:: Извадоци од нашите изданија кои се во продажба :: 

Рајнер Марија РИЛКЕ ::

Рајнер Марија Рилке :: Избрана поезија :: Арт Еквилибриум, 2020

Слики во книгата :: Катрин Салентин (насловна), Дијана Томиќ-Радевска, Елизабета Линднер Костадиновска ::

Превод :: Елизабета Линднер

На нашите настани со секоја книга ќе најдете и поволни принтови со песна ::

 

 

 

 

 

Извадоци ::

:

 

РИЛКЕ на СловоКулт :: Љубена :: Седма елегија ::

Огист Роден :: Тритон и Нереида ::

Како што забележавте, сликата која е обработена од Катрин Салентин за ова издание на книгата (всушност ќе најдете повеќе слики – сите се со дела од Роден!) ја содржи скулптурата :: тритон и Нереида :: од Огист Роден, а и на СловоКулт поезијата од Рилке е надополнета со негови дела. Тоа не е случајно. Роден и Рилке стапиле во контакт, Рилке дури некое време и работел за него како секретар (впрочем промотер за Германија) и пишувал статии и држел говори… Рилке сериозно се посветува на пишување за уметноста на Роден, и иако нивните патишта бргу се разделиле, тие се ценеле еден со друг како уметници.

Делото “Роден” (Rodin) е издадено во склоп на собраните дела на Рилке, а ние ви презентираме извадоци во превод на Елизабета Линднер ::

 

:: И доколку од скулптурата на средниот век погледот се свртел наназад кон антиката и повторно излегувајќи од антиката кон почетокот на неискажливи мината, зарем не се чинело дека човечката душа повторно и повторно, во светли или вознемирени пресврти, ја посакувала оваа уметност, која дава повеќе од збор и слика, повеќе од алегорија и илузија: ова едноставно отелотворување на нејзините копнежи или стравови? Последен пат имаше голема скулптурна уметност во ренесансата [145]; тогаш, кога животот се беше обновил, кога се пронајде тајната на лицата и големиот гест што беше во раст.

А сега? Зарем не беше повторно дојдено времето што иташе по овој израз, по ​​ова силно и проникливо толкување на она што беше неискажливо во него, збркано и загадочно? Уметностите некако се беа обновиле, ревност и очекување ги исполнија и оживеаја; но можеби токму оваа уметност, скулптурата, која сè уште негодуваше во стравотноста на некое големо минато, требаше да биде повикана да го најде она, по кое другите со опипување и копнежливо трагаа? Мораше да може да му помогне на едно време, чие мачење беше тоа, што скоро сите негови конфликти се наоѓаа во невидливото. Нејзиниот јазик беше телото. А ова тело, кога последен пат беше видено? Слоеви и слоеви од носии се беа наталожиле врз него, како премаз од боја што постојано се обновува, но под заштита на овие кори, растечката душа го беше променила, додека задишено работеше на лицата. Тоа стана нешто друго. Ако беше сега откриено, можеби ќе содржеше илјада изрази за сето она што беше безимено и ново, кое во меѓувреме се беше појавило, и за оние стари тајни, кои како непознати речни богови се издигнуваа од несвесното, кревајќи ги своите разлеани лица од шуштењето на крвта. А ова тело не можеше да биде помалку убаво од она на антиката, мораше да има уште поголема убавина. Уште два милениума подолго животот ќе го задржеше во свои раце и ќе работеше на него, ќе го наслушнуваше и чукаше со чеканот дење [146]- ноќе. Сликарството сонуваше за ова тело, го украсуваше со светлина и го пронижуваше со самрак, го опкружуваше со сета нежност и воодушевеност, го осеќаше како цветно ливче и оставаше да биде понесено од него како од бран, – но скулптурата, на која тоа ѝ припаѓаше, сè уште не го познаваше.

Пристигна една задача, огромна колку светот. А тој што застана пред неа и ја виде, беше еден непознат, чии раце тргнаа по леб, во темнината. Беше сосема сам, и доколку беше вистински сонувач, ќе смееше да сонува убав и длабок сон, сон кој никој не би го разбрал, еден од оние долги, долги соништа низ кои може да помине цел еден живот како еден ден. Но, овој млад човек, кој заработуваше за живот во мануфактурата во Севр, беше сонувач на кого сонот му се спушти в раце, и тој веднаш започна со неговото остварување. Чувствуваше каде треба да се започне; сталоженоста што беше во него му го покажа мудриот пат. На ова место веќе е откриена длабоката сообразност на Роден со природата, за што поетот Жорж Роденбах, кој буквално го нарекува сила на природата, знаеше да каже толку убави зборови. И навистина, во Роден постои една темна трпеливост што го прави речиси безимен, тивка, надмоќна трпеливост, нешто од големата трпеливост и добрина на природата, која започнува со едно ништо, за тивко и сериозно да се изоди далечниот пат до изобилството. Ниту Роден не претпоставуваше дека сака да прави дрвја. Започна со никулецот, подземи истоветен. И овој [147] никулец растеше удолу, спушташе корен по корен надолу, закотвувајќи се, пред да започне да пушта мал ркулец и угоре. За ова требаше време и време. „Човек не мора да брза“, им велеше Роден на неколкуте пријатели кои ги имаше околу себе, кога овие го бодреа да поита. ::