::04:: Вилхелм Генацино :: Просечна носталгија ::

Блесок 2009 год ::

превод од германски :: Елизабета Линднер::

книгата заедно со останатите изданија е во продажба во: :: Буква :: Полица :: Антолог ::

Рецензија во рубриката Осврти :: Осврт кон романот од Александра Димитрова :: 

ВИЛХЕЛМ ГЕНАЦИНО, роден 1943 година во Манхајм. После студиите по германистика, социологија и филозофија во Франкфурт на Мајна, работи како новинар и уредник во повеќе весници и списанија. Од 1971 започнува неговата писателска дејност, а тогаш ја основа и литературната агенција Literaturcop. Помеѓу 1980-1986 година е уредник на литературниот весник Lesezeichen. Гостува како професор по литература на Универзитетот во Падеборн (1997/1998) и Франкфурт на Мајна (2005/2006). Во 2009 добива еден семестар професура за поетика на универзитетот во Бамберг. Од 2011 е избран како член на Берлинската академија на уметностите. Живееше и работтеше во Франкфурт на Мајна, каде на 12.12.2018 почина.

На македонски во Блесок се објавени две дела:: романот Просечна носталгија и кратка проза:: Светлината гори дупка во денот од која еден текст е веќе објавен во рубриката :: Исказ :: Израз

:: Целосна библиографија ќе најдете во печатеното издание::

::ИЗВАДОК::

Страни:: 1-5::

Рана вечер е и сè уште е светло. Градот е речиси празен. Повеќето се на одмор или пак седат по локали што имаат градина. Жегата ги притиска покривите. Би можел да си одам дома, ама во мојот стан е исто толку жешко како и надвор. Вчера вечерта шеткав по градот додека од умор не станав сосема лесен. На крај седнав на една клупа, па дури бев и заспал. Дваесет минути подоцна ме разбудија гневни гласови на млади луѓе, тоа беше непријатно. Не е едноставно да се биде единка. На улицата здогледувам еден плиток чевел, со ѓонот нагоре. Од една странична улица се слуша звук на автомобил кој прегазува пластично шише. Еден службеник ме одминува, на рамото му виси закачен куфер. Куферот тежи и влече надолу, така што ременот за носење го повлекува надолу и задниот дел на костумот и прави човекот да наликува на одечка несреќа. Малку се згадувам од подвиснатите долни усни на неколку џогери што забревтуваат покрај мене. Вратите на многу локали се ширум отворени. Во некои од локалите влегувам на кратко и набрзина повторно излегувам. Уште малку и нема веќе да ми се прави така, па едноставно ќе седнам каде било и ќе нарачам чаша пиво. Свртувам во улицата Вормер и недалеку го здогледувам „Спортски ќош“. Минатата недела бев двапати. Уште при вториот пат сопственикот добронамерно ми мавна со раката кога ме препозна. Вратата и прозорците на кафулето беа исто така отворени, вревата од посетителите се пробива до улицата и се меша со вревата од другите гостилници. Од пред речиси една недела на телевизија ги пренесуваат мечовите од Европското фудбалско првенство. Во повеќето локали се вклучени телевизиските приемници. Чекорите ме водат полуавтоматски до отворената врата на „Спортски ќош“, иако фудбалот воопшто не ме интересира. Дури и го барам погледот на сопственикот, кој во мене ќе го препознае странецот што до некаде станува сè попознат и попознат. Во „Спортски ќош“, во чело на десната страна е поставено големо проекциско платно, а во чело на предната страна, речиси над шанкот, е

закачен еден втор, нормален телевизиски апарат. Особено гласно е дерењето кога истовремено се пренесуваат два различни меча. Вечерва на големото платно игра Германија против Чешка. Локалот е полн, иако мечот уште не почнал. Наоѓам едно празно место, сосема напред, залепено до ѕидот. Мажи по маички влегуваат, се туркаат кон напред меѓу гардеробата и шанкот и се сместуваат на една дрвена клупа. Еден мелез со прекумерна тежина влегува во кафулето, неколку луѓе довикуваат: Ханзи веднаш да добие пиво. Нарачувам чаша бело вино и минерална вода. Неколку жени им ги масираат грбовите на своите мажи. Жените се тие што најгласно викаат. Сите го исвиркуваат мечот, сопственикот донесува огромно пиво пред човекот по име Ханзи. Повеќето гости се веднаш незадоволни од германските играчи. Купи си очила за слепци, му довикува еден човек на еден од играчите. Вака не може, вели човекот до мене. После половина час репортерот вели: Германија прави премалку. Една подостарена госпоѓица од соседната маса вели: понекогаш опасноста демне таму каде што никој не може да ја намириса. Повремено некои мажи излегуваат надвор, па некое време се врткаат наваму-натаму, ако се премногу возбудени. Сега седам среде општа викотница. Сопственикот носи нови пива и вели: ако Германците не дадат сега гол, ќе добијат еден во осумдесеттата минута, а тогаш е фајронт. Тревогата се зголемува, вели репортерот.

Додека трае полувремето, на кратко размислувам дали да си одам дома. Фудбалскиот натпревар слабо ме забавува. Ги набљудувам гледачите, не мечот. Во првото полувреме особен впечаток ми оставија жените што врескаат. Кога се возбудени, многумина од нив стануваат и пцујат по играчите. На почетокот на второто полувреме одекнува свиркање од стадионот. Дури и јас почнувам да се подзагрижувам, дека можеби навистина германскиот тим ќе го изгуби мечот. Иако ниту еден единствен играч не знам по име. Само како дете знаев по нешто, ама само затоа што не сакав да бидам незнајко пред другите деца. Повторно шутира еден германски играч покрај стативата, вревата и бесот во локалот се ужасни. Еден маж се наведнува кон мојата маса и вели: ова наликува на случката од ’74, сега доаѓа противнапад, а после гол, а после е крај, тогаш сè заради Шпарвасер! Кимнувам како да знам за што зборува. Trevogata се зголемува, вели репортерот. Еден маж ми нуди пет евра за моето место до ѕидот, одбивам. Подостаренаta госпоѓица исчезнува во тоалетот, а на враќање ми се насмевнува. Часовникот безмилосно отчукува, вели репортерот, Германија е во теснец. Расположението во локалот драстично се менува. До сега, повеќето од гледачите навиваа за Германија, но сè повеќе и повеќе гледачи се вртат на страната на Чешка. Одненадеж почнува ужасно врескање. Чесите дадоа гол. Ова Германциве се тутурутки, вика еден маж и удира по масата. Се гледаат бранувања на чешки знамиња. Многу гледачи плаќаат и го напуштаат локалот. Под една од предните маси одеднаш здогледувам уво кое мене ми припаѓа. Мора да ми испаднало за време на викотницата без да забележам. Очигледно никој го нема забележано. Не би сакал да бидам упадлив со непромислени постапки, одам во тоалетот и се гледам во огледалото. Вистина е, ми го нема левото уво. Очигледно го имам изгубено додека се ужасував од дерењето. Пред себе го гледам увото како лежи на подот, како да е ситно бело печиво што на некое дете му паднало од рака право во нечистотија. Кратко размислувам дали да го подигнам увото и да го земам со себе. Но, не можам ни да размислувам, стаписан сум. Малку ми се лоши, не можам да донесам никаква одлука. Како привремено решение ја спуштам косата врз местото каде што порано беше увото. Го напуштам тоалетот и се трудам да не погледнам кон своето уво што го оставам зад себе. И навистина, веќе постои огромна дистанца меѓу мене и увото. Се туркам низ локалот и плаќам на шанкот. Со мака сфаќам дека веќе неколку минути живеам во трагедија. Последниве години од време на време живеев во трагедии. Па така, животното чувство за трагичност не е ништо ново за мене. Но, овој пат се чини дека се работи за некоја погана трагедија. Дали и другите ја гледаат мојата вџашеност? За среќа, нема многу луѓе низ градот. Еден од моите наjдлабоки проблеми е тоа што не сакам да дојдам во допир со сложеноста на животот. А дури пред неколку дена решив да си го уредам секојдневието, така што во него ќе ноѓам/наидувамимам само /на едноставни односи со едноставни лица. Смешно! Си го кажувам она, кое тукушто се случи: во прегласната врева на еден локал си го загуби едното уво. Веќе почнувам да ја релативизирам својата несреќа според видовите на луѓе. Има многу луѓе на кои им фали нога, рака, дланка или прст, зошто па да нема некој кому му фали уво? Внатрешната неусогласеност на моето релативизирање се јавува затоа што имам видено многу луѓе без нозе, без раце и без дланки, ама никогаш човек без уво. Но, како што се имаат навикнато на другите, така ќе се навикнат и на еден едноушец. Најубаво би било, кога наскоро би имало повеќе едноушци. Тогаш нема да бидам толку упадлив како штo во овие мигови сум си упадлив самиот на себе. Во иднина ќе смеам да престојувам само во тивки средини. Тоа значи дека моето секојдневие ќе стане комплицирано. Повторно и повторно се потсетувам на сликата, моето уво во нечистотијата на подот во еден беден локал. Благо липање ми се пробива низ гушата. Извесно време го набљудувам влезот на зградата, на чиј петти кат живеам во еднособен стан со кујна и бања. Ништо не се придвижува. Една сина гумена ракавица ѕирка меѓу две паркирани коли. Поминува само една млада девојка. Во левата рака носи кафез за животни, во кој се наоѓа врескава мачка. Јас стојам на еден ќош и имам глупави мисли. На пример, уште сега сметам дека е соодветно едноушни луѓе да живеат во еднособни станови. Притоа не ми е баш мило, кога го обезвреднувам својот живот гледајќи на него одозгора/од висина. Луѓето седат пред своите телевизиски приемници, вревата од гледачите се пробива нанадвор низ отворените прозорци. Чекам уште две минути, потоа ја отклучувам вратата од влезот и влегувам во лифтот.

Ми успева да стигнам до вратата на мојот стан без да бидам виден. Еден мал пајак се втурнал во мојот стан низ отворениот прозорец и лази по должината на плафонот. Седнувам на креветот без да запалам светло во собата. Полека почнува да се чувствува раздвиженост во околните станови и по скалите. После гледање телевизија многу од жителите уште еднаш излегуваат надвор на улица. Гласното зборување на алкохолизирани луѓе ми прави лошо расположение. Се доближувам до прозорецот и го земам во рака доматот, што веќе неколку дена таму стои. Повторно и повторно си поигрувам со помислата да фрлам со доматот по луѓето што гласно зборуваат и урлаат по улица. Но не се осмелувам. Го враќам доматот на прозорскиот симс и одново седнувам на креветот. Во тишината која сега постепено се зголемува го слушам повременото стенкање на лифтот. Ми станува јасно дека сум толку сам, како што веројатно не сум бил никогаш до сега во животот. Притоа не сакам да и придавам голема важност на мојата самотија. Соодветно сум образуван и одамна знам дека самотијата е неизбежна. Една од битните причини за самотијата на луѓето е тоа што многу осамени… ах не, не сакам да мислам на овие застарени нешта. На радио свири Свадбата на Фигаро, пренос од некое место кај што се во тек Фестивалски игри. Од станот над мене се пробиваат надолу до мене звуци од полов однос. Најпрво некое време слушам кенкање на креветска рамка, а потоа стенкањето на жената. Го исклучувам радиото, бидејќи сакам појасно да го чујам стенкањето. Дури до неодамна сакав да запознаам една жена. Одвреме – навреме седи наутро во трамвајот со мене и ме гледа приемливо. Но како да и се обрати човек на една непозната жена? Можеби веќе имам заборавено. Кога конечно си подготвив неколку погодни реченици, жената не се возеше повеќе со трамвајот. Туку надвор елегантно ги вртеше педалите на велосипедот, одминувајќи го возот. Сега мора да чекам додека да дојде зима, за жената повторно да почне да се вози со трамвај. Оваа залудност ми остава силен впечаток. Ама сега, кога ми недостасува едно уво, веројатно нема повеќе да имам шанса. Стенкањето на жената над мене и стенкањето на лифтот се мешаат. Морам да се насмеам, ама секако не многу долго и не многу гласно. Стенкањето на лифтот прекинува по извесно време, а стенкањето на жената продолжува. Квичењето на креветската рамка и стенкањето на жената се едно со друго ритмички усогласени. Стенкањето на жената преминува во своевидно довикување. Доколку бев јас мажот на жената, ќе се запрашав што значи тоа довикување. Не сум мажот на жената, па сепак се прашувам што значи тоа довикување. По извесно време одекнува силен извик кој наликува на извик на вол, и кој најверојатно потекнува од мажот. После тоа очигледно завршува половиот однос, сите звуци стивнуваат. Тоа значи, во својата усна шуплина го имитирам стенкањето на жената, ама се разбира тивко, бидејќи не сакам двојката над мене да помисли дека сега сето тоа продолжува овде долу. Сосема е необично стенкањето на жената да се чуе од моја уста. Преку тоа се зајакнува и чувството на напуштеност. За да го ублажам одам да се избањам во када. На малото шкафче во бањата стои една батериска лампа. Претходната кираџика заборавила да си ја земе. Иако веќе подолго од една година живеам овде, ниту еднаш до сега не сум ја допрел батериската лампа. Додека гледам како водата се издигнува во кадата, чувствувам, бањањето ќе го зајакне чувството на напуштеност. Ја запирам славината и ја испуштам водата од кадата да истече. Во огледалото ја набљудувам левата половина од своето лице и малку ја подигам косата над увото што недостасува. Таму каде што порано ми беше увото се има насобрано малку течност, ама нема крв. Кратко размислувам, дали сепак да се вратам во локалот и да го барам увото. Смешно! Некој веќе го има собрано со метла и ѓубралник, а потоа е исчезнато во некоја канта за пепел. При помислата на мојата идна несерќа градите како сами од себе да ми се стегаат.

……

Страни:: 13-15

КАКО И СЕКОГАШ СТИГНУВАМ толку рано на железничката, што имам време да се опуштам од нервозата. Работев до 18.30 часот, за без брзање да го стигнам Интерсити во 19.15. Заедно со мене на пат се уште стотици други што за викенд патуваат дома, кои набрзина се распоредуваат по возовите. Уште малку чекам на перонот, додека не бидат зафатени сите места во мојот воз, а во премините не снема и место за стоење. Ги гледам гулабите кои наоколу тапкаат, како да се најмалите и најебспомошните патници. Кога гулабите остануваат подолго време во затворени простории, тие постепено се одвикнуваат од летање. Првиот час од патувањето ќе стојам. Нема да ми пречи мирно да си исчекам во ќошот на некоја платформа и низ тесниот прозорец на вратата да гледам во пејсажите кои пролетуваат, и на пример, да ги гледам зајаците во бегство. Се соземам од засраменоста кога во преполните возови станувам речиси невидлив и кога подолго време не морам да зборувам. Во меѓувреме зајаците станаа мои омилени животни. Малку е загадочно, зошто овие животни се ценети од многумина луѓе. Претпоставувам дека причината за наклоноста се наоѓа во диспропорцијата на нивното тело (предолг труп, преголема глава, силен задник), кое е сакано токму поради својата неелегантност, што со неелегантни луѓе не успева така лесно. Набљудувам патници кои прават обид да купат билет на новите автомати и притоа доживуваат неуспех. Во мојата младост на луѓето им беше потребен еден цел живот за да се почувствуваат стари. Денес е доволна промената на неколку лога и автомати и луѓето, дури и младите, се чувствуваат препаднати, отфрлени, или дури отстранети. Некоја нејасна бунтовност кон оваа претерана измама и кон сопствената преоптовареност ги тера корисниците на автомати, кои веќе станаа безволни, да шетаат наоколу, по малку избезумени, бидејќи не знаат дали гневот кон автоматите им прилега или не.

Речиси никој не ме погледнува заради мојот наушник. Тоа ме смирува малку, ама и ме разгневува. Се качувам во возот некаде на средината, каде што делува особено преполн. Дури и платформите се преполни со багаж и патници. Барам место за стоење во близина на вратата од тоалетот. Причината за моето однесување е едноставна: се возам на црно. Морам да се обидам да заштедам пари што повеќе можам. Сé додека возот е преполн, кондуктерот нема шанса да ги контролира картите на сите патници. Од Карлсруе возот ќе биде попразен, тогаш, доколку кондуктерот се пробие во моја близина, ќе исчезнам неколку минути во тоалетот. Во овие две години откако работам овде и за викендите патувам за Шварцвалд, морав само двапати да докупам карта во воз. Моето примање како финансиски контролор ни оддалеку не стигнува за нашите две домаќинства. Јас и Едит досега не сме зборувале доволно за тоа, како всушност си го замислуваме полуодвоениот живот во два стана. Во изминативе осум години ние всушност и премалку сме зборувале еден со друг. Кога се запознавме набрзина се усогласивме во одбивањето на нашите малограѓански родители. Заедничкото дистанцирање од нашето потекло, денес верувам дека е така, беше главната причина што дојде до склучување брак. Толкаво взаемно идентификување со друга личност немаше до тогаш доживеано ниту еден од нас.

Јас на Едит одвреме навреме и укажувам на тоа дека и таа, на било каков начин, треба да подзаработува пари, ама до сега безуспешно. Најголемиот дел од денот Едит го користи за себе. Наутро минува од прилика еден час во бањата, а уште еден нареден час минува пред отворениот шкаф за алишта и пред регалот со чевли. Немо и префрлам дека таа своето време го користи премногу едностарно за самата себе, но истовремено забележувам дека преку ваквите пресметки и ја одземам својата внатрешна благонаклонетост, што исто така не ми е по ќеиф. Едит се залага во родителскиот совет во училиштето и во културниот одбор во општинскиот совет. Сé почесто посетува партиски приредби на СПД (чиј член е и самата) и од пред извесно време ја прифати службата на судика поротник при основниот суд. Сите овие дејности одземаат многу време а не носат ништо. Утре ќе ги купам саботните изданија на големите весници и одново ќе гледам и ќе размислувам, дали јас сум тој што треба или мора да си набави второ работно место. Бидејќи од Едит не може да се очекува долгорочно растеретување на нашите буџетни проблеми. Се плашам дека таа и воопшто не е свесна за нив.

….

Страни:: 36-38

За време на возењето кон селото раскажувам со извесна одлучност за ништожноста на моето секојдневие во канцеларијата и за осаменоста во мојот стан, која ја претставувам како неважна, бидејќи знам дека за време на викендите во Шварцвалд сама од себе ќе исчезне, а преку близината на Сабине и Едит и јас повторно ќе бидам оптимистички расположен во однос на иднината. И покрај тоа сосема јасно може да се насети, дека односот меѓу мене и Едит се расипува. Претчувствувам дека нешто се има случено, нешто што трајно ќе ја искриви или веќе ја искривило нашата приказна. Ниту збор не кажувам за тоа дека ушниот поклопец почнува да ме изолира од колегите и не зборувам за тоа, дека многу ме повредува тоа што Едит не се распрашува за мојот проблем. Дома, во станот, веднаш се повлекувам во бањата, го чистам своето тело напред, одзади, горе и долу, не ги заборавам и БОРИТЕ НА ТЕЛОТО, на чија чистотија Едит постојано обрнува особено внимание. Набрзина повторно запаѓам во прашањето кое е мачно, излишно, и секогаш останува без резултати, дали имам доживеано доволно што се однесува до сексот, или пак сум заостанал за сиве овие години. Кога ќе помислам на својот брак ми се чини дека не сум доволно згрижен. Со Едит имам/имав нормална врска, која е неупадлива, која не е без љубов, но сепак е невозбудлива, која во мене секогаш оставаше чувство на прекумерна подготвеност да се биде скромен. Иако не ми се познати други сопруги освен Едит, сепак имам впечаток дека преку Едит го имам најдено УРНЕКОТ за да ги познавам сите сопруги, при што не ми е јасно, како сум дошол до оваа проценка. Можеби сум само жртва на општата пропаганда на среќа, која мене ми е згадена, и која од речиси сите случувања во животот создава претерани очекувања, иако истовремено јас сум еден од најголемите пропангадисти на претерувањето. На пример само преку претераното миење на моето тело настанува во еден момент очекувањето, дека вечерва меѓу мене и Едит ќе се случи нешто особено големо. Секако дека облекувам чиста долна облека, а освен тоа и мирисна кошула и беспрекорни панталони. Едит ја подготвува вечерата, додека јас уште еднаш се бричам па дури си ги маникирам и ноктите. Сабине брборејќи се шета наваму натаму меѓу мене и Едит и ми го покажува новото плишано милениче. Сето тоа прецизно го гледам и притоа го доживувам чувството на несомнена семејна припадност, за кое истовремено знам дека нема да може да се одржи. Стравотно е кога човек ќе се навикне на раздорот. Одам до својот викендашки куфер и вадам малечко коњче пресвлечено со пластчно крзно, со свиток околу сите четири нозе и машничка околу вратот. Сабине испушта неколку гласови на восхит. Не знае што попрво, дали да го изгушка коњчето или пак да го влече зад себе. Го држи пред своите очи и отрчува во кујна. Види тато што ми подари, и́ вели на Едит двапати едно по друго. Едит останува ладна, радосното расположение на Сабине се одржува до вечерата. Детето го става коњчето до тањирот и го храни со мали порции павлака и тесто за леб. Јас раскажувам два-три настани од канцеларијата, кои беа замислени да бидат смешни, ама не ми успева убаво да ги разработам смешните делови од приказните. Ми пречи тоа што воглавно и́ се обраќам на Сабине, иако немам никаква причина за тоа. Сабине ја дојадува вечерата и со коњчето се повлекува во детската соба. Кратко потоа Едит ми вели: Веќе не сакам да ти го слушам гласот.

Се разбира дека не знам што да кажам. Се чини дека после левото уво, еве тукушто го изгубив и гласот. Едно е јасно, се работи за повлекувањето на најекстремната граница меѓу Едит и мене. Или можеби Едит со ова сака да каже дека треба на лице место и засекогаш да исчезнам? Или можеби реченицата значи дека смеам да останам, ама повеќе не треба да зборувам? Немо се наведнувам кон својот тањир и запаѓам во мисли. Морам да изнајдам храброст и да се распрашам за значењето на оваа реченица, но не ја наоѓам таа храброст. Наместо тоа, реченицата почнува да ме прогонува. Да не е врската меѓу мене и Едит дефинитивно уништена, или што е? Со големи чувства излегов од бањата, а со сосема мали чувства седам сега на маса. Имам впечаток дека Едит не го сфаќа размерот на оваа нејзина забелешка. Го имам само овој еден глас, и ако живеам со некого кој не сака да го слуша, ќе морам да молчам. Дури сега (а не заради загубата на увото) имам јасно чувство дека стапив во кругот на хендикепирани лица. Од моментов и́ припаѓам на големата група луѓе, кои неуспешниот брак мораат да го вбројуваат во отпадоците на својот живот. А баш деновиве во канцеларијата госпоѓа Веке рече: растурените бракови станаа еден вид детски болести, секој мора да ги помине, слично како заушки или сипаници, ама потоа си завршил со тоа. Едит молчи, како божем јас да се пожалив на нејзиниот глас. С’ржта на мојата совладаност се состои во тоа, што јас воопшто не го разбирам прекорот на Едит. Гласот не спаѓа во особините на човекот кои можат да се прифатат или отстранат. Кога би можел да зборувам веднаш би сакал да го дискутирам овој проблем. Но, тогаш се досетувам: твојот глас е осуден. Едит се спрема за излегување. Во мене се вовлекува еден вид вкочанетост од ужас. И покрај тоа што отсекогаш сум сакал да ја надминам туѓоста на нештата, сепак сум јас оној кого го обраснала туѓоста.

…….

Страни:: 54-56

Размислувам дали поинаку чекорам низ светот, откако знам дека ќе станам директор за финансии. Не можам да приметан некоја голема разлика од порано, иако чувствувам желба за промени. Случајно погледувам во едно огледало. Одеднаш ме радува тоа што ми недостасува едно уво, бидејќи со недостасувачкото уво и со наушникот не личам толку многу на татко ми како порано. Европските фудбалски првенства уште не завршиле. Од станови и стопанствени локали се пробива до улица дерењето на гледачите. Овде е речиси сé неугледно, но човек мора постојано да го погледува неугледното. Сé повеќе и повеќе продавници, во чии излози порано со задоволство погледнував се преобразуваат. Каде што порано беа солидни продавници за облека, за играчки, за чоколади, сега никнуваат мали чудни пазарчиња каде што се продава пиво, плишани играчки, весници, часовници за под вода и капчиња за бејзбол. Во еден од пасажите здогледувам еден маж кој стои пред кутија чешли со специјална понуда. Мажот зема црни, крамсти и кафени чешли во рака. Се одлучува за црниот чешал, влегува во продавницата и го плаќа. Уште не се оддалечил ни десет метри а, веќе го вади новиот чешал и го гледа со сомнеж. Нјарадо би му пришол на мажот и би му рекол: бидете спокоен, навистина си го набавивте чешалот на Вашиот живот! Но, се воздржувам и гледам како тој чеашалот го става во џебот од палтото. Мојата (идна) важност во фирмата и моето вечерно тетеравење наоколу не одат веќе едно со друго. Деновиве видов во метрото оставени детски зелени наочари за сонце. Размислував дали да ги земам наочарите за Сабине. Се разбира дека повторно размислував предолго. Еден црнец влезе, си ги стави наочарите и излезе од метрото. Не ми се оди дома! Застанувам пред излогот на една туристичка агенција и некое време размислувам дали да одам на викенд во Амстердам, Даблин или Лисабон. Морам да превземам нешто, зошто инаку ќе ме изедат молци. Но, тогаш почнав малку подетално да ги набљудувам муштериите во туристичката агенција. Тоа се млади девојки со разголни пупаци и тесни градници од кои им кипат градите. Младите мажи во нивна близина имаат тетоважи на разголените надлактици и пијат пиво од лименки. Не, со вакви луѓе не би сакал да седам во ист авион. Дури и најбезопасните прилики што ги имам пред очи, во мојата внатрешност се претвараа во заканувачки знаци. Повторно ме обзема чувство на скоро одвојување од светот кое ми претстои. Потоа ми доаѓа една идеја: претстојната ноќ да ја поминам на отворено! Влегувам во една продавница за вино, купувам шише бордо, барам продавачот да ми го отвори шишето и излегувам оттаму носејќи го шишето во најлон ќеса. На десно го пресекувам квартот на црвени светла и дел од квартот со банки и по неколку минути стигнувам на брегот од реката. Малкумина луѓе има по улиците, ми олеснува. Одам во северен правец и се надевам дека ќе најдам засенето местенце под некое дрво. Татнежот на авионите удира на земјата во вид на бранови. Радо ќе се присетам на она од што за првпат побегнав. На Едит ќе и́ го премолчам моето унапредување. Имам чувство дека таа за секогаш ме прецртала од својот живот. За неа ќе важам само како татко на нејзиното дете. Новиот директор за финасии нема никого, кој со него би прославил. Гледам како ветрот ги крева листовите во вртлог. Во далечината станува видлив еден за ́рѓавен железен мост. Неговите бетонски столбови се обраснати од високоизраснат плевел. Сега радо би слушнал како низ железното скеле тропоти товарен воз. На стотина метри оддалеченост здогледувам на левата страна едно засенето листопадно дрво. Освен мене никој не се движи наоколу. Пријатно е кога никој не те набљудува и кога слушаш тивки звуци. Ветрот ги разнесува белите пуфки од некои глуварчиња врз врвовите од сламките. Под листопадното дрво го вадам шишето од ќеса и си отпивам повеќе долги голтки. Баш изгледа доста дрско, кога некој вака пие од шише. Седнувам под дрвото, ме обзема некое врамнотежено расположение. Околу мене се одѕиваат многубројни косови и страчки. Кога би можел би научил да го имитирам одѕивот на страчките и повремено би го испуштал, особено вечерното липање, гукање, голткање и гргорење. Дури и би си седнал на столбовите од запуштините огради и јавно би се разлипал. Каква среќа што не знам да имитарам страчки! Деновиве си купив една кутија јагоди. Откако дома изедов неколку од нив, нежно црвеникавата слика од половинката јагода одеднаш ми се пристори како слика на убав женски полов орган. Не се чудев што потоа повторно и повторно одново загризував во една од јагодите и сакав да ја видам и да ја изедам сликата на половиот орган, а потоа и ја изедував. И исто така не се чудам што сега повторно се сетив на таа слика, бидејќи во овие мигови мислам на госпоѓа Гриневалд. Би сакал сега веднаш таа да седи до мене и со мене да пие вино. Да си го подаваме шишето наваму-натаму, а притоа да бидеме созема задоволни. Претпоставувам дека госпоѓа Гриневалд се вбројува во жените кои во својата збрканост заради едно изненадно зближување го изразуваат својот најголем самопрегор. За жал госпоѓа Гриневалд живее надвор од градот, во некое предградие. Порано знаев во кое, ама сега имам заборавено. Би морал со такси да одам до кај неа. Не, подобро не со такси. На патот кон неа веројатно ќе ми притекне нешто друго, го знам тоа кај себеси. Потоа ќе заѕвонам на врата кај госпоѓа Гриневалд, а нема веќе да сакам да бидам со неа, неизречиво одвратно. Освен тоа госпоѓа Гриневалд би била веројатно и запрепастена од мојата изненадна посета. Госпоѓа Гриневалд не е овде, сам си го пијам виното. Шишето е веќе полупразно. Ги набљудувам ластовиците кои ја прелетуваат својата рута на неверојатна висина. Нивната зујкава задоволност на небото е толку величествена, што на земјата човек би сакал да почне да завива од завист. Со радоста за постоењето од една единствена ластовица би можел со недели да живеам во одлично расположение. Среќата постои само заради миговите кога тагата ќе одлета надвор и конечно ќе го остави телото на раат. Мојот поглед повторно се спушта надолу и ги гледа безлисните, мртви дрвја. Убаво би било да има месечина, ама ја нема на повидок. Почнува бавното вечерно смрачување, на фасадите на висококатниците од другата страна на реката почнуваат да тлеат жар црвени светлечки реклами. Погледот ми се задржува врз жолтите светлосни дамки на одделни прозорчиња од дневни соби. Неонските површини што се просветлуваат низ дрвјата по некое време личат на неоткриен шумски пожар. Најчудната точка во животот е секогаш кога ќе почне да се губи интересот, кој претходно бил жесток. Во моментов за среќа претрпувам само минимално силен удар: мојот интерес да ја поминам ноќта на отворено значително попушта. Освен тоа приметувам дека остатоците од влага на земјата се пробиваат низ моите панталони и полека ми го ладат задникот.

….

Страни:: 104-105

МОЈАТА МЕТАЛНОСИВА КАНЦЕЛАРИЈА СЕКОЈДНЕВНО ми го покажува својот студен сјај. Секако дека ни овде не се чувствувам убаво. Можеби воопшто не ни постои место на кое човек може убаво да се чувствува. Една врата од мојата канцеларија мора да стои секогаш отворена. Мора да ми биде задоволена потребата, во секое време да можам да побегнам. Не можам да побегнам и нема да побегнам, но сигурната можност за бегство во секое време е бездруго многу важна. Веќе со денови одам без наушник на работа. Секој може да види дека ми недостасува едно уво. Госпоѓа Бот доживеа неколку вознемирени мигови, но потоа се врати во својата рутина и се воздржа од било какво распрашување, за што еден ден ќе ѝ бидам многу благодарен. Мојата главна грижа моментално е мојот чуден надворешен изглед. За мојата болест (доколку е тоа болест) не постојат примери за луѓе кои страдаат на ист начин. Досега (освен мене) немам видено друг човек на кого му недостасува уво и мало прсте од ногата. Баш ме интереира уште колку долго ќе трае воздржаноста на госпоѓа Бот. Морам да ги контролирам завршните пресметки на моите службеници пред да ги предадам на раководството. Малку е налудничаво што дури и меѓу своите спојници за документи имам омилени и помалку омилени. Најмалку ги сакам оние спојници во боја, (обвиткани) во тенок слој пластика. Сметам дека е одвратно кога контролниот извештај е закачен со розева спојница. Кога ќе се појават шарени спојници на мојата работна маса, веднаш се трудам набрзина да ги употребам за нешто, така што за само еден единствен ден тие изчезнуваат од моето видно поле. Најдобро ги поднесувам швајцарските спојници за документи. Тие се изработени од добар челик, хромирани се и убаво се држат во рака. Мора да се забележи: во Швајцарија е познато дека животните чувства на луѓето често имаат врска со малите нешта. Го завршувам контролирањето на завршните сметки што побргу можам, за да можам повторно да запловам во чувството на една долга временска дистанца која непречено се протега пред мене. Дека постојано сум попречен приметувам и по тоа што веќе со денови во својот вокабулар за приватна употреба го имам преземено канцеларискиот израз „временска дистанца“. Седам на својата работна маса, си играм со две швајцарски спојници за документи и размислувам како повторно да се ослободам од изразот „временска дистанца“. Што подолго размислувам за тоа како тој да исчезне, толку поцврсто тој се припојува за мојата внатрешност. За жал се присетувам дека исто така не ги ценам новите канцелариски изрази „временски прозорец“ и „временска оска“, а сепак веќе ги употребувам и самиот. Иако заради итноста на контролната пресметка на завршните сметки немам воопшто време за други работи, раководството сепак ме принудува да ги проверам понудите на фирмите за советување на персоналот.

…..

страни ::122-123::

Се бричам грижливо без брзање, иако вечерва немам никакви планови. Соња нема да дојде вечерва, ни утре ни задутре. Сé уште не сум нашол внатрешен став наспрема новите животни стварности на Соња. Се досетувам дека откако живеам во градов, освен Соња немам запознаено други луѓе со кои би можел да закажам средба после работа. Не знам дали да се чудам заради тоа или не. Попатно рамислувам дали треба да ја посетам Соња во затвор или не. Најверојатно ќе мора да се распрашам кај раководителката на домот, во кој затвор е, веројатно има повеќе затвори во градот. Од друга страна пак, со Соња не ме поврзуваат никакви планови за иднината. Малку се заплашувам од рамнодушноста на ова признание. Но во чувството на рарспарченост, во кое живеам откако се распадна мојот брак, оваа рамнодушност ми се чини дозволена. Јасно приметувам дека мојот емоционален живот е застанат и дека не сака да се придвижи, иако понекогаш се обидувам да го поттурнам. Во овој застој забележувам дека повеќе не разликувам копнеж од носталгија. Порано беше јасно дека копнежот ѝ претходи на носталгијата. Сакаш една жена, преку тоа се создава копнеж. Откога ќе се покаже копнежот, непосредно се образува и носталгијата по некој пејсаж или град, во кој живее љубената жена. Со самото тоа што ја сакаш жената се задоволува копнежот, а носталгијата исчезнува. Толку едноставно беше тоа порано. Најпрвин копнежот стана просечен, а сега и носталгијата. Денеска не чувствувам ниту копнеж ниту носталгија, туку наутро се будам со ерекција ама без возбуда. Не знам дали тоа треба да ме загрижи или не. Порано тие два моменти беа споени еден со друг: немаше ерекција без возбуда – и обратно. Не е ни чудо што ете баш сега морам и да мочам. Заради чудната положба на половиот орган, мажот е принуден целиот свој живот да гледа на него од висина. Им завидувам на жените кои се ослободени од оваа пуста вечност. Наскоро веќе нема ништо ново што би можело да се види, но мажот со децении не може да престане да гледа од висина на неговиот алат. Дали вцрвенет или нормално блед? Станува помал или поголем? Потесен или подебел? Чувствувам силна заситеност од овие прашања, го пакувам алатот назад во пантолоните и се враќам назад во соба. За жал веќе завршила кантатата од Бах на радио. Се прашувам дали и Бах гледал од висина на својот полов орган, и зошто не напишал кантата за оваа претерана околност. Некое време размислувам за насловот на кантатата во врска со недоброволното набљудување на својот алат, која Бах можел да ја напише. Одненадеж имам чувство дека можеби бањата со својата теснотија и со многубројните огледала е место на јад, место кое не сакам толку често да го посетувам. Преку оваа досетка изненадно се појавува и насловот на кантатата: Да се помират запустените. Насловот ме восхитува. Нови топли крвни струења низ моите бедни затворени вени. Веднаш се поправам: твоите вени не се бедни и затворени, туку млади и енергични. На радио ја фаќам прогнозата за времето. Еден спикер вели дека вечерта на многу места е ведра. Формулирањето ми е забавно. Мрморам за себе: на други места пак нема ведрина, на пример овде. Како заостанато дванаесетгодишно момчеси стојам и си мислам: јас сум овде, зарем никој не сака да прави нешто со мене? Сосема сум чист, буден и свеж, но сега е само осум часот.