Во романот “Платно” од Бенјамин Штајн важно место има и традицијата, односно еврејската религија и Бог. Амнон Зихрони од раѓање (во Ерусалим) е предодреден да го оди патот на религиозно образование и изучување на тората. Што е и кој е Бог, името не смее да му се изговори, а сепак постои и најчесто се именува како Вечниот:

„Подоцна повторно и повторно се прашував, што ли беше она што ја предизвика бурата од слики, тонови и чувства, која следеше. Дали тоа беше името на Вечниот? [..] Или, пак, тоа беше неподносливата напнатост, во која со часови исчекував, и која сега, ете, со гризот во јаболкото ненадејно попушти, и ме подготви за овој миг, во кој на еден за мене дотогаш потполно непознат, сосема нов начин, учев да гледам, вкусувам, мирисам, слушам и чувствувам? Не знам.“

Искуствата на Амнон Зихрони се особени и вреди да се дознаат.

Бошко Бозаџиевски особеното искуство на вкусување и чувствување при средбата со Него духовито и крајно искрено го пренесува во песната Јас и Он, а сликата на Кристијан Крстевски одлично ги фаќа Јас и Он, особено од крајот на песната:

Јас и Он

 

бог…

бог е мисла

плус нема брада

има само џигерици

 

јас го љубам бог

да не речам, го посакувам

иако е бесполов.

на крајот на краиштата

навивам за фелационото стимулирање

се сретнавме неколкупати

пиевме вино, ракија, мастика, узо

коњак, вотка, мартини, еден бурбон

еден скоч и едно пиво.

мешавме.

он немаше проблем

а јас отидов чесно да повратам

во шолјата

каде што имав визија

дека од мојот

космогониски блуеж

одново се создава сиот свет

сѐ што некогаш сум испил или изел

почна да излегува набрзина од

мојата душа полна со киселина

и го видов новото небо и

новата земја

на старите плочки

сиот потонат во креативност

почнав да барам и барам

материјал за новиот човек

но во тој миг:

„човеку, тебе стварно ти треба помош“

го чув мојот пријател

јахве

повторно разочаран

како пред 2000 и нешто години

Он

правејќи еден непристоен гест

стори нешто величествено

нешто грандиозно

нешто што најдобро знае да го прави

ми го сврте грбот

и си замина

гледав низ прозорецот

додека џигериците му се лелееја

на утринското ветре