::Став наместо Страв::
::4:: Некултурата и неписменоста како придобивки од модерната држава во XXI век
од Елизабета Линднер
© SlovoKult::Literatur/a:: сите права задржани
(Ова НИЕ е во името на сите истомисленици со кои соработувам или колегијално се поддржувам)
Секако дека не сме изненадени од тоа дека Министерството за култура на Македонија не му додели средства на СловоКулт – ние не сме државни љубимци, бидејќи ние промовираме прогресивни уметнички и книжевни творци, кои имаат што да кажат, а тоа што го кажуваат не и’ одговара на ниедна држава, не само на македонската. Кај нас нема лигавење од типот дај што даш или сакам-да-бидам-писател или уметник, кај нас има само квалитетни и селектирани умствени и уметнички творби – и пред сЕ – критички и во размена со германското говорно подрачје! Ние промовираме прогресивен културен интернационализам, а Министерството за (не)култура сака насилно да ви наметне национализам.
И не сме единствените. Голем број вредни, па дури и врвни! проекти се исклучени од финансирањето за 2019 година. Повеќето од проектите што добиле поддршка не само што немаат никаква културна вредност, туку тие додатно ќе ја поткрепат неписменоста и отупувањето на граѓаните и, за жал, ќе го прошират националниот јаз меѓу Македонците и Албанците, кои барем на културно ниво немале конфликт.
Иако до некаде ни е драго што не сме во друштво на некои ШКЉ-проекти, сепак, тоа не значи дека не треба да се срамиме за одлуката на оваа срамна институција. Списоците што ги објави Министерството за некултура се бучкуруш или помија, а треба да бидат култура за 2019 година. После проверката на истите, ние вистински се плашиме за иднината на нашата земја, за иднината на умствените способности на нејзините граѓани и се плашиме од примитивноста и пропаста која ни претстои и како народ и како култура.
Неписменоста на младината и поддршката на некултурата се двојна придобивка за државата: од една страна се перат пари – односно се даваат на институции, кои се грижат да се одржува неписменоста, а од друга, се отвара поголема можност и веројатност за манипулација на нееволуираните умови и наметнување некултура – бидејќи еволуираните веќе ја напуштиле или ќе ја напуштат државата, а тие што ќе останат ќе се изолираат и ќе чекаат да им дојде крајот.
Бидејќи лутината изречена на фејсбук нема да доведе до промени, не постои друг начин за (р)еволуција на умот, освен да се здружите и да побарате правда во одлуката на оваа срамна институција.
Друга опција е ВИЕ да ги поддржите оние проекти што мислите дека треба да постојат – исто како што поддржувате болни луѓе за да одат на лечење, бидејќи на државата баш и’ е гајле за животот, исто толку колку што и’ е гајле за писменоста (образованието) и културата и пред сЕ за вашите умови. Таа и сака глуп народ, за да биде силна.
Ние нема да бараме донации, туку ќе ви понудиме да купите извонредни книги од важни автори и наградувани преведувачи. На тој начин ем вие ќе имате храна за својот ум, ем ќе одржувате квалитет, кој државата по секоја цена сака да го уништи.
За тоа дека Министерството за култура е државна институција и дека штити поинакви интереси, а со самото тоа е неспособно да си ја врши дејноста како што доликува, зборува и Томас Бернхард во романот “Сечење шума” – во превод на Елизабета Линднер, награден БАШ од Министерството за култура на Австрија во 2011 година.
Факт е дека писателите и уметниците добиваат државни признанија дури многу години по нивната смрт, па така, Бернхард е денес (утре ќе бидат точно 30 години од неговата смрт!) еден од најважните автори за австриската држава, која дава пари да се промовира неговото творештво, а со самото тоа, самата таа да се стави во некое либерално и прогресивно светло… Романот сега за сега ќе го најдете во Галерија Акантус, Дебар Маало, а наскоро и на други продажни места во градот и во други градови. Останете на линија::
Ви благодарам за вниманието и однапред за поддршката::
Срдечно од Берлин:: Елизабета Линднер
::Извадок од романот:: Томас Бернхард::