::ОСВРТИ::

::04:: Вилхелм Генацино :: Просечна носталгија ::

Блесок 2009 год ::

превод од германски Елизабета Линднер::

книгата е во продажба во: Полица, Ап(о)тека (МКЦ), Галерија Акантус – а на две купени книги од изборот германски автори можете да ја добиете и гратис!

::Извадок од романот:: ќе најдете во рубриката :: КНИГИ :: ПРОЗА ::

Осврт од :: Александра Димитрова::

 

Романот „Просечна носталгија“ е еден од романите кои на првата страница не ветува многу. Роман кој започнува сосeмa просечно, дури и монотоно, н ако сте доволно трпеливи да читате барем до третата страница, ќе ве остави без зборови. Зошто велам дека ќе ве остави без зборови на третата страница? Затоа што здодевниот опис на гледање на еден фудбалски натпревар, без никаква најава добива фантастична димензија и ликот –наратор едноставно го губи увото, односно сфаќа дека го гледа сопственото уво на подот на барот и не успева ниту да го земе со себе. Тој настан од животот на ликот-наратор сепак не е донесен со патос, со бол или со жалење. Генацино успеал да го банализира фактот дека ликот го губи увото во еден бар, со таква ноншалантност, која предизвикува комичен ефект. Единствено нешто за кое ликот притоа се грижи е јавното мислење, односно како ќе биде прифатен неговиот новостекнат недостаток, дали некој ќе му се потсмева, дали ќе биде забележан и заради тоа ќе биде маргинализиран. Ликот во ниту еден миг не го поставува прашањето дали ќе слуша, дали ќе чувствува болка. Со таквата писателска досетливост, Генацино уште на првите неколку страници од романот ја најавува доминантната поента на „Просечна носталгија“, а тоа е дека модерниот човек е многу пооптеретен со јавното мислење отколку со личните чувства.

Губењето на увото на ликот –наратор не значи крај на несреќните случувања. Тој настан претставува влезна врата за спиралата несреќни настани, за кои читателот ќе сведочи. Особено е интересен начинот на кој нараторот го перципира својот живот, како депресивна траги-комедија со која се помирува. Тој дури изјавува дека не сака да дојде во допир со сложеноста на животот и дека може да си го уреди животот градејќи едноставни односи со едноставни личности. Брачната несреќа е една од низата несреќи кои го следат ликот, тој во презентот на приказната го формализира крајот на бракот со неговата сопруга Едит, ја губи блискоста со својата единствена ќерка Сабине, останувајќи осамен како „едноушест човек во еднособен стан“.

Во презентот на романот, ликот ги губи формалните атрибути кои до тогаш ги поседувал – успешен средовечен татко и сопруг, па губењето на увото е само симболично потенцирање на надворешната слика која за него ќе се изгради поради разводот. Преку самоанализата на внатрешните емотивни состојби, се добива вистинска реконструкција на еден живот. Несреќата која како облак го следи ликот не потекнува само од односот кон неверната сопруга, тој влече корени од примарното семејство во кое депресивната мајка и нетолерантниот татко немале хармоничен брак. Несреќата е дополнета со здодевната работа и пресметливите колеги, а единствена сатисфакција од работата му се парите. Генацино е особено луциден во описите на односите со колегите, не заборавајќи да ја потенцира и сексуалната љубопитност кон колешките.

Сексуалните фантазии и желби имаат големо место во личните анализи на ликот. Тој е назадоволен од распаѓањето на бракот пред се поради губењето на територијата наречена Едит. Тој тврди дека луѓето не се венчаваат од љубов туку од здодевност. Понатаму додава дека во дваесетипрвиот век бракот е како некој вид заразна болест, која секој мора да ја прележи. Ваквата иронија е типична за атмосферата на целиот роман. Генацино со брилијанта доза на иронија го коментира апсолутно сите животни односи и настани, а Линднер како одличен преведувач успеала нијансите од германскиот јазик совршено да ги преведе и адаптира на македонски јазик.

Доминантниот лик-наратор по брачното фијаско стапува во интимна врска со Соња, жена со сомнително минато, која живее во дом за бездомници. Она што сепак го привлекува кај неа е дека таа нема една града, односно што слично како него е оштетена во физичка смисла. Тој дури и сака да најде жена пред која ќе може да го симне наушникот и да ја признае својата несреќа. За Соња, тој признава дека го потсетува на неговата мртва мајка.

Во десеттата глава од романот, кога ликот веќе има расчистено со Едит, кога сфаќа дека Соња не е жената на неговиот живот, а притоа добива унапедување, тој започнува да оди на работа без својот наушник  Па иако сите колеги можат да видат дека му недостасува едно уво, никој тоа не го коментира. Со тоа Генацино ја иронизира дискрецијата на Германците како нација, но и нивната сервилност кон повисоките функционери.

Генацино е германскиот Чехов. Тој е автор кој со неверојатно ноншалантност успева да даде рентгенска слика на душата на човекот од дваесет и првиот век, притоа користејќи нестандардна метода на фантастичен настан кој не предизвикува општествени турбуленции, туку само мала лична драма. Губењето на увото, а нешто подоцна и на ножниот прст е маргинализирано, затоа што губењето на семејството е многу поголема несреќа во личниот живот на нараторот. Всушност осаменоста е една од главните проблеми со кои ликот се соочува. Тој потенцира дека нема ниту еден близок пријател, дека нема семејство, дека нема конекција со колегите од работа, а и сексуалните партнерки не му се по мерка.

Генацино сака да потенцира дека општеството многу повеќе ги зема предвид формалните карактеристики на една личност, без притоа да се оптоварува со емотивната состојба на своите членови. Среќата е детерминирана од надворешните фактори, а не од внатрешните доживувања.

Сите овие емотивни опсервации се донесени со густо исткаена нарација, со многу самоанализи, во кои преовладува црн хумор и јасен презир кон општествените и морални норми за бракот, децата, родителските односи и работните успеси мерени исклучиво преку профитот.

Преводот од германски е одличен. Преведувачката со многу голема умешност ги пренела сите нијанси во македонскиот превод на исклучително богатиот јазик на Генацино. Особено се умешно преведени ироничните делови од романот, за кој ако не се внимава нема да се добие суштината при превод од еден јазик на друг.