::ОСВРТИ::

 

::5:: Некој бил тука :: Николина Андова Шопова

од ::Александра Димитрова:: 

Eтаблираната поетеса Николина Андова Шопова претставува една нова, многу силна енергија во македонската современа проза. Нејзиното прозно деби се случи во 2018 година, со романот „Некој бил тука“, во издание на „Темплум“, Скопје, за кој ја доби наградата Роман на годината, што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“.

Романот е одличен поради многу причини.

Структуриран е во неименувани глави, кои циклично се менуваат, па ако правата глава временски е позиционирана во презентот на приказната, втората глава се однесува на минатото на Ликот-раскажувач. Тие епизоди се куси и секоја засебно е многу интересна и исполнета со нови факти од животот на Раскажувачот, а прекините се вешти и на клучно место, па таа авторска досетка на Андонова-Шопова го прави читателот љубопотен  и нетрпелив- да се стигне до следната глава и да се дознае следниот настан и следната одлука на Ликот.

„Некој бил тука“ започнува лежерно, со неколку реченици, кои на почетокот се чини дека реферираат на етикетата од кошулата и сензациите и непријатностите кои се чинат физички: Што и да направеше, ме оставеше со чувството дека во тилот имам некаква игла што ме боцка и од која никако не можев да се ослободам. Ваквите ситници ја засилуваа непријатноста, која на моменти стануваше толку неподнослива, што морав поскоро да побегнам, но овие три реченици се концентриран опис на комплексната емотивна состојба на раскажувачот, иако тоа се сфаќа дури на крајот, кога пред читателот ќе се развие цела комплексност на една човечка психа.

Од вешто водената приказна се дознава дека носечкиот лик, e всушност заробен во вителот на својата неутешност предизвикана од смртта на малолетната ќерка. Средовечниот раскажувач е многу отуѓен и унесреќен човек, а депресивната суицидална сопруга не му го олеснува секојдневието, па тој е принуден да најде утеха во љубовна врска со помлада жена. Љубовната врска не е опишана како еротски занес или вљубеност, туку е некаков обид за нормалност и нормално врзување со личност која не ги дели истите болни чувства за смртта на ќерката.

Тагата која како чувство е доминантна во романот, полека и вешто се полни со настани, со мини приказни од животот на носечкиот лик.

Ликот раскажувач и неговата љубовница Вања неколкуте љубовни средби ги поминуваат во станот на една другарка на Вања, па од некоја непозната и недефинирана причина, ликот се опседнува со тој стан, со тој простор. Опседнатоста секојдневно се зголемува, тој секој слободен час, односно секој час кога знае дека Сопственичката е надвор од станот го поминува таму сам, допира, потонувајќи во спомените од своето детство. Интересен е изборот на Шопова, токму реминисценциите на минатото да бидат од детството, веројатно за да направи паралела меѓу емоциите предизвикани од раната смрт на таткото и оние кои ги чувствува во сегашноста, поради згубењето на малолетната ќерка. Тие два настана во животот на ликот ја детерминираат неговата желба за осаменост, желба за отуѓување и барање утеха во поистоветување со животот на некој друг. Исто така и настаните од детството за повикување на духови или сеќавањата како мајката ги чувала предметите од таткото и ги мирисала и држела во свооте раце како да се нешто најсвето, слободно можат да се поврзат со подоцнежната љубопитност и желба да се нурне во интимата на непозната жена, но и го потенцираат синдромот на копнеж за прегратка и утеха.

Лесното раскажување на Шопова не дозволува да се предвиди трагичниот крај на Ликот, па е вистинско изненадување нејзината авторска одлука за крајот на романот. Ликот решава да се самоубие токму во станот на сопственичката, во тој амбиент кој му дава краткотрајна утеха.

Просторот има многу важна улога во портретирање на Ликот. Ликот во еден специфичен миг од својот живот, во кој не успева да најде утеха ниту во младата љубовница, ниту во кратката средба со еден другар од детството, успева да  најде прибежиште во еден туѓ стан. Тој простор кој уште при првата средба му дава чувство на моментална среќа и кој му дозволува на миг да заборави на својата ситуација. Затоа ликот решава да му се враќа, за да може да се исклучи од реалноста. Нему не му е важно да биде во некој друг стан, туку баш во станот на Сопственичката. Тој простор за него е како топла постела од која не сака да стане, за да не мора да се соочи со реалноста. На тој начин просторот не е само сетинг, просторот се разигрува, тој добива подоминантна улога низ текстот. Просторот има терапевтски, лечебни својства, во кои Ликот верува фатално.

Затоа во мигот кога сфаќа дека повеќе нема да смее да доаѓа, решава да стави крај на својот така-наречен живот.

Автобиографското раскажување е најчесто во прозата која клони кон женско писмо. Затоа изборот на Шопова да раскажува во прво лице еднина. Таа истовремено раскинува со стереотипите за машкиот лик, таа одбира друга слика за современиот маж, кој тврди дека не е склон кон коцка, пиење, излегување, дури ни спорт, кој нема блиски пријатели. Таквото отсуство на машки атрибути автоматски му ампутира други белези- нагласена емотивност, нагласена приврзаност кон мајката, сопругата, ќерките, тешко прифаќање на болните емоции, лесна заљубливост. Ликот со женска аналитичност ги анализира до најситни детали емоциите со кои вибрираат неговите најблиски- тагата на мајка му кога починал неговиот татко, анксиозноста на другарот кој бил сексуално злоупотребен како дете, депресијата и булимијата на сопругата, итн. Ваквата вивисекција на чувства, без непотребно оптоварување со филозофски референци е ретко во т.н машко писмо. Андонова Шопова ја гради приказната од позиција на обичен човек. Ткаењето на раскажувањето е во густа, автобиграфска форма, со многу топол, лирски призвук, со многу емотивен јазик, со јазик кој е исклучително убав, сочен, јасен, современ македонски јазик

Женските ликови се оние кои ја детерминираат судбината на Ликот-раскажувач. Тој обичен мал човек, уште во детството се соочува со прераната смрт на татка си и е сведок на бавното пропаѓање на мајка му, ја гледа како таа тешко се откажува од предметите на својот сопруг, ја чувствува како се оддалечува од него оствајќи го сам и осамен. Изборот на овие епизоди е намерен, Шопова ги одбира токму нив за да потенцира дека по смртта на ќерката, сопругата на Ликот станува иста како неговата мајка. На тој начин смртта на блиските и болката кон нив го определува животот на Ликот, станува негова постојаност, од кој тој не успева да се ослободи.

Романот е кус, тој има само сто двесет и две страници, но е прекрасен од првата до последната страница. Ликот е впечатлив поради вообичаениот секојдневен сензибилитет кој на сите ни е близок и познат. Тој е само обичен човек, кој соочен со смртта на своите најблиски не умее да се носи со тежината на емоциите, своите, но и на блиските жени- на мајката и на сопругата. Оттаму Ликот иако е машки, целокупниот сензибилитет, целокупната енергија со која е обвиен е многу женска, женски потресно тажна и трогателна.

Ако се суди според дебитанскиот роман, верувам дека од Николина Андонова Шопова во иднина би можеле да очекуваме многу урбана женска проза. Со задоволство го препорачувам овој роман на сите наши читатели.