Бошко Бозаџиевски (1981 – 2008)
Boško Bozadzievski (1981 – 2008)
::Песни::
Авион-Птица
ЈАС И ОН
бог…
бог е мисла
плус нема брада
има само џигерици
јас го љубам бог
да не речам, го посакувам
иако е бесполов.
на крајот на краиштата
навивам за фелационото стимулирање
се сретнавме неколкупати
пиевме вино, ракија, мастика, узо
коњак, вотка, мартини, еден бурбон
еден скоч и едно пиво.
мешавме.
он немаше проблем
а јас отидов чесно да повратам
во шолјата
каде што имав визија
дека од мојот
космогониски блуеж
одново се создава сиот свет
сѐ што некогаш сум испил или изел
почна да излегува набрзина од
мојата душа полна со киселина
и го видов новото небо и
новата земја
на старите плочки
сиот потонат во креативност
почнав да барам и барам
материјал за новиот човек
но во тој миг:
„човеку, тебе стварно ти треба помош“
го чув мојот пријател
јахве
повторно разочаран
како пред 2000 и нешто години
Он
правејќи еден непристоен гест
стори нешто величествено
нешто грандиозно
нешто што најдобро знае да го прави
ми го сврте грбот
и си замина
гледав низ прозорецот
додека џигериците му се лелееја
на утринското ветре
АУДИО ОД ПЕСНАТА::Soundcloud::Елизабета Линднер Костадиновска
Пансион
Морам да се вратам
Толку многу работи се случуваат во светот
Луѓето прават бизниси
Бркаат работа
Гледаат Олимпијада
Плаќаат сметки
Гаќи и чорапи си купуваат и на одмор
Одат
Морам да се вратам
Имаат амбиции
Имаат фејсбук
Се пријавуваат
Се одјавуваат
Се трудат
Раѓаат други суштества.
Ќе се вратам
Им требам
Ми требаат.
Но овде ми велат
Дека ми е добро
Они знаат што е за мене добро
Ми даваат храна
Бесплатни апчиња
Собата ми е чиста
И еднаш неделно ме облекуваат
Во кошула бела
Која ми овозможува барем некое време
Да се гушкаме со Бошко.
it’s just too much, baby::2008::ink on paper