::ПОМЕН:: 15.12.2019
Игор Исаковски (19.09.1970-15.12.2014)
ДНЕВНИЧКИ ЗАПИСИ, SВЕРСКИ МИРНИ
при наплив зборови во главата силен
како експлозивен порој помислувам на
старите песни: на што се сеќавам, зошто
се сеќавам токму на тоа? па помислувам
на случки и спомени – дневник ми се
песните, шифрирани зборови кои само мене
ќе ми кажат кога нешто било (затоа
датуми и саати под секоја, ко удари на
гонг за точно време) и кога не било а сум
сакал. сум копнеел, сум дивеел од
жесток копнеж. како било можно, потоа,
да сум спокоен? како се вика тој амалгам
на времето? дали е рамнодушност, од
која толку се плашам? или е помиреност,
изнудено прифаќање, кое толку многу го
мразам? како се вика тој тивок спокој?
на што се сеќавам, и зошто? ноќи
како оваа, во која кожата врз кожа ми се
лепи, а зборовите навалуваат од само
ним позната потреба…
голтки, капки, чаши
и шишиња… да, се сеќавам
на сето тоа: амалгам од течности
кои понекогаш гасат, понекогаш
дотураат врз огнот… како е можно
да сум олку мирен, а полн музики?
и звуците се амалгам: хармонија
од постојано превирање и бркање
низ просторот кој ме опкружува,
просторот низ кој дишам.
и слушам. и пеам, зашто само
јас можам да се чујам.
(Од збирката :: Песни од големата соба :: Блесок, 2014 ::
::Пет години :: без Игор Исаковски::
СловоКулт покани неколку автори и пријатели на Игор Исаковски да испратат некој текст (слободен), за да направиме мал прилог во сеќавање на една генијална личност од македонската понова книжевност, кој на особен начин ја збогати македонската културна сцена. Остварувањата на Исаковски во неговите 44 години краток живот имаат димензии кои повеќето нема да ги достигнат ни за 150 години и 3 животи. Но тоа и воопшто не е важно, она што е важно е да го славиме она што Игор Исаковски беше и она што го оставри и нам ни го остави. Нам, на сите оние што сме засегнати од културата на оваа прекрстена и порекнувана земја и државичка што тоне и гние – ама не е сама во тоа. Тонат и гнијат големи делови од Европа и светот, црн облак се надвил над сите нас, веројатно на сите ни е јасно тоа. Затоа ќе се обидеме да ја зачуваме светлината, оти тоа се чини е единствениот спас. Но како да се зачува светлината во овие услови, ако не со мисла и збор, слика и чувство што не го залажуваат егото, туку го поттикнуваат духот, го продлабочуваат умот и ја прошируваат душата, а срцето ја следи – кон светлината, навнатре и нанадвор. Инаку потонавме во монотонија и изгнивме во мракот на времето, на цајтгајст, секако, Zeitgeist, was sonst? Духот на времето треба да се осветли, не со кичон што празнично мачка очи, не со бабини деветини и рекла-казала, не со туфкање и пуфкање и мудрување, туку со вистината што може да се пренесе на многу начини, ако има волни за тоа. Но волни не се наоѓаат… а вистина колку сакаш. Ама нема кој да ја пренесе, тие што ќе се обидат или умираат, или снеможуваат или биваат прогонувани и затварани или пак наоѓаат бизнис во трговија со неа (мудруваат за пари, замачкувајќи ја вистината). А во културата најчесто ја преиначуваат во нешто лично и небитно, некои случувања и размисли обвиени во патетични но разиграни и досетливи зборовни низи, па народ се пали, а вистината пак оставена на цедило. Ама и така мора, бидејќи ретко кој воопшто и знае што е вистина. Таа не е толку допадлива. Игор беше еден од малкуте што знаеше и се бореше за неа, онолку колку што можеше и умееше, а тоа не беше малку. Доволно за да си создаде голем круг на пријатели и непријатели, дури и пријатели-нерпијатели во едно. Но пријателите секако ќе продолжат да го споменуваат и помислуваат, бидејќи не сакаат неговата вистина туку-така да си замине од тие простори.
Елизабета Линднер Костадиновска
::За петгодишниот помен на Игор Исаковски ќе прочитате текстови од :: Јовица Ивановски :: Марија Грубор :: Елизабета Линднер Костадиновска :: Елизабета Баковска :: Јосип Коцев :: Александар Кирковски :: Илинка Делчева ::
::Ќе видите слики од:: Перо Георгиев (со текст) :: Дијана Томиќ Радевска:: Миро Масин :: Касиопеја Наумоска :: Елизабета Линднер Костадиновска (со текст) ::
:: Јовица Ивановски ::
ЗА ИГОР (Текст напишан за филмот „Брод тргнат кон немерливото“)
Игор ми беше другар и соборец. Десет години помлад од мене, а стопати позрел. Зрачеше со енергија и одлучност, еден од оние: до балчак, но пасаран-мажишта.
Исклучителен автор, поет на интимата – речиси сите песни му се во прво лице еднина, но се светлосни години далеку од плачките и божемните лелеци на повеќето автори од најновата македонска поезија.
Луѓето (а воедно и поетите) кои одат во крајности, не знаат за средина – блиц-блесок или глува ноќ, „пороен дожд светлина“ или мртва темница, најискрена љубов или отворено несакање…
Нема лаги, нема измами. Соголен до поткожа, отворен до бездната на душата, во потрага по вистината, тоа неизвесно патување проследено со триење и согорување, како кога Аполо капсула на враќање дома минува низ атмосферата-вистина.
Беше поет-комарџија кој не игра на ситно, туку во сè, во својот живот.
Во песната „Чекање во трње“, Игор пишува: цел ден чекав да се стемни/цела ноќ се плашев од мракот/ниедна мисла не ме смири/ноќта беше глува и пуста/како да сум во сандак/ закован со молк/… Имаше нешто кобно во него, небаре насетуваше дека пред време ќе си замине, дека нема да се здуши со староста.
И насловите на книгите: „Ноќта е најсветла пред разденување“ и „Смртта има коса на морска трева“, беа само логичен след на нештата. Да се разбереме, Игор немаше ништо суицидно во себе, напротив, беше славеник на животот и тераше 300 на саат, но како да беше свесен дека тоа нема да трае долго. А за смртта не пишуваше потпирајќи се на нејзината извесност, туку дури откако се соочи со неа и бестрашно ѝ погледна в очи.
Искрен до коска, начитан, а заебан, најтежок и најлесен, пишуваше за да се ослободи од црното мастило на душата, како октопод во опасност. Пастернак во „Заштитна повелба“, напишал дека Мајаковски со неговата жолта блуза се борел со црниот сомот на својот талент, а Игор, напротив, како да сакаше да го истакне, облекувајќи ги во црно и телото и песните.
(Па дури и кога ја читате книгата „Љубовна“. 72 набиени пеења рестегнати од исконско сакање до вресок, траумна болка и жива рана, небаре од невозвратена, неостварена или кобна љубов…)
Оттаму и љубовта кон блузот, Били Холидеј и Том Вејтс кои со своите рапави гласови како со нокти гребат по ѕидовите на душата. Оттаму и Буковски, Хенри Милер…
Попатно, беше првиот кој на македонски го преведе „Раковиот напоредник“, еден од најдобрите романи на 20. век. Која борба беше тоа, да се добијат правата, парични средства, па и сам да го преведе, и зошто? За да помине незабележано како и многу други генијални нешта.
Не го знам точниот број на негови преводи и книги објавени во Блесок, но знам дека работеше деноноќно. Беше човек-оркестар кој звучи како квартет. И токму поради тие обврски, два пати го одложуваше докторатот и на крај мораше да го откаже. Но Игор беше доктор за живот и еден од малкумината доктори за поезија.
Бранко Миљковиќ на својата сакана ѝ напишал: поетите немаат пријатели, или се сакани или се мртви. Но тоа најмалку важеше за Игор. Имаше многу одбрани пријатели, беше сакан и сакаше, а неговата физичка смрт е само неговиот последнен чекор кон бесмртноста.
- Скопје
:: Перо Георгиев ::
::Марија Грубор::
:: Игор Исаковски ::
КАВГА СО СВЕТЛИНАТА
биди силна, светлино моја,
и собери ми ги сите делови
на куп со складни димензии.
за во ковчег. или за во куфер.
не му ја мисли околу тоа, само
собери ме. прибери ме со тие твои
дланки од ѕвезди направени, спои ме
за да ти заличам, ко за пред бакнеж.
мисли ме, љубов, зашто ако ме заборавиш
ќе сфатам дека сум одамна мртов. како
што ми е мртов здивот кога ти тонеш,
како што се давам во мракови кога сите твои
до едно избројани и секогаш премногу
отсуства ме болат. сега, еве, помислив
на музиката. сакам да ја допрам тишината
зад твоите клепки. ако ја нема, ќеја нацртам
таму, на местото во кое влегувам во тебе.
не знам кој од нас двајца овде е попаметен
а кој е полуд. едниот те гали со зборови
а другиот … е полн тишина. скриен зад клепки.
твои ли се, мои ли се… навистина не знам.
(Од збирката :: Љубовна :: Блесок, 2011)
знаци оставаш врз
празни и напуштени
поштенски сандачиња
врз клозетски казанчиња,
знаци испишани
со креон, со кармин,
со прсти брцнати во шминка..
(„Лавадна, знаци“, Игор Исаковски)
Пред пет години, ненадејно почина поетот, писател, преведувач и издавач Игор Исаковски. Иако замина на само четириесет и четири години, Игор зад себе остави шеснаесет издадени книги, од кои десет се збирки поезија. Напишана и подготвена за издавање, ја остави и седумнаесеттата книга, збирката љубовна поезија Дека да. Игор беше, слободно можам тоа да го кажам, еден од најистурените предводници на нашата генерација автори во македонската книжевност, на генерацијата која, од оваа или од онаа страна, веќе (или сѐ уште) одблиску ја гледа педесеттата година од животот.
Тој не беше само плоден автор, неуморен преведувач од англиски, српски, хрватски, босански, тој беше и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок“. Игор беше идејниот творец на електронското списание “Блесок“, едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа, преку кое, пионерски и визионерски, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во Македонија.
Игор беше и многу незгоден тип. Беше импулсивен, кавгаџија, понекогаш груб, секогаш подготвен да се расправа со секого, особено поради своето верување во неопходноста од постоењето на поезијата, застапувањето за вистинските културни вредности и неподнесувањето на медиокритетите. Но, истовремено беше и многу топол, емотивен човек кој лесно се зближуваше со луѓето и стекнуваше пријатели насекаде низ светот. Ние кои го познававме, го сакавме таков каков што е, дури и тогаш (или особено тогаш) кога нѐ нервираше.
Со Игор во мислите сето ова време откако замина,
:: Јосип Коцев ::
:: Игор Исаковски ::
ПРЕД ОСЛЕПУВАЊЕ, ПРЕД ЕУТАНАЗИЈА
црнилото под очите
ти се намалува после секоја
испиена чаша: небаре алкохолот
брише пласт по пласт
од посветените бдеења
над сите можни сценарија
од сонот.
сонуваш бесни скандинавски
птици, крволочни клунови
и втренчени очи кои ти велат:
потчини се или очите
ќе ти ги исколвам. страв ти е:
во последно време често мислиш
како ќе се снаоѓаш во светот
кога ќе ослепиш. те дрма
отсуството на ако: толку
ли сум помирен со предодреденото,
се прашуваш. оној глас којво
стивнато ехо понекогаш ти даваше
одговори, сега е нем. како резанка
мирисен лимон која со денови се сушела
заборавена на шанк. наоколу има пепел.
темносива е лузната на ноќта,
птиците се занемени. можеби
конечно заспале, да земат душа,
помислуваш и во тоа наоѓаш зрнца
утеха; нејасно ти е но негде во себе,
зад умот и мислите, насетуваш утеха
и смисла која не знаеш како да ја споделиш.
црни ти се лузните под очите,
тивко дишеш во ноќта; смешен
во својот страв дека би можел некого и нешто
да разбудиш во овој свет во кој љубовта
одамна станала дозиран ламтеж
пред еутаназија.
НИЗ НЕЖНА СВИЛА – Игор Исаковски
вечерва мириса на времето
од нашата прва средба:
студ во воздухот,
оган во градите,
ламтеж на усните –
така мириса ноќва…
мисли на тој мирис,
вдиши нè нас од минатото
и нас од иднината –
ние сме, сила постојана,
неповторлива, како мирисот
на твоите бедра под моите усни,
расцутени полиња полни мудрост
и незгаслива жед: сол и мед
процедени низ нежна свила
во која светлината се оплодува…
26.10.2014, 02:53
:: Илинка Делчева ::
Цела недела мислам и секогаш ми е така, кога најмногу треба да напишам нешто за близок, кога посакувам тоа да е убав текст, без патетики, да зрачи со искреност и мудрост, ми недостигаат и зборови и ум.
Тарашкав по сеќавањата, се присетував на случки и разговори, но ништо не успеав да срочам во писание.
Го препрочитав интервјуто што го правев со Игор и се трогнав од неговата актуелноста и денес.
И Игор би ми рекол, ништо со сила и заради допадливост или затоа што некој го очекува тоа од тебе.
Можеби ќе ми дојде нешто денес, можеби утре, кога нема да бидам под чуден притисок..
…
пет години без Игор.
на денов си го препрочитувам интервјуто и ми навираат сеќавања од Големата соба.
неговиот глас го чува една касетка за диктафон.
неизвадена беше 6 години.
пред некоја недела, кога го правев разговорот со Масин, првпат ја извадив и сакав да снимам со диктафонот. батериите беа „истечени“, диктафонот неуботреблив.
остана гласот.
:: Интервју со ИГОР ИСАКОВСКИ :: ИМА СÈ ПОМАЛКУ ЗБОРОВИ ИЗВАДЕНИ ОД ЏИГЕР
Имаше повеќе искреност и човештина во нашите р`чкања, наздравувања, пцовки
и расправии, отколку сите тапшања по рамо, лажни скромности и суети во разни салони на друштва на писатели и поетски фестивали.
Јас можам да го слушнам сеуште твоето: „Луд си копиљ!” … ко да си надвор негде и постоиш!
А ваљјда и ти моето: “Фалиш…”
Слушаш?!
Се надевам си најде мир…