поетски сли- ки, машина која самата во себе создава метафори и слики достојни за еден нов свет. Токму во тој нов свет, создаден, од, и за себе, се раѓа, дише и расне поезијата на Јосип Коцев, низ песни кои трогнуваат во својата непретенциоз- ност.

Од друга страна, не би било в ред да се помисли дека оваа поезија е необмислена и едноставно фрлена на хартија, како што тоа најчесто го прават божемните поети и поетеси во интернет-просторот; напротив, секоја песна е изработена во манир на врвен поет, посветено и со љубов.

Токму затоа, сметам дека слободно можам да потврдам: ова е силна поезија која ни најавува голем поет. Книгата поезија „Јас, Quentin Scribbler“ од Јосип Коцев е наслов кој на повеќе рамништа ќе ја збогати културната слика не само во земјава туку и пошироко!

Jospip.Kocev.foto

Јосип Коцев е роден на 25.5.1985 во Скопје. Завршил правни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во блог-заедницата е познат како Quentin Scribbler, псевдоним под кој твори од 2008 година. „Јас, Квентин Скриблер“ е негова прва книга, која содржи песни од периодот помеѓу 2008 и 2014 година.

 Кутија :: во рубриката Стихотворба и Слика:: 

 Недојдените

На недојдените им беседам:

„Не доаѓајте на светов!

Наредете му на вашето постоење

да скита како аморфна маса меѓу димензиите.

Ако се создадете овде,

ќе ве распнуваат на крстови,

ќе ве черечат на колови,

ќе ви вбризгуваат идеологии“.

На недојдените им беседам:

„Не доаѓајте на светов!

Пуштете ги своите души да лебдат спокојно,

пуштете ги бездомнички нека бидат…

Не допуштајте дом – тело да им биде.

Ако дојдете овде,

ќе се прашувате кои сте,

ќе талкате незнајни и жедни

за вистина и возвишување“.

На недојдените им беседам:

„Не доаѓајте на светов!

Вселете се отаде ѕвездите и

преспијте ја вечноста во нова форма.

Останете завиткани во вашето прапостоење.

И онака овде ништо битно не пропуштате!“

Време

Имаш кожа допрена
од луѓе што не сакам
да ги замислам.
И парчиња далечини
донесени од места каде
мојата блискост скрстува раце
за да умре спокојно.
Ја изгубив вселената на коцка,
и станав поет со мисла што
ми ги разголува зборовите
на обичен, но длабок молк.
Еднаш посакавме да сме вечни…
Тогаш не знаевме што е време.

 

Сам

 

Твојот врат е моја лична метонимија за болката,

небодер што ми ги засенува сите обиди да пораснам.

Балкон без глетка вгнездува мртви птици со весел пој.

Пиеме кафе, и пак… Rien à dire. Rien à faire.

За миг, господарам со несолени океани

и благи голтки спокој,

а потоа… цела ера несоница и бес.

Сите книги имаат ист вкус.

Сите прошетки – ист број жртвени мравки.

Ја бакнува и сонува сам.

Зарем може поинаку?