(од збирката раскази „Љубовта за време на Детето од Малштет)

Превод од германски: Елизабета Линднер

Летото 2003 Моника се беше преселила на панорамата, откако дефинитивно ги беше прекинала студиите по право. Нејзините родители, имашни деловни луѓе, се беа согласиле дека и понатаму ќе ја потпомагаат финансиски, та дури не беа ни изненадени од високата цена на киријата на вагонот бр. 21 од гигантската челична конструкција на крајот од градот.
Изградено во доцните деведесетти години од славниот австриски архитект Алберт Цмал и пропратено од извесна медиумска врева, синото тркало, чии попречни врски и пречници налик на велосипедски жици ова септемвриско утро светкаа низ маглата, постепено стана новиот заштитен знак на градот. Но, истовремено побарувачката на станови драматично се намали, што имаше врска со привикнувањето на начинот на кој човек го напушта своето живеалиште. Човек мораше или четириесетина минути да чека додека вагонот не дојде до Земјината површина или го притискаше копчето за сопирање и се качуваше во еден од експресните лифтови сместени во самите пречници и доаѓаше до главната кула, од каде преку едно столбиште можеше да стигне на отворено.

Во моментов станот на Моника се наоѓаше најгоре, на највисоката точка од тркалото, неколку стотици метри над Земјината површина. Моника седеше на кујнската маса и си ја топлеше својата хронично студена дланка врз пареата од шолјата со чај. Дарџилинг. Веќе по трет пат го читаше називот на малата вреќичка чај. Пријатен, речиси нежен збор, како Дарлинг, само преку еден странски слог развлечен во средината.

Денот ѝ започна стушено. Најпрвин се обиде да ги проветри собите, но мораше да констатира дека некој повторно го притиснал копчето за сопирање, веројатно дури и го држеше притиснато, што се случуваше секогаш кога некој се сели, и дека таа лебдеше премногу блиску до вревата и нечистотијата на главната улица. Затоа се избања а после тоа си ги налакира ноктите на нозете, но нејзиното расположение не се подобри од тоа.

Гледаше низ прозорецот. Сивиот егзоскелет на една празна фабричка хала на другиот крај од градскиот парк можеше јасно да се препознае. Покрај неа една грда бела камбанарија. Инаку сè останато е повеќе или помалку скриено во магла.

Врвот на денот што беше пред неа, беше посетата од еден техничар. Моника го очекуваше во десет часот. Вчера, кога го беше притиснала копчето, тркалото се сопре само за пет минути, а потоа автоматски повторно се придвижи, затоа беше паднала во кабината од лифтот која бавно се навалуваше настрана. Тоа беше опасно, такво нешто не смее да се случи. Веднаш му се јави на портирот во главната кула и сè му објасни. Тој повеќепати ѝ се извини за оваа грешка во контролниот уред и ѝ вети дека веднаш утредента ќе испрати некого.
Моника гледаше на часовникот. Беше само седум. Боже мој, си мислеше, што да правам цели три часа? Прошетка не доаѓа предвид, зашто не знаеше колку време ќе потроши таму. Секако тука беше и кафетеријата во главната кула, ама таму најверојатно ќе се сретне со старата госпоѓа Шустер од вагонот Таа седеше таму уште рано утрината, а на Моника не ѝ беше баш до разговор за собни растенија, рецепти за готвење и писателскиот успех на внуците. Не, едноставно ќе остане во својот стан и ќе се обиде да утепа време. Се напи уште една голтка чај. Уште беше многу врел. Безволно отиде до мијалникот и во шолјата пушти еден кус млаз студена вода, измеша со една малечка сребрена лажица и проба. Немаше разлика. Ја врати шолјата назад на масата и излезе на балкон. Свежиот воздух ја поздрави, маглив, градски воздух со недостаток на кислород. Ги скрсти рацете врз главата и се обиде длабоко да земе воздух, но одненадеж овој гест ѝ се причини премногу будалест и затоа се врати назад во станот. Седна на малото бордо перниче за јога покрај парното и пушти телевизија. Во дигиталното списание со тв-програма, кое го листаше со далечинскиот управувач откри курс за автомасажа, на Бајерн Алфа. Почнуваше за седум минути. Токму она вистинското, си мислеше Моника. Префрли на друг канал, хектична емисија за готвење, после на ЕмТиВи. Некоја бој-група скокаше на бината. Еден од младите пејачи си ја растргна маицата од мускулестото тело, а Моника вртеше со главата. Потоа префрли назад на Бајерн Алфа и чекаше. Уште три минути до почетокот на емисијата. Го гледаше крајот од некој документарец за животот на инсектите. Се прикажуваше разнообразното око на некоја винска мушичка, во кое стотици пати се одразуваше планетата Земја.
Емисијата за автомасажа беше модерирана од жена. Имаше најмногу дваесет години и носеше припиен гимнастички костум. Огромни цицки, констатираше Моника и кикотејќи се, си ја држеше раката на уста. Првата вежба се состоеше од блага масажа на мускулатурата на вратот со испапчениот дел од дланката.
– Оваа вежба е идеална доколку долго работите во седечка положба, а притоа го напрегате вратот, рече девојката на екранот.
Моника се обиде вежбата да ја направи токму онака како што се прикажуваше. Резултатот беше блага вртоглавица.
– Во никој случај немојте да притискате силно, рече масерката, небаре го погоди проблемот на Моника.
Моника го намали притисокот на своите дланки, но ништо не се подобри. Вежбата се чинеше дека само ја влошува напнатоста. Прекина и чекаше додека не почне следната вежба. Наскоро загуби трпение и префрли назад на музичкиот канал. Се водеше интервју. Двајца насмеани мажи на црна софа, кои своите микрофони ноншалантно ги држеа в рака небаре се лименки пиво со кои сакаат да се испрскаат. Кој беше ѕвездата а кој модераторот, најпрвин не можеше да открие, потоа некое време слушаше и сфати. Здодеано ѝ се врати на автомасажата.

Кога заврши емисијата го исклучи телевизорот и отиде до регалот со дискови. Долго го движеше показалецот врз имињата на групите, потоа се одлучи за дискот кој и бездруго го имаше на ум. Сузан Вега, дефинитивно најомилената пејачка на Моника. Пред многу години ја беше доживеала и во живо и до ден денес знае што носеше на тој ден. Особено ја сакаше а-капела верзијата од Tom’s Diner. Со оваа песна можеше да се расветли секое поедино стушено утро, сметаше Моника, освен тоа никако не штети и однапред да се наполниш со песната што и бездруго ти влага в уво; никогаш не се знае кои будалести и измачувачки песни би можеле да ти се заглават во мозок во текот на еден цел ден.
Малата едноставна мелодија беше толку елегантна и фина, речиси те поттикнуваше да пишуваш стихови, да, таа секој пат добиваше желба сите јазични искази тој ден да ги отпее или барем да ги мисли во таа мелодија. А текстот беше сигурно најубавата стихотворба за животот во еден град која Моника ја знаеше.

I am sitting in the morning
at the Diner on the corner
I am waiting at the counter
for the man to pour the coffee

Оваа трократна определба на почетокот, временска и просторна. In, at, on. Беше сосема едноставна слика, зумирање одозгора врз еден единствен човек кој седи во едно кафе. Тоа беше вистинска поезија, не онаа тешко-загадочна небулоза која постојано се презентира насекаде. Тивко пееше до крајот на песната:

I am thinking of your voice
and of the midnight picnic
once upon a time before the rain began
and I finish up my coffee
and it’s time to catch the train

Моника ја пушти песната пет пати едно по друго, но веќе не пееше заедно со неа (бидејќи звукот на сопствениот глас ѝ посредуваше чувство на напуштеност), туку ги остави усните немо да се придвижуваат. Потоа го преслуша целиот албум. За тоа време гледаше низ прозорецот. Мислеше на тоа, колку би било убаво доколку би можела прозорецот да го управува со далечински управувач, исто како и музичкиот систем или телевизорот. Тогаш би можела особено убавите мигови едноставно да ги вклучи или протокот на денот да го забрза и забави, зависно од потребите. Fast forward. Колку лекомислено и некомплицирано изгледа еден град во забрзана снимка: фаровите од колите се претопуваат со многубојните ленти на мајското дрво, кои без шевови се развлекуваат низ улиците, сонцето е паричка фрлена од Исток кон Запад, градежни кранови се издигнуваат над згради кои сè уште беа во изградба, облаци поитуваат на небото како стадо овци во бегство од овчарски кучиња. Сè е проточно, сè преминува едно во друго. Луѓето можат да се видат најмногу стотинка од секундата, светкаат низ сликата како нечистотија врз стар филмски материјал.

Моника седеше со затворени очи кога некој заѕвони. Ѕвонењето ѝ го раскина мечтаењето и урбаната поезија од песните на Сузан Вега. Притисна стоп на далечинскиот управувач, стана и отиде до домофонот. На малиот екран виде човек во комбинезонки. Ова мора да е мајсторот. Дојде премногу рано, беше дури девет и десет. Еден миг се колебаше, потоа притисна на синиот стилизиран палец под екранот и вратата се отвори.

– Добро утро, рече техничарот. Од фирмата Treadmill, овде сум заради контролниот уред …?
– Да, повелете, рече Моника и се тргна настрана.
Сакаше на техничарот да му го покаже патот, но самиот го најде. Сите станови на панорамата го имаат истиот распоред, само некои имаат обратен редослед на просториите. Мажот веќе бил во многу станови и веднаш знаеше каде треба да оди. Моника немо го следеше. Кога мина крај едно огледало, накратко контролираше дали фризурата ѝ се растурила при автомасажата. Не, сè беше во ред. Изгледаше како и секогаш.
Техничарот го најде контролниот уред и без зборови започна со проверката.
– Да, рече Моника. Овде има некоја грешка во временското подесување …
– Аха.
Го отстрани горниот поклопец. Кога беше средено и тоа молскавично се обгледа наоколу, механички се насмевна и рече:
– Имате убав стан.
– Благодарам, рече Моника подигајќи ги рамениците.
Техничарот кимна ревносно, небаре таа му противречи. Потоа повторно му се посвети на контролниот уред и мрмореше:
– Глупава работа е ова со копчето за сопирање. Непогодно програмирано, доколку мене ме прашате. Ама сепак. Сте имале среќа.
Што точно мислеше со тоа, не ѝ беше јасно на Моника. Сепак не потпраша. Наместо тоа рече:
– Не сакам ни да помислам на тоа што ќе се случеше ако навистина бргу морав да избегам од станот. Мислам навистина бргу.
Техничарот сега го беше отстранил и последниот шраф и од контролниот модул го подигна многу тенкиот метален штит со боја на месо.
– Се обидовте да притиснете уште еднаш?
– Како, на копчето?
– Да.
-Ама тоа немаше ништо да смени. А и не ни може. Мислам, доколку тркалото одненадеж продолжи да се врти додека јас сум во лифтот, паѓам, сеедно што ќе направам, така? Освен тоа во лифтот не ни има копче, затоа не Ви го разбирам прашањето дали сум притиснала уште еднаш?
– Океј, океј, рече техничарот. Сакав само да бидам сигурен.
Со дланката си го избриша лицето, а потоа опипуваше по својот колан барајќи соодветен алат. Бидејќи не го најде, се наведна и провери во својата кожна чанта. Буричкаше и буричкаше и конечно го најде: долго сребрено чудо кое Моника дури и да сакаше, немаше да знае каде му е местото. Вакво нешто можеше да најде употреба во салите за оперирање или во простории за мачење, ама овде –
Се накашла и се загледа на друга страна. Беше напорно да се има непознати луѓе во станот.

Повеќе од еден час му беше потребен на техничарот, за да ја отстрани грешката во подесувањето на време во модулот. И сепак не можеше со сигурност да ја исклучи можноста дека проблемот нема повторно да се јави.
– Океј, рече Моника.

– Не можам со сигурност да ја исклучам можноста дека проблемот некогаш повторно нема да се појави, повтори техничарот.
Изразот на лицето му беше намуртен. Се чинеше дека е лут на самиот себе. Веројатно не се случуваше често да го изврши налогот само до половина. Моника повеќе што сакаше е тој да си оди. Го испрати до вратата од станот и му отвори да излезе.
Погледна на часовникот и одлучи дека не беше многу доцна за солиден ручек. Од едниот од четирите регали наменети само на темата храна извади книга за готвење што беше специјално за азиски јадења. Најде нешто што изгледаше прилично добро и започна да го исчитува рецептот. Половината од состојките за кои стануваше збор не ѝ значеа ништо или ги немаше дома. Разочарано ја затвори книгата и ја врати назад на регалот.
Во кујната беше сосема тивко.

Моника плесна неколку пати со дланките. Бидејќи тоа не доведе до некоја значајна промена, се расепеа. Гласот ѝ беше горе-долу сличен со оној на Сузан Вега, не многу, ама сепак. Тивко потпевнувајќи се облече, го одбра најтенкиот од трите есенски капути, го обмота својот омилен шал и го стисна копчето за сопирање. Како што е вообичаено станот крајно нежно се затресе. Доколку некој не знае, бездруго тоа ќе го сметаше за чиста вообазба.

Го напушти станот и со лифтот се возеше кон главната кула. Кафето со не многу креативното име Wheel Bar беше празно, и покрај тоа што беше време за ручек. Фала богу ни трага ни глас од госпоѓа Шустер. Моника седна на една маса близу вратата од кујната. Така на келнерката нема да ѝ треба многу време за да ѝ ја донесе нарачката.
– Здраво госпоѓо Штилинг, рече келнерката. Убаво што често Ве гледаме овде.
На Моника одненадеж ѝ стана вруќина. Беше заборавила да го симне шалот.
– Ах, да, рече зацрвенета во лицето. Кафето кај Вас е навистина добро.
– Дали веднаш да Ви донесам едно?
– Не, би сакала нешто да јадам. Значи едно мало пиво и …
Иако уште одамна го знаеше менито напамет, го превитка и го проучуваше изборот на закуски. За малку гладни, пишуваше таму.
– Еден тост со кашкавал, се одлучи. Со кечап.

Моника гледаше по неа кога се тргна од масата. Аутфитот што го носеше за на работа малку потсетуваше на тениска опрема. Над малиот компактен задник на младата девојка материјалот се затегнуваше и образуваше еден единствен набор. Моника во еден миг ги затвори очите и се замисли. Потоа ја протресе малку главата и повторно ги отвори. Ја допре студеникавата површина на масата, насети трошки и масни дамки кои потекнуваа од поранешни муштерии. Можеби дури и од самата неа. Кога за ручек јадеше во Wheel Bar речиси секогаш седеше овде. Тоа беше нејзината вообичаена маса. Мојата вообичаена маса, си мислеше Моника и го повтори тоа неколку пати, сè додека зборот не почна да поприма некакво мрачно значење. После пет минути келнерката ја донесе нејзината нарачка. Моника избегнуваше директен контакт со поглед, но повторно гледаше по неа. Наборот повторно беше овде и при секој чекор намигнуваше.

Јадеше бавно и промислено. Понекогаш ѝ се случуваше премногу бргу да го голта јадењето, а потоа ѝ се лошеше. Тостот со кашкавал беше перфектен. Крцкав а истовремено сочен. Кашкавалот беше само подрастопен.

После јадењето остана да седи уште еден саат и гледаше низ прозорецот. Од овде маглата не изгледаше толку густа. Можеби заради тоа што уште одамна ги немаше исчистено прозорите во својот стан. Или, пак, времето едноставно се беше сменило. Едно од тие две. Повторно и повторно доаѓаше келнерката и прашуваше дали треба да донесе уште нешто, а Моника секој пат размислуваше и го прелистуваше менито, за потоа повторно да врти со главата и да промрмори:
– Фала.

Келнерката ниту еднаш не ја симна љубезната насмевка. Моника седеше таму и ја набљудуваше. Попладнето започна. После некое време одлучи дека доволно долго седеше овде и плати. Не заборави на келнерката да ѝ даде фин бакшиш. Потоа се врати во својот стан. Кога го симна шалот – зошто ли всушност стави шал, кога и онака не отиде на отворено? -, ѝ навреа солзи на очите. Мораше да мисли на младата келнерка. Колку години можеше да има? Шеснаесет, седумнаесет.

Имаше желба да се бања в када, по втор пат денеска, но овој пат не ја наполни кадата до горе. Од комодата за долна облека го извади својот – е, да, името на овој апарат звучи толку будалесто, како јунак од некој стрип за деца. Секојпат кога негде ќе го прочиташе или слушнеше, ѝ стануваше незгодно. Ама мораше да го има. Инаку ќе пукне. Од похота, од – само кратка сеанса во када, си велеше, потоа ќе ѝ биде подобро. Сè уште ѝ требаше лубрикат за да може во себе да го внесе ова црно чудо. Како тинејџерка, си мислеше. А и воопшто беше многу тешко за неа да дојде до оргазам, кога е нешто внатре во неа. Однадвор беше полесно и побргу, но резултатот никогаш не беше толку интензивен. Седеше во топлата вода што ѝ доаѓаше до пупак и под главата си постави еден свиткан пешкир. Бидејќи водата не можеше да го достигне секој дел од кадата, се штрекна од студената површина кога сакаше да се потпре наназад, но после неколку минути се привикна на тоа и сè одеше лесно. Мислеше на младата келнерка. Си ја замислуваше мокра, небаре шетала на дожд. Униформата се соблекуваше сама од себе, од ова мало свитливо тело подготвено за авантури. Боже мој, што сè можеше да се прави со вакво тело.

Првиот оргазам се навести многу бргу. Уште пред тој да настапи имаше одлучено трипати да се задоволи, но потоа сврши толку жестоко, што повторно почна да плаче и комотно можеше да ги заборави останатите двапати. Плачеше како дете и со исправена дланка плескаше по водата која прскаше насекаде. Најмногу би сакала да стане и гола и мокра да се симне во Wheel Bar, за таму да клекне на колена пред девојката и да ја запроси.

Постепено се смири.

Со благо растреперени нозе излезе од кадата, се наведна (такашто пријатен дополнителен трепет ѝ мина низ долниот дел од стомакот) и ја пушти водата да истече. Со мек пешкир се избриша, особено внимателно меѓу нозете. Беше многу осетлива. Лесно можеше да се повреди. Благ ветрец можеше да ја убие.
Апаратот за масажа го врати назад во комодата и врз него смести два слоја шарени гаќи. Потоа седна пред телевизорот и на тепка ги менуваше каналите. Во еден ситком седеа насмеани луѓе во едно кафе, а нив ги служеше една прастара и грда келнерка. Моника мораше да се насмевне и задоволно се прегрна себеси.
Токму кога успеа да го следи збиднувањето во ситкомот заѕвони телефонот.

– Ало?
– Ало, Мони. Елке овде. Слушај, сакав уште еднаш да прашам дали е во ред утре да поминам со момчињата? Знаеш, пред неколку недели зборевме за тоа.
Елке беше сестра ѝ. Беше самохрана мајка на двајца синови. Моника се сети дека Елке еднаш на телефон беше спомнала, оти двете нејзини момчиња би сакале да ја видат панорамата однатре. Тогаш Моника немаше време, а оттогаш Елке се имаше јавено најмногу три или четири пати. Одамна се немаа видено.
– Океј, рече Моника и се запрепасти за тоа, колку лесно беше да се каже тоа. Кога утре?
– Ох, мислев попладне. Околу три?
– Фино. Инаку ти како си?
– Впрочем како и секогаш. Овде нема ни секунда да е мирно, за тоа се грижат моите мали уметнички изведувачи.
Сестрите си разменија уште неколку зборови и се поздравија. Разговорот не беше собено продлабочен, ама тоа беше сосема во ред така, сметаше Моника. Му се врати на ситкомот, но беше почнала реклама, па затоа смени програма.

До вечерта гледаше телевизија. Во меѓувреме си стопли една замрзната пица. Имаше одвратен вкус, премногу шампињони. Половината ја фрли.
Горкиот вкус на печурки повторно ја наведе на мрачни мисли, а таа бараше емисија на која се зборува. Ѝ требаа гласови кои секогаш исто звучат, инаку –
Бараше и бараше и на крајот најде некоја дискусија за модерна музика. Слушаше и се концентрираше, за да може барем малку да разбере за што се зборува.
– Проблемот на низата сама по себе уште не е ни застарен, а камоли решен, рече еден од мажите.

Моника не разбираше ништо. Сепак ја ислуша дискусијата до крај, потоа отиде да си легне. Веќе беше навистина доцна, го заборави времето. Тоа се случуваше често кога седеше пред телевизор. Часовите одминуваа небаре се раствораа во врела вода. Додека миеше заби Моника уште еднаш накусо мораше да помисли на девојката во кафето, нејзините движења се забавија. Направи гаргара, ја плукна пенливата вода во мијалникот и гледаше како исчезнува во одводот.

Креветот беше студен, перницата неудобна и безоблична. Небаре лежи на цврсто надуван балон. Брадата ѝ се притискаше врз градите, а таа и покрај лежечката положба имаше чувство дека главата ѝ виси нанапред. Значи мораше повторно да седне и да ја протресе, па дури и малку да ја испердаши перницата додека доволно да смекне. Потоа долго лежеше мирно свртена настрана и се слушаше како дише. Левата ноздра ѝ беше за нијанса погласна од десната.

Ќе дојдат кај мене само зашто овде живеам, си мислеше. Воопшто и не сакаат да ме посетат. За нив сум само средство за да дојдат до целта. Сакаат да ја видат панорамата, да се возат со експресниот лифт, да се мотаат како сеништа низ столбиштето од главната кула, да јадат нешто во кафулето. Да нарачаат нешто кај келнерката. Да се однесуваат како млади мајмуни, да мачкаат наоколу и да фрлаат јадење на под. А јас, цело време ќе морам да глумам љубезна тетка, да им го покажам станот, да одам со нив на балкон и да им објаснам колку често седам долу во кафулето и дека е тоа една од малкуте константи во мојот живот.

А потоа одненадеж убаво и јасно ја виде целата ситуација пред себе: посетата на сестра ѝ и внуците ќе биде врвот на утрешниот ден. Како и посетата на техничарот што беше врвот на денешниот ден. Врв, зборот се надува, стана леплив и ѝ го прекрати воздухот за дишење. Моника се исплаши. Ја штракна ламбата покрај нејзиниот кревет и погледна на часовникот. Еден и пол. Впрочем беше веќе многу доцна, ама сепак мораше да се обиде уште еднаш: со мраз студени прсти го сврте бројот на сестра ѝ, остави да заѕвони еднаш и потоа повторно затвори со силно срцебиење. Како некое дете испушташе некакви си звуци. Се разбира дека кратко после тоа ѕвонеше телефонот. Подигна:

– По грешка ти свртив, Елке. Извини.
– Океј е, рече поспаниот глас на сестра ѝ.
– Те разбудив?
– Што?
– Дали те разбудив.
– Да. Мислам дека да. Ме разбуди.
– Жал ми е.
– Ме разбуди. А баш сонував нешто во тој момент …
Гласот се прекина. Нешто шуштеше. Можеби Елке се исправи во кревет. Како ли излгледа нејзината спална соба? Моника уште не била таму.
– Извини, рече, ова беше навистина глупо од моја страна.
– Имам … ах, чекај секунда … Така, сега е подобро. Сонував, знаеш што сонував? Нешто многу смешно. Сонував како врнат вентилатори. Пропелери и слично. Мали пили што се вртат …
– Баш сум будалетинка, рече Моника, не требаше да те разбудам. Ама знаеш, кога веќе си будна, дали можеби … дали ќе можеш евентуално … да ми направиш две услуги?
– Хм?
Пригушеното шушкање на посетлина. Бавно дишење, премногу блиску до слушалката од телефонот.
– Прво: дали може некој друг ден да дојдете со децата кај мене?
Тишина. Дишењето малку се забави.
– Ти воопшто не сврти по грешка, Мони, утврди сестра ѝ сосема трезвено. Кажи слободно. Те знам, зарем не.
Моника си ја гризна усната и си мислеше: си ја гризам усната. Гестот е глупав и не е многу оригинален. Дефинитивно гледам премногу телевизија.
– И второ, продолжи колебливо, те молам немој да се лутиш заради … знаеш.
– Па добро зошто не кажа порано? Што можело да се смени до сега … боже мој, еден и пол?
Сега е ноќ, се сети Моника. Инаку немаше некоја разлика. Малку подразмисли за тоа, тоа беше сè. Повеќе сакаше да биде сама. Барем утре. Барем следните неколку дена или недели.
– Мони, што се случува?, праша Елке после некое време. Зборувај со мене. Ме разбуди, сега зборувај со мене.
– Не знам што да кажам, призна Моника. Можам само да кажам дека ми е жал. Тоа е само затоа што … денеска беше еден техничар кај мене во станот.
– Кај тебе во панорамата, рече Елке со малку поспан глас.
– Да, и тој … мораше да дојде, знаеш, бидејќи имаше проблем со контролната механика или нешто слично. Беше прилично опасно. Што ли ќе се случеше да морав набрзина да избегам од станот. Разбираш ли?
– Не, немам поим што зборуваш, Мони. Ама доколку ти помага: да, разбирам.
– Фала.
– Во ред е. Ама навистина сум уморна, можеби е подобро утре да …?
– Не сакав да те разбудам. Само ете … можеби друг пат. Те молам.
– Ти си сериозна, нели?, рече Елке. Не сакаш да ти дојдам на гости со момчињата.
– Не, не е тоа. Се работи само за утре. И за времето потоа, следниве неколку дена. Повеќе би сакала да бидам сама.
– Ама зошто? И онака си секогаш сама.
– Не сум.
– Да, знам, техничарот што денеска бил таму.
– Не мислам тоа.
– Него да не си го измисли?
– Не. Стварно нешто беше расипано.
– Контролната механика, да, рече.
Тишина. Двете сестри дишеа во слушалката.
– Не ми се лути, океј?, рече Моника после тоа. Сети се на услугата број два.
– На што?
– На услугата број два, што рече дека ќе ми ја … ах, заборави.
– Не сум ти лута, само не разбирам. Момчињата веќе две недели не зборуваат за ништо друго освен за тоа. Сакаат само еднаш да се повозат, еден круг. И сакаат да видат како е на балкон, дали може да се почувствува ветрот од движењето.
– Не, рече Моника тивко и сериозно.
– Што не?
– Не, не може да се почувствува. Тркалото се движи премногу бавно за да може.
– Мони, што се случува всушност со тебе? Зошто ми се јавуваш толку доцна и ми велиш дека е подобро да не доаѓам на гости? Нешто не е во ред со тебе, да не ти треба помош?
Моника размислуваше.
– Ако ми треба помош, тогаш ќе те оставам да дојдеш, зарем не?
– Токму во тоа се сомневам. Нешто ми премолчуваш. Да не си … се преселила?
Моника мораше да се насмее. Не го очекуваше ова. Ама сепак беше елегантно, кристално јасно решение за проблемот – барем од аспект на сестра ѝ -, та речиси и ја расположи.
– Не, рече со смеење, не, не сум се преселила. Уште сум овде горе, тоа значи моментално, мислам, сум прилично ниско доле. Ама после ќе оди повторно нагоре, цел ден, цела ноќ. Нагоре-надолу.
– Нагоре-надолу, повтори сестра ѝ. Сепак, ми премолчуваш нешто.
– Не ти премолчувам. Само долго време лежев и размислував. Тоа е сè.
– Хм. Момчињата во секој случај ќе бидат разочарани. Можно е после да не сакаат воопшто да дојдат кај тебе на гости. Бидејќи се навредени. Знаеш децата какви можат да бидат.
Моника почувствува како ѝ навираат солзи на очи.
– Елке, те молам не го прави тоа.
– Кое?
– Немој со таа психо-финта. Моментално апстинирам од чувства на вина. Што би се рекло на апстинентска криза – cold turkey.
Мораше да помисли на искубана мисирка, која лежи на сребрен послужавник со дебелите бутчиња кренати нагоре. Елке зеваше близу до слушалката, потоа рече:
– Ама сепак би било лага, доколку ти речам дека тие двајцата нема да бидат разочарани. Многу се радуваа за ова. А искрено, исто и јас. Од кога не сме се виделе?
Моника мораше да подразмисли.
– Гледаш?, рече Елке, мораш да размислиш. Три. Станаа три години. Минатата недела негде беа точно до ден –
– Три години, дополни Моника.
– Значи? Каде е проблемот? Три години, тоа е долго време. А утре би можеле да ги окончаме тие три години.
Моника повторно си ја гризна усната. Овој пат не забележа.
– Ама не е баш така. Не е дека не се радувам што ќе ве видам. Не мораш да ми пресметуваш од кога не сме се виделе.
– Да, морам, зашто ти не ни знаеш.
– Моето помнење никогаш не било -, почна Моника. Но не продолжи понатаму. Еден многу, многу нежен трепет мина низ станот. Некој го беше притиснал копчето за сопирање и тоа среде ноќ.
– Мислам дека повторно ќе си легнам, рече. Извини уште еднаш што те разбудив. Некако немам чувство за време.
– Чекај, рече Елке. Навистина не сакаш да дојдеме утре? Мислам, сигурна си?
Моника размислуваше, што би можела уште да каже. Се чинеше дека ги беше испробала сите можни реченици што ѝ стоеја на располагање. Веќе немаше ниту една што е погодна.
– Немој да се лутиш, рече на крај.
Елке не одговори. Потоа го прочисти грлото и рече:
– Добро. Ако така сакаш. Тогаш така ќе пренесам. На момчињата.
– Океј.
– Океј.– Добра ноќ, Елке. Се надевам дека ќе можеш повторно да заспиеш, откако те –
– Немој да се секираш за мене, рече Елке и спушти.
Сега Моника повторно беше сама. Се тегнеше во кревеот и го наслушуваше ветрот кој надвор вееше низ ноќта. Како пијан човек во бегство. Не, тоа не одговара. Всушност ветрот не може да се спореди со ништо. Особено не кога човек е оставен на негова милост и немилост, некаде меѓу небото и Земјата во вагон што се нишка ваму-таму, кој во себе содржи четири прескапи станови. А еден од овие станови ја содржеше неа, Моника. Лежеше во креветот, во соба со мртва темница.

Долу во Wheel Bar сигурно уште одамна беа изгасени светлата. Си замислуваше како би било ако сега, во ова време, се обие таму. Што би нашла? Напуштен локал со маси на кои столиците вежбаа стој на глава. А во еден шкаф и безживотната облека на келнерките. Малите плочки со имиња. Тина.

Моника со напор ги одвои своите мисли од името; беше тешко, како глутница кучиња што е врзано со еден единствен каиш. Сепак ѝ успеа. Си врза ракета за грбот и полета над градот. Црното ноќно небо ја правеше невидлива. Долу се провлекуваа илјадниците згради од кои се состоеше градот. И сите тие само што не пукнале од што беа полни со луѓе. Нигде не се трошеше простор за џабе.

тоеше во место, а Моника се замота поцврсто во јорганот. Во тој миг непознати луѓе се возеа со екпсресните лифтови до своите станови.

Моника се заврти настрана и зјапаше во темнината. Ќе ги затворам очите, си мислеше, дури кога ќе продолжиме да се вртиме. Иако знаеше дека погонот на панорамата секој пат се придвижуваше со крајна сталоженост и нежност, така што едвај се забележуваше. Во врска со тоа немаше што да се приговори. Единствен проблем беше, што никој немаше заслужено толку нежно да се однесуваат со него. Никој. Барем не ноќва, си мислеше Моника. Барем не од страна на една огромна безживотна метална конструкција на работ од еден средно голем индустриски град.