Клеменс Ј. Зец – Љубовта за време на Детето од Малштет (раскази)
во издание на Блесок, Скопје, 2014
превод од германски: Елизабета Линднер
фотографија: Милан Јосифов
со поддршка од ТРАДУКИ
Клеменс Ј. Зец за оваа книга ја доби наградата на Саемот на книгата во Лајпциг за 2011
Клеменс Ј. Зец – Фото и Биографија (PDF)
Авторот@Suhrkamp Verlag (германски)
(За жал нема рецензија на македонски)
Текст од СловоКулт:
Расказите на Клеменс Ј. Зец се раскажани на префинет јазик кој сепак делува природно и ненаметливо и во ниеден момент не покажува извештаченост или претенциозност, напротив – во него преовладува токму таа убавина на чистиот израз, кој е способен да создава реални слики кои влегуваат под кожа и се врежуваат во мислите. Со него на авторот во некои раскази му успева да спакува иронија, сарказам и апсурд, а со нив да потенцира вистини,- колку и да се тие непријатни, сепак се примамливи и неодоливи.
Зец успева во баналното секојдневие да внесе надреалност, без притоа да се посомневаме во автетичноста на истата и без да ја ставиме под знак прашање.
Исто како и кај Кафка, силината на Зец е неговата искреност и отвореност која извира во огромни напливи на зборови, слики и мигови. Дури и кога раскажува за гадости и непријатности кои, сакале-нејќеле, се дел од животот, тој тоа го прави отворено и префинето со вистинска и вистинита јазична сликовитост, непосредност и оригиналнсот, така што повремено ќе морате да направите пауза за да земете здив, за да се насмеете или намуртите. Затоа и забелешката на издавачот Искаовски: „Внимание! Книгава содржи: експлицитни сцени, насилство, некрофилија, инцест, секс, мастурбација, s&m… Не е препорачлива за малолетни читатели. Ниту за малодушни. Ниту за пуританци. Конзервативци може да ја читаат, ама скришно. Предупредени сте!“
А сепак е препорачлива за сите возрасти, општествени групи и поединци кои сакаат добра современа литература.
:: Извадок од книгата ::
Расказот “Панорама” можете да го прочитате во целост на:
:: Македонски
:: English
Леш (PDF)
Леш
Кога Маркус Келмер се врати од работа, на тепихот во дневната соба најде гола жена. Разбушавената коса го потсетуваше на обликот на страчкините гнезда или врвовите од дрвја, кои ги беше цртал како дете, кожата ѝ сјаеше небаре беше глазирана, но кога Маркус внимателно ја преврти на грб, за да ѝ прозбори и на тој начин можеби да дознае која е и што бара во неговиот стан, утврди дека е мртва.
Веднаш отиде до прозорецот и ги навлече пердињата. Всушност, сè уште беше многу рано за тоа, надвор сè уште беше светло. Пролетта тукушто започна, едвај пред неколку дена, а сонцето ќе зајде дури за еден саат, негде околу шест часот. Пред неколку недели постојано исчезнуваше околу четири часот, но сега деновите поднаучија нешто ново, сè подолго знаеја да го задржат интензитетот на својата светлина, а наскоро него ќе го заменат со летната усвитеност, која уште сега ја носат во себе.
Во овие благи пролетни денови зраците на попладневното сонце беа секогаш првите кои го поздравуваа Маркус кога ќе го прејдеше прагот од вратата на неговиот стан. И сега токму нив да ги затвори надвор му приредуваше главоболка, чувство небаре просторот има мигрена.
Ама секако не можеше поинаку, како и да е, на подот во неговиот стан лежеше мртва жена. Кожата околу устата ѝ изгледаше небаре некој ја користел како површина за палење кибритни шкорчиња. Маркус го подигна лешот и го седна на една фотелја. Веднаш падна надолу, зглобовите беа како желе, телото како балон полн со течност. Се обиде уште еднаш, но повторно не остана да седи, туку се преврти нанапред, како некој кој одненадеж мора да поврати, и најпрвин со главата тресна врз паркетот. Гласниот тресок го врати Маркус во реалноста: неодложно отиде до музичкиот систем и го вклучи. Музиката му помогна при размислувањето.
Не можеше лешот едноставно да го остави легнат на подот, зашто лешовите се преобразуваат, нивната површина не е толку стабилна како кај живите луѓе. Впрочем тие беа заинтересирани за една единствена работа: за своето сопствено разложување. За да можат потполно да исчезнат потребна им е подлога способна за заемна размена, шумска почва или мочуриште. Нешто со кое полека можат да се претопат едно во друго. Овде во никој случај немаше такво нешто, значи мораше нешто да смисли. Го зеде далечинскиот управувач и погласно ја попушти музиката.
Му текна дека пред извесно време зад радијаторот беше сокрил голем дрвен моделиран авион. Тоа беше минатата недела, кога неговите родители беа на гости, а тој сакаше да избегне да го видат моделираниот авион. Зад радијаторот имаше многу место, но дали во тој меѓупростор ќе го собере и телото на една возрасна жена? Маркус зеде метро и го премери лешот. Е па, сега сè зависи од обидот.
Околу половина час се трудеше, ама на крајот главата и половина од торзото сепак стрчеа надвор. Сепак: делумен успех. Едно време Маркус едноставно остана овде, се потпираше на рамката од вратата и гледаше во празно. Од што ли умрела женава? Немаше откриено никакви траги од давење или модрици. Што и да било, се чини дека притоа не ѝ го повредило телото. Можеби отруена. Или некоја природна причина. Ама, уште беше навистина млада. Маркус ѝ ги процени годините на дваесет и пет до триесет.
Стана, се истегна. Не, ова изгледа стравотно. Моделираниот авион беше сигурен зад радијаторот, ама лешот ќе го види секој што ќе влезе во собава. Мораше да размисли за друго скривалиште.
Додека во себе ги поминуваше сите можни ќошиња од станот, го извлече лешот од зад радијаторот. Бидејќи беше гол, тој со своето нестрпливо тегнење и влечење го оштети на неколку места. Ребрата од радијаторот ја засекоа бледата кожа како да беше путер. Сепак истече само малку крв, зашто срцето веќе не чукаше, крвните садови веќе не беа под притисок. И покрај тоа останаа неколку грди дамки врз подот и на радијаторот. Маркус отиде во бањата и зеде влажна крпа, со која ги исчисти ребрата. Сега беше пролет, а доколку ја остави телесната течност да се засуши, следната зима, кога парното ќе почне повторно да се користи, ќе почне ужасно да смрди.
Го подбра лешот за раце и го влечкаше назад во претсобјето. Притоа повторно останаа неколку траги, овој пат долги, црвеникави траги од влечење. Вртејќи со главата отиде во бањата, зеде втора крпа и почна да трие. Понекогаш беше навистина бавен во главата, баш тромав. За да не се случи повторно ова истово, лешот го завитка во големи пешкири, од глава до петици. Вака беше и многу поедноставно да се влечка врз паркетот. Музиката од музичкиот систем занеми, а еден спикер објаснуваше како се викаат бас, тапани и флејта со обични народни имиња.
Преку ноќ Маркус го остави завитканиот леш да лежи во кадата. Следниот ден за малку ќе се успиеше, зашто ѕвонењето на будилникот во сон му се причини како тажно крекање за разделба на една жаба, која во мала ракета беше лансирана во геостационарна орбита околу Земјата. Му остана време колку за лесен појадок, потоа фати автобус за на работа. Доцна попладнето се врати дома.
Уште при влегувањето го забележа мирисот. Не беше многу јак, но беше овде. Отиде во бањата. Лешот како и вчера вечерта лежеше овде, само на ткаенината што го покриваше лицето се беше образувала дамка, чиј облик потсетуваше на јаворов лист.
Денот во канцеларијата беше напорен, и обично Маркус најмногу би сакал да се избања во кадата, да се испужи во топлата вода, да мрда со прстите од стапалата и сите грижи кои му се мотаа низ главата да ги остави полека да потонат во шумливата планина од пена. Денеска можеби дури и ќе издржи што се лишува од овој секојдневен ритуал на прочистување, но оваа состојба сигурно не може да се издржи како трајно решение. Всушност, уште сега го фаќаше нервоза. Го тегнеше лешот од кадата, го стркала во дневната и со тушот ја изми кадата. Го потроши речиси целото шише од средството за чистење плочки додека конечно не осети дека без чувство на гадење може да влезе гол во кадата.
Сепак, пред да се избања се нафати на тоа лешот да го стави во делумно празниот шкаф за алишта кој стоеше во неговата работна соба. Чудно е што порано не помисли на тоа. Како и да е, во шкафот за алишта еднаш имаше сместено цела гарнитура замотани ролетни (личеа на кутии динамит, со белата врвка која висеше на горниот крај). Лешот одлично го собираше во шкафот, но кога Маркус се обидуваше да ја затвори вратата, секогаш се превртуваше нанадвор и тој мораше да го пофати. Како при повторна средба после долго време да му се фрлаше околу врат. На крајот со самолеплива лента му ги фиксираше зглобовите од рацете внатре за ѕидот од шкафот и повеќекратно го прелепи прорезот за воздух на дното, сè додека не доби чувство дека барем неколку дена ќе помине вака.
Само три минути беше во бањата и си играше со тушот, кога го слушна тресокот. Ја сопре водата и наслушуваше. Сè беше тивко, но тоа ништо не помагаше, насетуваше што се беше случило. Полугол од бањата отиде назад во работната соба.
Призорот на жената која во стравотна исчашеност лежеше наполу во шкафот, а наполу пред него, беше толку смешна, што на Маркус му се испушти нешто како врескаво кивање, предизвикано не од надразнетост на слузокожата во носот, туку од бујна фантазија.
Пред и воопшто да може да ја подигне, мораше прво да ја раздипли, да, навистина да ја раздипли, зашто имаше – боже мили, та ни човек од гума не би сакал да има ваква положба на телото. Ама тоа е леш, си рече себеси, ништо живо. Не може да се примени истата меродавност.
Можеби е подобро лешот да го остави така како што беше, замотано безредие од раце и нозе и торзо кое веќе на повеќе места почнува да се расцепува. Транспортот во секој случај беше полесен, ама се разбира дека вака фаќаше повеќе место отколку во раздиплена положба.
Тепихот во дневната соба на Маркус беше од оние стари велелепни видови. Врз себе веќе беше носел повеќе генерации, цупкањето на детските нозе врз него прерасна во тешки чекори на староста, пречекуваше младенци и погребни гости, дезенот на него го занимаваше осетот за геометрија на дваесетина луѓе, ако не и повеќе, имаше претрпено светски војни и времиња на еуфорија и на инспириран хаос; накусо, беше тепих под кој не може туку-така да се пикне леш.
Маркус го знаеше тоа. Го знаеше сето тоа но сеедно – не му текна ниедно друго решение. Се беше обидел сè друго, шкафот за алишта, радијаторот, кадата. Освен да го фати лешот и нозе преку глава да го фрли од прозор, не му преостануваше ништо друго. Освен тоа, времето го притискаше.
Со двете раце го подигна нагоре тепихот и со своите нозе го туркаше и клоцаше лешот врз оние малку побледи штици од подот. Овие штици, недопрени од луѓе и светлина, беа сигурно најранливиот, најинтимниот дел од станот. Потраја извесно време, но конечно го бутна лешот на вистинското место и врз него го распосла тепихот. Чувството што настапи кога тешката густа ткаенина што мирисаше на минато и кожа од чевли го обви туѓото тело и како некоја магија направи да исчезне, беше големо олеснување. Маркус за малку што не плесна гласно со дланките.
Новиот рид на тепихот изгледаше малку како тридимензионален модел на топографска карта. Возвишувањата кои ги предизвикуваше телото на лешот по некоја случајност точно кореспондираа со концентричниот дезен на тепихот. Така најтемните сфери се наоѓаа на географски највисоката точка (на рамото, кое секогаш стрчеше малку нагоре кога лешот беше легнат на грб). Сето тоа делуваше небаре е намерно така аранжирано, заради полесна ориентација.
Ова решение беше несомнено најдоброто до сега. Единствениот проблем беше човек да се прекачи преку лешот, зашто постојано се сопнуваше од подигнатиот тепих. Затоа Маркус од работната соба во дневната влечеше една голема маса за пишување, која и онака не се користеше за ништо што има смисла, сè додека не застана точно над планината од тепихот. Вака барем веќе нема да се сопнува. И масата стоеше овде, среде соба, до душа не беше многу поволно, но можеби сега почесто ќе седнува на неа и ќе продолжи да работи на своите поетски обиди, кои како што лесно му одеа од рака, така му приредуваа и грижи во однос на нивната очигледна бесцелност.
Па и не изгледаше толку лошо. Мал рид среде просторијата – а над него маса. Доколку не успее да ја преплави масата со испишани листови хартија, тогаш врз неа ќе постеле долга ткаенина, некоја што достига до земја.
Средено, си помисли Маркус и отиде в кујна. По секоја цена мора да наздрави за успешно совладаните напори во последниве два дена. После извесно читање етикети со расеани мисли се одлучи за Cabernet Sauvignon, шише со темноцрвена боја.
Дури откако се врати во дневната соба, каде што масата, без можност тоа да се превиди, заземаше централно место и на собата ѝ придаде ново емоционално тежиште, забележа дека беше донел две чаши за вино. На секој чекор ѕвечкаа една од друга под нежниот фат на неговите прсти, со кои ги беше обвил нивните тенки стаклени вратови.