Од Берлин со љубов:: или манифест за фестивалот:: SlovoKult:: literARTour:: 2018
Почитувани, драги, познати и непознати пријатели и колеги,
може забележавте, а ако не сте: во август во Гевгелија: 24.-26.08 во склоп на Бош фестивалот 10, во Скопје: 29.-30.08 вo Галерија Акантус и Берлин: 9-10.11. во, Бротфабрик, ќе се одржи мал интернационален фестивал за современа уметност и поезија/текст, SlovoKult:: literARTour-, еден мал, но многу важен настан за независната уметничка, а особено за книжевната сцена во Македонија, Австрија, Германија, Црна Гора и Србија – за сега. Нашите учесници се истакнати автори од ликовната и книжевната независна сцена од сите овие земји – поголем дел од нив се сконцентрирани во Берлин, како што сум и јас. Темата е:
Fake/Fact – Вистината во современата уметност и литература во време на лажни вести.
::МИНАТО и СЕГАШНОСТ::
До овој фестивал дојде и благодарение на извонредната соработка и пријателство со Игор Исаковски, од 2008 до неговата смрт. Јас навистина не најдов ниеден друг книжевник и издавач, со кој би можела да остварам таква соработка. Игор беше сонувач, поет, но беше и невиден “р’мбач” за доброто на независната сцена, а беше и критичар, што на многумина им пречеше. Игор е незаменлив, неговите дела и неговата важност се безмерни за македонската независна сцена,– затоа му благодарам што направи место за нешто поинакво во современата сцена и што ме поврза со неверојатно квалитетни и креативни поети и колеги во Скопје.
Наградата “Игор Исаковски” за млад/а поет/еса е секако значајна културна иницијатива, која ја поздравувам и ја поддржувам како признание за неговите достигнувања, и верувам дека таа ќе се етаблира и прошири – па и да се поврзе во некоја поширока соработка преку пријателите и колегите на Игор низ цела Европа.
Понатаму им благодарам на луѓето што ми помогнаа да најдам пристап до сцената и да се запознаам со нови неверојатно талентирани поети и писатели, кои ги презентираме на онлајн списанието СловоКулт:: Литератур/а. Ова благодарам оди на: Ѓоко Здравески, Саш Димитрова, Д.А. Лори, Марија Грубор и Исток Улчар.
Им благодарам на сите што прифатија да соработуваат и да бидат дел од редакцијата: Лори, Саш, Марија, а особено на Дијана Томиќ Радевска за делот со уметност и соработката со Галерија Акантус: ние нашите содржини и активности ги подготвуваме на своја сметка – за љубителите на современи дела, за културата, за независноста, која, како што се покажало, е штетна по здравјето. Бидејќи со она што не го заработуваме – нема шанси да се преживее, а поддршката некако секогаш оди на друго место, – или треба да имаме среќа или да штанцаме книги и да ги продаваме како алва? Е па уметноста е среќа, ама не е алва, а баш би било убаво светот да почне да ја конзумира како здрава храна, чипс или алкохол, што и да е.
Особена благодарност до Марија Стојанова – за соработката полна со професионалност, прекрасност и пред се пријателство. СловоКулт:: Литератур/а и Арт Еквилибриум остварија одлична соработка досега, останатото зависи од поддршката што ќе ја добиваат. Повеќето од нас многу добро знаат: работата во независната сцена е неблагодарна, несигурна, понекогаш непријателска, непристојна и непријатна – а сепак прекрасна, бидејќи е работа со вистинска уметност. Да, токму онаа што не се поддржува речиси воопшто, бидејќи уметниците не знаат да извршуваат куп бирократски обврски и да исполнуваат “особени” критериуми, за да стигнат до средства… а не ме прашувајте зошто, вратете се назад и погледнете – не мора многу, 100 години се доста, до Кафка, Дада или Зенитизам.
::МАНИФЕСТ::
Ама, ете, ние сме само обични луѓе и НИШТО не учиме. Што ќе ни е историја, кога ни служи само за создавање нови оружја, нови бизнисмени, нови пазари, нови партиски потрчковци и нови војни? Еве и нацизмот и фашизмот се повторуваат во Европа, на патот кон пропаста сме сите, а ние сакаме да зборуваме за уметност и книжевност. Кои? Каде? На телевизија? На мобилен? На инстаграм? На твитер? Таму каде што е и вистината? А каде е таа? На академските состаноци? Во мегаломанските проекти? Кај новинар*к/ите? Кај хонорарците? Кај работни*чките/ците? Кај бездомниците? Или во бескрајната површност со која сме преплавени?
А каде сме сите ние во сето тоа? Ние сме (повторно) на патот кон пропаста… А ако не сакаме да одиме натака, тогаш ни требаат добри и квалитетни информации, конструктивна (а не површна, злонамерна или слаткоречива) критика и квалитетна и смела современа поезија и уметност. (Образованието треба да се подразбира само по себе, ама не е така, и на него треба да му се обрне многу големо внимание.)
Ние со нашиот проект сме само мал дел од сето тоа, ама важен дел! Вистината е во уметноста, тоа сите знаеме, а сепак сите ја претпо/читаат преџваканата “леснотија на животот”, фино уредно срочена во книга наменета за широкиот пазар, или “украсно и усилено лексиконско обраќање”, што треба да потврди некаква си посебност, или евтина фантастика, петпарични романчиња, домаќинска и природна поезија – а како тогаш човекот да се посвети на својата најважна способност – мислењето, размислувањето и обмислувањето? Она што фали е силина и особеност на поетската и книжевната реч, фали современа вистина, вистина на современоста и вистинска современост; книжевната стручност без талент не е уметност, пишувачите на дневници за општа употреба се премногубројни, а резултатот е млакост и тривијалност, кои сигурно не го менуваат светот, напротив, го преплавуваат со шунд и ја галкаат неговата романтична заспаност и заслепеност, со што овозможуваат површина за одгледување на лажни вести и опасно едноумие поделено на две големи групи (ЗА и ПРОТИВ): совршена политичка ситуација за конфликти.
Со овој интернационален фестивал нема да спречиме политички катастрофи, ама сакаме да бидеме дел од културата на современа Македонија, токму затоа што сакаме поинаква културна и уметничка површина во земјата и во Европа, сакаме напредок, а не застоеност.
Во овој контекст освен квалитетните дела, особено внимание им посветуваме на преводите: додека масовните печатења на “лекомислени” текстуални продукти прелетуваат на сите страни, се шират како лажни вести и не оставаат никаква трага, бидејќи во голем дел се благопријатни, технички сработени дела, без талентот што е неопходен – и за пишување и за преведување. Ние со нашите преводи на исклучително добри современи автори и авторки, сакаме квалитетот и изразот на современоста да остави некаква културна трага во Европа. Ова е секако од особено значење за мали и загорзени јазици како што е македонскиот.
Ѝ пркосиме на историјата, ѝ пркосиме на бирократијата, му пркосиме на национализмот и на фашизмот, ѝ пркосиме на нехуманата европска политика во која сите сме само заморчиња. Свеста е создадена за подигање! Не останувај на ниво на заморче, барај и очекувај повеќе од уметноста, книжевноста, културата, политиката и општеството – во дваесет и први век тоа е најмалку што се очекува од еден европски граѓанин. Европеизацијата на Балканот во политичка смисла до сега не донела некој напредок, а културата од земјите на Балканот е малку застапена на Западот, затоа е можеби време да се балканизира Европа. Балканот е поим за “дивост”, емотивност, искреност, срдечност, поим за борба за живот, нешто што Европа одамна го заборавила. Балканот НЕ Е ФЕЈК:: Балканот Е ФАКТ:: кој секогаш станува дел од некоја голема европска лага:: НЕ! Балканот не е БУРЕТО БАРУТ на Европа! Балканот е нејзин вистински и реален простор, а не нејзиниот заден двор, онаа Небиднина, ни ваму – ни таму, Валкан Балкан, отцепен и недостоен за рамноправност.
Кога сум кај рамноправноста, уште нешто: нели во XXI век треба да се поддржуваат жени? Кои остваруваат некои важни нешта, како онлајн списание на два јазика, мал или голем фестивал, превод и издавање на квалитетни книги, организирање уметнички изложби? Ние сме претежно женски тим, и мислам дека не мора да бидеме познати и прочуени, или нечии роднини, за да добиеме поддршка за она што го правиме. Поддршката треба да се ориентира според квалитетот и да биде некое признание: Овој проект во Берлин, општина Панков, доби поддршка, за да се одржи во ноември оваа година и многу сум благодарна за тоа, бидејќи ме мотивира да продолжам. Многу институции останаа рамнодушни. Сега е на ред Министерството за култура да продолжи со својата вообичаена работа, бидејќи учеството на македонските уметници и поети во Берлин зависи од квалитетното работење на оваа институција.
Не знам дали ако бев машко ова ќе беше поинаква приказна. Можеби и не, – некои прогресивни мажи во доменот на уметноста и книжевноста се соочувале со слични проблеми, – независната уметност е единственото поле на рамноправност меѓу половите, уметниците се подеднакво загрозени во својата сфера. ФАКТ!
Се надеваме дека ќе добиеме уште поддршка и ќе ви презентираме квалитет, каков што сме замислиле, а кој треба уредно да се сработи, а притоа да се преживее. Моравме да се откажеме од учеството на неколку извонредни автори и уметници, бидејќи немавме доволно средства. А ние работиме и без средства, и нашиот тим и колегите од другите градови: Во Берлин/Грац се подготвува нов број на списаниетоpespektiveшто ќе го промовираме во Македонија!
За Македонија освен една спонзорска поддршка, за која срдечно благодариме на Берин ДОО, немаме други средства. Сакавме дел од доделените средства за списанието СловоКулт:: Литератур/а од Министерството за култура да ги примениме за преводите, но тие уште не се исплатени. Ние сепак нашето ќе го направиме најдобро што можеме.
Ви благодариме за интересот. Доколку сте во можност, поддржете ги нашите активности:: Информации и содржини ќе најдете онлајн:: Следете ја програмата што ја подготвуваме, ќе ги претставиме и учесниците и дел од нивните текстови односно уметнички дела:
http://www.slovokult.eu/index.php/slovokult-literartour-2018/
Живот може уште не иде, ама авангарда од Берлин, Грац, Виена, Белград, Подгорица и, се разбира, Скопје – речиси сигурно!
::Рекламна порака:: Останете на линија, бесплатно поетизираме и визионираме! :: за почеток:: После ќе треба да платите за книги, списанија, каталози, настани – затоа не е лошо да се навлечете на интернационална независна уметност и текст: вин-вин ситуација за општеството. Сите сити, освен политичарите. Но најпрвин треба да имате мир, слобода, време и доволно пари за живеачка, која подразбира квалитетна култура, а не најнов модел на ајфоун и андроид, блесакава слика на инстаграм, “жестока” политичка дискусија на фејсбук и краткотрајна среќа со не-знам-што.
И чувајте се од фејк њус и од сите можни фејкови: фејк луѓе, фејк уметност, фејк книжевност, фејк политика, фејк слобода, фејк иднина.
(о)станете анти-фејк::
Со љубов од Берлин
Елизабета Линднер, магистра по германска книжевност
SlovoKult:: literARTour:: 2018