::Став наместо Страв::
:: Corona reality check :: 1 :: 2 :: 3 ::
23.06.20
:: Совесните го трчаат почесниот круг во хрчачкото тркало на историјата или одговорноста за повторувањето на историјата ::
:: Поздрав од иднината ::
од :: Елизабета Линднер ::
© :: сите права задржани :: текстот, ни во целост ни во делови, не смее да се преземе без одобрение од авторката.
Навистина мислев дека нема да се навратам на пишувањето уште еден коронален текст, ама не може поинаку, бидејќи морам да се надоврзам… на претходните есеи, на минатото, на иднината… Значи драги СОВЕСНИ граѓани, вие прекрасни и паметни, интелектуалци и останати, вам ви се обратив уште во првиот текст кога баравте тоталитаризам, а сега кога го добивте, повторно ви се обраќам, за да не заборавите, дека ВИЕ сте најмногу одговорни за состојбата во која сме и дека ВИЕ ќе бидете виновни за иднината што не доаѓа… на светско ниво, а особено во малата слатка Македонија на Трпе велики. Ви се обраќав и на ФБ, се разбира, бидејќи таму се одвива главното критикување на целокупноста што се случува. Уште не ви е јасно дека ВИЕ сте тие што земјата и Светот ги доведовте до овде? Дека одговорноста за катастрофалната состојба на сите сегменти од системот е ваша, а не на оние кои немале шанса да се стекнат со образование и просветлување?
Не знам од каде да почнам, каде да продолжам, ама ајде вака: сите ние со дипломи и со некакви позиции сме одговорни за ова што се случувало до сега, што се случува и ќе се случува. Не се тие што слават свадби и празници и не знам што, НЕ, НИЕ!
Дозволивме сите информаци да се претворат во оружје вперено против човештвото и планетата. Дали сериозно сите го оставивме животот и се занимаваме со бистрење политичка медицина или медицинска политика? Па дали животот на децата зависи од бројки или од факти? Од човечко достоинство или од лажни вести и нездравост? Или од разумно справување со можностите, кои сами си ги одземаме, бидејќи сме ставени во ситуација на психопатија, а таа произведува психопати, бидејќи и не може поинаку. Да се осврнеме околу себе, да се осврнеме кон себе – навнатре, да видиме до каде сме… Што ќе гледаме – до нигде не сме, бидејќи трчајќи го вртиме хрчакото тркало, се движиме а тапкаме во место, како што тапкале и нашите предци, од кои потекнува и изреката: историјата се повторува, да не речат, ја повторуваме историјата, бидејќи вината, се разбира, секогаш е или неутрална, неискажана или оди кај другиот… Ама доста беше, еве ние можеме да речеме: ја повторуваме историјата. Да, ние, сите тие што треба да бидат дел од донесувањето здрави одлуки за системот и општеството, напредни и насочени кон квалитет и обнова, а не кон ненаситен конзум и уништување, ама не, наместо да поставуваме прашања и да критикуваме, ние се пентариме на тркалото и јуриме кон никаде, ни лево, ни десно, право кон назад, напред во место.
Дали никој не приметува дека сликите за будење чувства (од болнички персонал и сл.) се направени од агенции за пиар? И дека се дел од една совршена пропаганда? Дали никој не приметува, дека нема веќе ни грам побуда да се смени нешто на подобро? Дали сите имаат само патетика и кукање на располагање? Дали сите се оддадени на вести и прес конференции? Зарем заборавивте дека постои живот, ама дека сите катастрофи започнуваат со извртување на чувствата и мислите, одземање на “нормалноста” која ТОКМУ заради повторувањето на историјата и не постои, бидејќи пречесто се одземала, а не се враќала. Ни сега нема да се врати, зашто повеќето интелектуалци (како и порано) не се во можност да го спречат нејзиното одземање, а не па да го овозможат нејзиното враќање – нема да ја вратиме, бидејќи со векови ни се испушта од раце и никогаш не успеваме повторно да ја воспоставиме… Не, ние со тркалото постојано одиме во економски напредок кој има смисла само за еден мал процент на планетава и нивните потрчковци што имаат поубавки хрчачки тркала. Е па мислам дека ова ни е последната шанса да пробаме да се соземеме, зашто ако и оваа последна “нормалност” ни отиде, отидовме сите – не со корона, туку со немање воздух. I can’t breathe, не можеме да дишеме. Ама добро е, на некои тоа им одговара, развиваат дури и некој вид фетиш со маските, а и не е лошо да тренираме со маските, пошто наскоро ќе ни се дадат гас-маски, па нема ни да има потреба да се познаваме и препознаваме, ќе гледаме да дишеме и да си бегаме дома – ако сме среќни да ја имаме, бидејќи многумина ќе ја изгубат, а ќе добијат може кревет во некој ДОМ наместо дома, кој ќе наликува на логор – а сите ќе си добиеме сериски броеви наместо имиња и апови наместо документи.
Не е ова ни прва ни последна дистопија за книжевно дело, ама оваа нема да биде само фикција… Веќе ја гледаме, а наскоро нема ни да ни биде чудна, бидејќи ништо друго не знаеме, освен да поддржуваме одземање на нормалноста и создавање кризи и катастрофи – толку нè бива, дипломирани и докторирани креатори на човекови несреќи, ама убедени дека правиме многу и даваме сè за човештвото – а впрочем го уништуваме до срж. А она што е најтрагично ГЛЕДАМЕ и знаеме дека е така, ама сепак зашеметеноста предизвикана од пропагандата (сега од ковид) не ни дозволува соодветна реакција – трчаме хрчачки напред кон никаде, со маски, се разбира, и мудрување по фејсбук.
Па дали броиме колку здрави клетки ни остануваат во главите? Или психопатијата ни станува новата нормала?
Мене не. Мене срамот ме јаде. Се срамам од сите и од себе… Се срамам за секој згаснат живот во Јемен, Средоземно море, Авганистан, Сирија, Либија… Се срамам за секое гладно дете во светот и во Европа, се срамам за сиромаштијата, неправдата, Втората и Првата светска војна, се срамам за Светската војна што не престанува, вие не? На ковид 19 сте навлечени? Јас сум на ужасот од војната што не сме ја спречиле, а сега повторно дозволуваме да се подели и затвори светот, да се омаловажат животите под изговорот дека се спасуваат преку инсценирана тревога и повикување на моралност и солидарност… сите базираат на податоци кои се непроверени, зашто НЕМА КОЈ да ја провери нивната веродостојност.
Совесните отсекогаш ги почитувале законите, совесните отсекогаш биле фини граѓани на секоја држава, совесните отсекогаш биле послушни слуги на своите стопани, совесните отсекогаш молчеле и биле одговорни за сите војни… бидејќи не биле во состојба да поставуваат критички прашања, да се спротивстават на ниедна неправда, на ниедно одземање на “нормалноста”. Зашто совесните се секогаш или уплашени или конформисти или и двете.
Зашто како и во секоја војна, прво настанува бунило во кое треба само на луѓето да им се стават сериски броеви и кодови, да се сотре и она последно човечко достоинство што треба да им се покаже на децата, за да знаат како се гради иднина…. е тука се закопуваме повторно, пошто иднина не сме во состојба да достигнеме – барем не без последната нормалност и желба да се избавиме од вечната ненормалност – преку љубов кон ПЛАНЕТАТА, а не кон ЖИВОТИТЕ НА БЕЛЦИТЕ, бидејќи ако ни беше до животите на ДРУГИТЕ, тогаш немаше да гледаме како се распаѓа светот во бомби и човечки жртви, сиромаштија и одвратност. Ама не, НИЕ се будиме само кога НАШИТЕ бели животи се во прашање, а тоа будење за жал е само СОучество во една нова катастрофа за целиот свет. Џабе сме читале најблескави умови, ЏАБЕ е, корона и ковид предизвикуваат амнезија,
мозочна ампутација, претворање во други личности… Тоа не се распознава во реалноста без нормала… Мозоците се посветени на бројки и надежи што не постојат, замешани со убеденост дека се прави она најдоброто, ДА, најдоброто, исто како во нацистичка Германија, сите биле убедени дека го прават најдоброто, молчеле и кимале со главите за “подобра иднина”, како први, така други, така сите, браво, браво. Чопоративно со паметот напред во тркалото, хрчачки, – што е секако голем напредок за моќните, совршена дресура дури и без морков, значи уште повеќе добивка, не мора да се трошат, треба само да си земаат – паричките си ѕвечкаат во истите сефови и банки, додека маскираните ги вртат почесните кругови на тркалото од историјата, убедени дека ТАКА ТРЕБА, без да приметат дека курцшлусот е ист, само играта е малку поинаква, а и исходот ќе биде ист: попречување на иднината.
Време е да се напушти хрчачкото тркало… инаку местото кај што тапкаме нема веќе да биде соодветно и наменето за
живот… А ако смртта од ковид е навистина пострашна од сите други смрти… тогаш можеме да си продолжиме со тркалцето, хоп хоп, исто ни се фаќа, сите ќе си умреме, зошто да го напуштаме повторувањето на историјата? Доволно е да констатираме на ФБ: Таков народ сме, за ништо не нè бива – а во себе си мислите, тие простите, нормално, не ние, паметните, што сè прават како што ќе им се каже, послушни, фини, срцки… А историјата пак ќе си се повторува, баш дека најфините се најфини и најпаметни, како и секогаш и засекогаш – е, арно ама тоа засекогаш е сега многу скоро, зашто речиси стигнавме до никаде… Освен ако тркалото не нè исфрли и не се закочи, па да не можеме да се вратиме на него и да мораме да трчаме навистина, – ама во секој случај ќе мора тоа да го правиме подобро од партиските потрчковци што гигантското тркало вистински ќе го инсталираат во нашето општество за да можат и понатаму да симулираат напредок во место.